Една деценија со Плусинфо
Плусинфо е еден од најпопуларните и највлијателни интернет медиуми во Македонија, со доследна и независна уредувачка политика и со високи професионални и етички стандарди, препознаени како квалитет и имиџ на овој оригинален медиумски продукт и од публиката и од нашите деловни соработници.
На 9 мај 2011 година на македонската медиумска сцена се појави интернет порталот Плусинфо. Денеска одбележуваме 10 години од неговото постоење.
Немаме обичај да се фалиме со нашите достигнувања, дури ни во вакви, славенички прилики. Ќе го кажеме само она што веќе е општо познато – во сиве овие години Плусинфо беше и останува еден од најпопуларните и највлијателни интернет медиуми во Македонија, со доследна и независна уредувачка политика и со високи професионални и етички стандарди, препознаени како квалитет и имиџ на овој оригинален медиумски продукт и од публиката и од нашите деловни соработници.
Не беше лесно да се постигне таа цел во овие десет години. Работевме напорно и посветено, во услови на жестоки политички кризи, силни удари врз младата демократија, притисоци врз медиумите и врз новинарите, компромитирани институции, корумпирани елити и длабока поделеност на македонското општество.
Како и многу други, а понекогаш и многу повеќе од другите, бевме напаѓани со дезинформации, со говор на омраза и со изрази на нетрпеливост од разни страни. Но, истовремено, нè охрабруваше постојаната и уверлива поддршка од нашите соработници, од нашите многубројни колумнисти и пред сè од верните читатели. Нашата решителност да не прифатиме партиско афилирање како начин на опстанок и да инсистираме на вредностите кои ја маркираат нашата уредувачка линија, сите тие ја препознаа како храброст и доблест.
И затоа, во оваа прилика им се заблагодаруваме на сите коишто овие 10 години беа со нас, на патот по кој тргнавме од самиот почеток и од кој, ветуваме јавно, нема да скршнеме и во наредната деценија.
Упатуваме посебна благодарност до сите наши колеги и надворешни соработници кои беа или се дел од тимот на Плусинфо. Дел од нив во изминатите години беа ангажирани во други редакции или во работни средини надвор од нашата професија. Се радувавме на нивните успеси. За жал, има и такви кои веќе не се меѓу нас. Тагувавме поради големите загуби и со пиетет се сеќаваме на нивниот придонес во растежот на Плусинфо.
Остануваме заедно и во годините пред нас. Пандемијата нè спречи овој јубилеј да го прославиме со една пригодна дружба со нашите колеги, пријатели, деловни соработници и со читателите. Да сме сите живи и здрави, да ја пребродиме оваа криза и да се надеваме дека ќе се создадат услови наредниот роденден да го прославиме заедно.
Со почит,
Биљана Илиќ Героска
Главен и одговорен уредник на Плусинфо