Државата сѐ уште не е подготвена да ги прости каматите на долговите на граѓаните
Според она што беше најавено на презентацијата на Петтиот пакет мерки во февруари, мерката треба да опфати најмалку 180.000 граѓани на кои јавните претпријатија и другите државни компании и институции ќе треба да им ги избришат каматите на долговите, под услов тие да го платат долгот на 12 рати.
Граѓаните втор месец го чекаат најавеното простување на каматите на долговите постари од три месеци кон државните и јавните претпријатија, како и за даноци кон државата. Кога ќе се донесе законско решение за решавање на овој проблем, најавено како дел од Петтиот пакет мерки не се знае. Меѓу законите од овој пакет кои се на разгледување во Собранието денеска таков закон нема, а од Министерството за правда кое треба да го подготви немаат одговор што се случува со законот. Синдикатите велат дека законот треба што побрзо да се донесе и бараат исто како и компаниите системско решение со кое ќе се стави крај на проблемот. Граѓаните се задоволни што ќе треба долгот да го платат на 12 рати, само да ги одбегнат извршителите и блокираните сметки.
Од Министерството за правда кое треба да го подготви законот две дена не одговорија на прашањето на Плусинфо до каде е подготовката и кога ќе се донесе таков закон.
Според она што беше најавено на презентацијата на Петтиот пакет мерки во февруари, мерката треба да опфати најмалку 180.000 граѓани на кои јавните претпријатија и другите државни компании и институции ќе треба да им ги избришат каматите на долговите, под услов тие да го платат долгот на 12 рати.
– Целта ни е не веднаш да го вратат долгот, туку да склучат договори на 12 рати, тоа веројатно ќе го доразработиме со ратите, но и комплетно да ги избришеме каматите – изјави при презентацијата на мерките премиерот Зоран Заев.
Заев тогаш рече дека на овој начин и јавните претпријатија ќе го наплатат долгот.
– Имаме многу јавни претпријатија, државни и општински, коишто не може да ги наплатат и редовните сметки, поради тоа што ги книжат граѓаните како должници, а граѓаните не може и стари и нови сметки да плаќаат. Оттука намерата е да ги избришеме сите камати за долговите коишто се за физички лица, за граѓаните кои допираат до државните и општинските институции – рече премиерот.
Маријан Ристевски од Независниот синдикат смета дека овој закон треба да се донесе што поскоро и е добро што граѓаните ќе се ослободат од каматите кои се собирани со години, но, вели, покрај долговите кон јавните претпријатија, треба да бидат опфатени и долговите кон приватните компании.
– Овој закон се однесува само на јавните претпријатија, а долговите на граѓаните заедно со пресметаните камати се високи и кај приватните компании: ЕВН, телекомуникациските оператори, компаниите кои испорачуваат топлинска енергија. Таму има долгови кои се навистина големи. На пример, ако долгот на граѓанинот е 2.000 евра кога стигнал до извршување износот се зголемил на 5.000 евра. Како ќе го плати еден граѓанин кој има ниска плата или кој не зема редовно плата? – вели Ристевски.
Предлог на Независниот синдикат е овие долгови да се решат преку системско решение односно менување на Законот за облигационите односи.
– Предлагаме да се замрзнуваат каматите на долговите кога ќе го достигнат износот на долгот, а предметите пред извршител да застаруваат за три години, не како сега за 10. На пример, ако долгот е 5.000 денари каматата ќе се замрзне кога износот ќе достигне 5.000 денари. Така побрзо ќе се наплаќаат долговите, а и износите за камати кои се плаќаат ќе бидат пониски и поприфатливи за граѓаните. Тие ќе се обидат да го платат. Дополнително ќе се придонесе и за побрзо решавање на предметите пред извршител со намалување на годините на застарување на предметите. Сега имаме ситуација кога извршителите ги оставаат по неколку години нерешени предметите, а каматата и натаму расте па стигнуваме до ситуација за 2.000 денари долг граѓанинот да мора да плати 10.000 денари што е неиздржливо – вели Ристевски.
Ние баравме, додава тој, но не беше прифатено, владата во петтиот пакет мерки да овозможи и на граѓаните да им се даваат грантови за подмирување на долговите.
– Нашиот предлог е државата наместо граѓанинот преку тој грант да го плати неговиот долг за да нема малверзации со грантот. Значи, секој граѓанин што ќе добие таков грант за подмирување на долгот нема да ги добие парите на своја сметка, туку државата ќе ги уплати директно на компаниите кај кои должи граѓанинот – појаснува Ристески.
Од јавните претпријатија и компаниите кај кои најмногу должат граѓаните бараат проблемот системски да се реши, а не со чести измени на законот.
– ЕВН Македонија, како што беше случајот и во неколкуте претходни иницијативи поврзани со оваа проблематика, се залага за комплетни и систематски решенија на проблемот со заостанатите долгови. Во тој поглед, сметаме дека делумен отпис на побарувања, односно само на каматите на дел од побарувањата, нема значително да придонесе кон решавањето на проблемот со заостанатите долгови на корисниците – изјавија за Плусинфо неодамна од ЕВН Македонија.
Граѓаните се задоволни што покрај отписот на каматите ќе можат долгот да го платат на 12 рати, само да ги одбегнат извршителите и блокираните сметки. Лани извршителите и покрај четиримесечното запирање на извршувањето, граѓаните како должници наплатиле 24.662.033 евра притоа биле решени само 46 отсто од предметите.
– Добро ќе биде, ако се донесе законот барем каматите нема да ги плаќаме, зашто тие се оние кои го прават долгот да не може да го платиме – вели граѓанин.
Досега во земјава се донесени неколку измени на закони за отпис на камати и репрограмирање на долговите. Последен е од февруари за долгови на граѓаните до крајот на 2017 година и не ги опфаќа најавените долгови постари од три месеци.