Грчкото бизнис лидерство и „огненото крштевање“ на отворениот Балкан
Каква е врската помеѓу ставовите на двајцата мои грчки колеги и „раѓањето“ на отворениот Балкан.
Моето коморско патешествие по Балканот започна во декември 2005 година во Атина. Тоа беше редовна седница на Асоцијацијата на Балканските комори чие претседателствување од Грција го презеде Македонија. Џорџ Касиматис, претседателот на Унијата на грчките комори и претседател на Комората на Пиреа, во присуство на половина грчка влада, им порача на присутните грчки новинари, кои реагираа на нашата маркетиншка презентација на која пишуваше Македонија: „Ова е бизнис, не политика и ако нешто не се согласувате можете да излезете“, што го обележа моето пријателство со него, и на билатерален, и мултилатерален план во рамките на Еурочембрс (Eurochambers), каде ја извршуваше функцијата – потпретседател. Токму таа реченица, изговорена во услови на големи политички проблеми околу името, го постави темелот на моето уверување дека и на Балканот постојат бизнис-лидери кои можат да бидат кохезионен фактор на регионална соработка и ме натера да се посветам на создавањето мрежа токму на такви личности.
Република Грција е наш значаен економски партнер. Со неа делиме граница од 234 км, Република Грција има БДП од глава на жител од 24,588 американски долари, извоз од 92,925 милијарди американски долари и е еден од нашите пет најголеми трговски партнери. Вкупната трговска размена со Грција за периодот јануари-април годинава, изнесува 292,2 милиони американски долари со раст од 27,9 проценти во однос на истиот период минатата година. Извозот евидентира раст од 17,27 проценти, додека увозот од 31,5 проценти. Трговски дефицит е 159,6 милиони американски долари, а Грција е четвртиот трговски партнер на Северна Македонија. Да не зборуваме за огромното значење на солунското пристаниште низ кое поминуваат речиси 1 милион тони стока, наменети за нашата земја или од неа и транзитираат најмалку 25.000 контејнери.
Пандемијата на корона вирусот ги забави нашите планови, после решавањето на прашањето со името, да ги засилиме економски релации. Затоа, за да ја верификуваме долгогодишната соработка што ја имаат двете најголеми бизнис асоцијации од Грција и нашата земја, на 17 јуни 2021 година, со претседателот на Унијата на грчките комори и на Атинската комора за трговија и индустрии, Константинос Михалос, потпишавме Меморандум за соработка. Потпишувањето на Меморандумот со Атинската комора и договорената средба со претседателот Михалос беше конкретно прецизирање на новата Агенда на нашата соработка за отворање нови перспективи во насока на зголемување на трговската размена, зголемување на инвестициите, како и подобрување на условите за работа на бизнис заедниците од двете земји.
Токму затоа, веста за смртта на Константин Михалос е тешка загуба за реализација на идејата, Грција да се врати на позициите од пред кризата во 2008 година и да биде наш најзначаен економски партнер. Студентот од Универзитетот во Есекс во Обединетото Кралство и постдипломецот на Лондонската школа за економија, докажаниот бизнис и коморски лидер, со својата смрт ни создаде уште поголема обврска да ја реализираме нашата идеја, без никаков исклучок.
Пожарите кои деновите беснеат на Балканот како да ја ставија на проба минатонеделната иницијатива за создавање нова регоинална платформа во која бизнисмените од трите земји-основачи, вложуваат голема надеж. Но, тоа може да се направи само со личности како моите грчки колеги, коишто во целиот период на соработка, политиката ја имаат ставено на страна. Ако политиката беше пречка за целосно остварување на ЦЕФТА, тогаш јасно е дека отворениот Балкан мора на старт да го расчити тоа прашање.
Пораките на политичките лидери на Северна Македонија, Албанија и Србија го најавија тоа, но за секој случај бизнисот јасно пред нив ги истакна своите заложби да не се повторат грешките од минатото.
Сѐ на сѐ, изминативе две недели донесоа нови предизвици во нашата Комора, која е најголемата и најбројната бизнис заедница кај нас, но и институција со голем авторитет меѓу регионалните комори. Ние одиме понатаму и веднаш презедовме две активности: нарачавме меѓународна студија за позитивните и негативните импликации за бизнисот во отворениот Балкан, но испративме и писмо до сите наши членки за нивните позиции во рамките на новата платформа. Со тоа докажавме како професионално и одговорно да се поставиме во остварувањето на нашата основна цел: да им служиме на интересите на нашите членки!
(Авторот е претседател на Стопанската комора на Северна Македонија)