Хит диети на 20. век

Една од најпопуларните диети во текот на раниот 20 век била Бантинговата диета, смислена во 1863. година од страна на Англичанецот Вилијам Бантинг, сопственик на погребно претпријатие кому таа диета му помогнала да ослабне. Бантинговата диета е богата со протеини и малку јаглени хидрати.

436

Пренесуваме текст од британска историчарка (Миријам Викс Хег) за популарните диети на 20 век. Некои појави (повеќе) се поврзани со западниот свет на 20 век, но корисно е да се запознаеме со корените на современите хит диети кои се популарни и кај нас. Ова е исто така потсетник на трендовите што ги следеле нашите баби, мајки, а потоа и ние.

Хит диетите не се карактеристични само за 21 век. Всушност, тие исто така биле популарен начин за губење на тежината и подобрување на здравјето на луѓето во 20 век. Иако оттогаш многу работи се променија – вклучувајќи го и она што го знаеме за исхраната и слабеењето, многу од хит-диетите на кои денес се придржуваме (или се обидуваме да се придржуваме) имаат сличности со оние што биле популарни во 20-от век.






Почеток на 20 век

Зголемувањето на телесната тежина стана важно во почетокот на 20 век благодарение на новите докази за поврзаноста помеѓу дебелината и предвремената смрт. Како и многу диети денес, диетите од почетокот на минатиот век ставаат акцент на нискиот внес на јаглени хидрати и забраната за внесување шеќер.

Бантинговата диета

Една од најпопуларните диети во текот на раниот 20 век била Бантинговата диета. Диетата е смислена во 1863. година од страна на Англичанецот Вилијам Бантинг, сопственик на погребно претпријатие. Таа диета му помогнала лично нему да изгуби тежина. Се појавила во многу здравствени прирачници и женски списанија. Бантинговата диета е богата со протеини и малку јаглени хидрати. Свинско, пиво, компир и леб се избегнуваат.

Фокусирањето на Бантинговата диета на избегнување јаглехидрати воспоставило тренд за другите популарни диети од тоа време. На пример, сувата диета вклучува земање само половина литар течност на ден. Забранети се супи, сосови и алкохол, а треба да се избегнуваат колачи, бел леб, компири и шеќер. Друг план за исхрана кој е објавен во 1905. година во списанието Home Science Magazine, им препорачува на читателите да избегнуваат јаглени хидрати, премногу течности, слатки и да пешачат шест и пол километри на ден.

„Нова жена“

Сè до дваесеттите години од минатиот век, слабеењето не ги интересирало само жените. Но, сè до меѓувоениот период (20-ти и 30-ти години на 20 век), здравствената грижа за телесната тежина изедначена е со тогашните претстави за убавина кои барале виткост. Тоа довело до тоа што многу диети биле пласирани исклучиво за жени.

Во текот на 1920-тите, појавата на женскиот идеал на „Нови жени“ со тенки, андрогени контури, заедно со зголемувањето на куповната моќ на жените, можно е исто така да влијаело на популарноста на диетите во овој период. Како што е детално опишано во списанието Woman’s Outlook, „манијата за намалување на внесот на маснотии“ се проширила низ Велика Британија до 1926 година. Домашните скали за мерење на тежината исто така станале вообичаени (на запад), овозможувајќи им на луѓето лесно да ги следат промените во телесната тежина.

Сето ова довело до многу различни планови за исхрана и книги на оваа тема. На пример, диетата на Хеј (која ја смислил докторот Вилијам Хеј) препорачувала да се избегнуваат одредени комбинации на храна со цел да се одржи рамнотежата во организмот.

Книгата Slimming for the Million на Јустас Чесер од 1939 година препорачала мал внес на јаглени хидрати и голем внес на протеини. Чесер препорачувал да се јадат сланина, јајца, посно месо и свеж зеленчук. Неговите претстави за исхраната влијаеле на Аткинсовата диета (во 70-тите).

Првите строги диети

Избегнувањето на јаглени хидрати останува оска на најпопуларните диети во меѓувоената Британија. Меѓутоа, некои диети – како Денот на салатата или Денот на постот – се фокусирале на ограничување на калориите.

На пример, 18-дневната диета, објавена во 1929 година од Дејли Мејл, препорачува избегнување на јаглени хидрати, но и следење на строга диета. На читателите им било кажано да јадат за ручек само половина грејпфрут, едно јајце, едно парче тенок сув тост, шест тркалца краставица и да пијат чај или кафе. Вечерата е ограничена на две јајца, еден домат, половина главица зелена салата и половина грејпфрут.

50-ти и 60-ти години на 20 век

Диетите за слабеење, се разбира, не постоеле за време на војната и за време на периодот на недостиг на храна по војната, но во ерата после тоа дошло до експлозија на комерцијални решенија за слабеење. Сè во име на негување на витко, згодно тело.

Кон крајот на 50-тите и раните 60-ти, културата на нега на тело преку диета се етаблирало како женски домен. Луѓето кои сакале да следат диета можеле да бираат од мноштвото начини на исхрана за намалување на телесната тежина. Просечната телесна тежина се зголемила како резултат на повоениот потрошувачки бум.

Како и порано, преовладувале диети со низок процент на јаглени хидрати – како брзи (срушена) диети, диета на третиот ден или нарцис диета чии творци тврделе дека таа дава „тенка фигура како цвет од нарцис“.

Нискокалорична диета

Кон крајот на 1960-тите, режимите на исхрана наменети за слабеење почнале да се фокусираат на ограничување на порциите и внесување што е можно помалку калории. Тридневната течна диета од 1968 година, објавена во списанието „Woman’s Own“, им сугерирала на читателките да консумираат само две јајца, два литра свежо млеко, сок од два големи портокали и една лажичка маслиново масло.

Исто така, било дозволено да се пие чај од лимон или кафе колку што ви сака душата (без шеќер). Ова требало да им помогне на следбениците да „заборават на слатките“.

Појавата на клубови за слабеење, комерцијализираните решенија за слабеење и хит диетите во овој период биле делумно поттикнати од препознавањето на врските помеѓу дебелината и лошото здравје. Но, тоа е делумно резултат и на изградените идеали за женската убавина.

70-ти и 80-ти години на 20 век

Популарните планови за слабеење станале повеќе од обични диети за слабеење. Во женските списанија, тие се повеќе се презентирале како алатки за самопомош на еманципираната жена. Постигнувањето успех и внатрешна рамнотежа барале контрола на телото преку диети и се повеќе вежби.

Воспоставувањето врска помеѓу фитнесот и здравјето довело до широко распространето појавување на фитнес студија со часови по популарни вежби како што е аеробик. Аеробикот е термин воведен од Кенет Купер во 60-тите, кој препорачува вежби и движења во теретана кои трошат многу енергија.

Диета со намален внес на маснотии

Диетите од 80-тите ѝ даваат предност на храната со намалена содржина на маснотии. Тие беа создадени како резултат на воведувањето на здравствени насоки за исхрана, чија цел беше да се намали внесот на маснотии кон крајот на 70-тите и 80-тите.

Ф-план диетата беше една од најпопуларните во овој период. Таа препорачуваше да се јаде многу влакнеста храна, а да се внесуваат малку калории. Советуваше да се јадат мусли за појадок, салата од мешунки за ручек и посно месо за вечера.

Кон крајот на 20 век, диетите како што е Аткинсовата се вратија на акцентот на Бантинг за потребата од намалување на јаглехидратите со цел да се намали телесната тежина.

Враќање на почетоците

Хит диетите се сè уште популарни. Современите диети како што се кето или палео диетата имаат дури многу сличности со диетите со малку јаглени хидрати и ограничување на калориите, кои биле популарни во текот на 20 век.

Сепак, истражувањата покажуваат дека хит диетата всушност може да доведат до зголемување на телесната тежина и нарушувања во исхраната. Значи, иако привлечноста на хит диетата е разбирлива, доказите покажуваат дека урамнотежената исхрана и вежбањето се најдобрите начини за слабеење.

Фото: Freepik

 

Поврзани содржини