Заев и Ахмети ќе се поддржат во прв круг во Скопје, Чаир, Сарај, Кичево и во Куманово

Според информациите проблем на СДСМ за поддршка на ДУИ уште во првиот круг за Тетово не е само тоа дека кандидат е владиниот партнер, лидерот на Беса, Билал Касами, туку и дека актуелната градоначалничка Теута Арифи само со 3 отсто е пред Касами во анкетите.

1,910

ДУИ во првиот круг ќе го поддржи Петре Шилегов за градоначалник на Скопје, а СДСМ ќе возврати поддршка за Висар Ганиу за Чаир, Блерим Беџети за Сарај и Фатмир Дехари за Кичево, односно таму социјалдемократите нема да номинираат свои кандидати

Ова, според брифинзи од партиите, е дел од пакетот за поддршка помеѓу владините партнери Зоран Заев и Али Ахмети договорен на вчерашниот состанок за соработка на локалните избори.






Неофицијално, договорено е во првиот изборен круг ДУИ да не оди со кандидат во Куманово, туку да го поддржи кандидатот на СДСМ.

Според информациите, СДСМ ќе оди со кандидат во Тетово и во Гостивар и договорена е заемна поддршка во вториот изборен круг во зависност од тоа кои од кандидатите ќе влезат за избор за градоначалник.

Нема информации дали СДСМ во Струга ќе оди со свој кандидат како на изборите во 2017 година. Неофицијално и сега притисокот на локалците од СДСМ од Струга е да се оди со свој кандидат.

Заев вчера по средбата со Ахмети на Фејсбук објави дека имал одличен состанок со коалицискиот партнер Ахмети.

„Се договоривме дека СДСМ и ДУИ заедно ќе настапат на претстојните локални избори. Заедничка ни е целта во предизборната коалиција да се вклучат што е можно повеќе партии од владината коалиција. Во тек се постапките за избор на најдобрите кандидати – тоа ќе бидат личности кои умеат и кои се подготвени да го дадат најдобриот резултат за граѓаните во секој град, во секое село, во секоја населба. Меѓусебната поддршка во некои општини ќе си ја дадеме уште во првиот круг на изборите, а во други општини ќе се поддржиме во вториот круг. Согласни сме дека институциите имаат и обврска и капацитет да испорачаат целосно демократски, професионални и фер локални избори“, напиша Заев.

Ова значи дека Ахмети попуштил и не инсистирал Заев во Тетово да ги поддржат уште во првиот изборен круг.

Заев денеска изјави дека коалицијата е стабилна.

– Многу ни е важно целата коалиција да опстојува, но сите имаат права да бидат различни заради тоа што се локални избори – избори на личности. На граѓаните им се важни партиите и коалициите, но важни им се и кандидатите и кандидатките за советници и градоначалници. Парламентарното мнозинство е стабилно, разбирачката помеѓу нас е огромна, шанса ќе добие секој и нема  да дозволиме било какво билатерално договарање во оваа голема коалиција да наштети на трета партија од коалицијата. Токму како најголем партнер во оваа коалиција сме максимално посветени да се бира најдобриот квалитет на кандидати и кандидатки за градоначалници и советници во било која општина. Полно внимание имаме како за Штип, така и за Карбинци, како што имаме за Кочани, така имаме и за Дебар. Секаде граѓаните се многу важни за нас и верувам дека ќе направиме најдобра селекција на кандидатките и кандидатите – рече Заев.

Според информациите проблем на СДСМ за поддршка на ДУИ уште во првиот круг за Тетово не е само тоа дека кандидат е владиниот партнер лидерот на Беса, Билал Касами, туку и дека актуелната градоначалничка Теута Арифи само со 3 отсто е пред Касами според анкетите. Неизвесно е дали Ахмети ќе остане на предлогот Арифи да ја кандидира за трет мандат во градот под Шара или ќе има нов кандидат.

Засега нема информации и дали лидерот на ДУИ ќе опстои на предлогот Рамиз Мерко повторно да го кандидира за градоначалник на Струга.

Поврзани содржини