Ковачевски: Во Битола и регионот ќе се инвестираат 350 милиони евра за енергетиката и екологијата

Инвестициите во РЕК Битола во следниот период се во рамки на предвидената енергетска трансформација на комбинатот и движењето кон зеленото сценарио - вели директорот на АД ЕСМ.

208

АД ЕСМ за Битола и регионот најави три нови проекти – изградба на гасна електрана, фотонапонски електрани и топлификација за градот Битола, инвестиции со вкупна вредност од 350 милиони евра.

Според генералниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски, целта на сите овие проекти е да се засили енергетската трансформација која е во тек и за која, како што рече, имаме највисоки оценки како држава од страна на Европската енергетска заедница и да се вложи во обновливи извори на енергија низ државата, но и во регионот.






– Нашата политика со овие инвестиции се темели на два столба, односно да ја зачуваме енергетската стабилност на државата и истовремено да ја заштитиме околината и здравјето на граѓаните. Инвестициите во РЕК Битола во следниот период се во рамки на предвидената енергетска трансформација на комбинатот и движењето кон зеленото сценарио. Тука се когенеративната гасна електрана со моќност од 200-400 мегавати која ќе се користи и за производство на електрична енергија, како и за топлификација на Битола, и која ќе биде супституција за два од блоковите на РЕК Битола. Планираниот почеток на работа на оваа инвестиција е по завршувањето на грејната сезона 2025/2026 година. Вредност на инвестицијата во прва фаза ќе изнесува околу 100 милиони евра, односно вкупно 200 милиони евра – изјави Ковачевски.

Додаде дека во рамки на РЕК Битола ќе се градат и фотонапонски електрани, кои исто така се влезени во Интервентниот план за инвестиции. На почеток ќе бидат изградени две фотонапонски електрани од по 10MW и една фотонапонска електрана од 40 MW.

– Овие капацитети ќе бидат во целосна сопственост на АД ЕСМ, односно на државата – истакна Ковачевски.

Од АД ЕСМ најавуваат и проект за РЕК Осломеј, како и за пелагониските општини.

– Дополнително ќе се гради уште еден капацитет од 100 мегавати односно две фотонапонски електрани од по 50 MW, и тие ќе бидат изградени преку принципот на јавно приватно партнетство, односно ќе бараме приватни партнери како што е тоа сега случај во РЕК Осломеј, каде што сме пред потпишување договор со компании од Турција и Бугарија. За тој проект добивме особена пофалба од Европската енергетска заедница за успешно спроведување и на процесот на енергетска и на социјална транзиција. Друг значаен проект за градот Битола и околните населени места Новаци и Могила кои гравитираат кон РЕК Битола е Топловодната мрежа чија вредност е околу 35 милиони евра. Проектот е пред избор на изведувач. Очекуваме до крајот на месецот да потпишеме договор со избрана фирма и во текот на летото, а најдоцна есента, топловодната мрежа да почне да се развива. Овие три проекти кои ги наведов, гасната електрана, фотонапонските електрани и топлификација Битола, кои ќе бидат инвестиција во вкупна вредност од 350 милиони евра од страна на АД ЕСМ – нагласи Ковачевски.

На прес-конференцијата во РЕК Битола учествуваа членовите на управниот одбор на АД ЕСМ и директорот на РЕК Битола Златко Ќурчиевски.

Поврзани содржини