Корупцијата е патолошка појава, најлоша заразна болест која ги зафаќа и нарушува темелните општествени вредности. Токму затоа и клучното прашање за начинот на кој функционира власта, кое во Македонија е доминатно присутно во јавноста уште од осамостојувањето на државата, е кои норми, етички, морални, политички, но и казненопоправни, мора да ги исполнуваат министрите и државните функционери за да бидат прифатливи за одговорните функции што ги извршуваат?
Каков мора да биде кодексот на однесувањето на носителите на власта и кога мора да преземат одговорност за за своите постапки? Кога се во прашање балканските земји, вклучувајќи ја без никакво двоумење и Македонија, сите искуства недвосмислено зборуваат дека целиот регион треба уште многу да работи за барем донекаде да се достигнат западноевропските стандарди.
„Не сум купила ништо освен две чоколади Тоблероне, пелени и цигари“. Со овие зборови, поврзани со можеби еден од најинтересните школски примери во контекстот на борбата против корупција, се бранеше шведската социјалдемократска политичарка Мона Салин, која стана позната во глобални рамки по т.н. „Тоблероне-афера“. Во периодот додека беше министерка за труд во почетокот на 1990-тите години, Салин ја употребила својата службен картичка за да купи, меѓу другото, некои ситни работи, но и да плати неколку казни за погрешно паркирање, а поради што неколку години подоцна мораше да поднесе оставка од функцијата вицепремиер и да се откаже од кандидатурата за нов лидер на шведската социјалдемократска партија.
Овој скандал несомнено јасно го покажува ригорозниот однос и нискиот праг за чувствителност кон корупција кога се во прашање високо позиционирани политичари во Шведска, но и во други западни земји. И други високопозиционирани шведски политичари поднесувале оставки поради сомневања за коруптивно однесување, како, на пример, поранешната министерка за трговија Мариа Борелиус, која, се повлече од функцијата откако беше обеледеното дека, пред да стане министерка, на црно ја плаќала дадилката на своите деца. И нејзината колешка од Владата, министерката за култура Сесила Чило, поднесе оставка кога медиумите објавија дека неколку месеци не ја платила радиодифузната такса.
Медуимската кампања е немилосрдна во ваквите и слични ситуации, кога на тапет ќе се најдат политичари. Мона Салин, за да покаже длабоко каење поради направените пропусти, не само што ги врати средствата неправилно искористени со службената платежна картичка, туку дури уплати и 15.000 круни (околу 1.500 евра) сопствени пари во државната каса. По поднесената опставка, сакајќи да се тргне од фокусот на медиумите, замина на одмор со семејството далеку од Шведска, во егзотичниотн Маурициус, но претходно добро се потруди медиумите да пренесат дека трошоците за патувањето до Индискиот Океан ги платила од сопствениот семеен буџет.
Нема никакво сомневање дека ваквите примери се исклучително важни за да може да се тврди дека напредокот во борбата против корупцијата најмногу се врзува за континуираните заложби и напори за јакнење на свеста на сите нивоа во општетството, за доследна примена на принципот на нулта толеранција за корупцијата.
Пред извесно време, патем речено, поранешниот француски претседател Никола Саркози беше осуден на три години затвор поради поткуп и вршење недозволено влијание, а што многумина ги потсети дека и поранешниот претседател Жак Ширак беше изложен на слична бламажа, кога беше осуден на две години условна казна, поради корупција. Има и низа други примери кои сведочат дека политичари и функционери во низа ЕУ-членки се импрегнирани од корупција. Но и последиците, одговорноста по нивните кареири, и казната, не секогаш ги заобиколуваат.
Принципот на јавноста во Шведска (Offentlighetsprincipen) претставува уставно право на граѓаните на увид во сите јавни документи на сите државни институции. Тоа право е вградено во уставот во 1766 година и многумина Швеѓани гледаат на тоа право како незаменлив и неизоставен дел на демократскиот систем. Затоа и остваките се доживуваат како логична последица, која исклучува невкусни компромиси во четири очи меѓу политичарите. „Метлата“ треба да работи и сега, во екот на пандемијата.
Еден од највисоките шведски државни функционери, генералниот директор на државниот орган за општествени кризи, лани, токму за божиќните празници, во деновите со најсилни препораки за воздржување од непотребни патувања, си дозволил да отпатува на Канарските Острови за да го прослави Божиќ со семејството. Гневот на граѓаните во однос на ваков пример на двоен морал тешко може да се контролира. Генералниот директор по неколку денови, откако се врати од Лас Палмас, си поднесе оставка. Живеј како што ги подучуваш другите, е девиза која често се користи во Скандинавија кога се зборува за моралот и политиката.
Во Македонија корупцијата функционира дури и како интегрирарн дел од политиката и политичките игри, обновувајќи се често како нормализиран начин на однесување меѓу носителите на јавни функции. Прашањата за најважните морални консеквенци во специфични ситуации речиси редовно завршува како дијалог и дебата на глуви. Какво објаснување може да им се понуди на македонските граѓани дека за нив е неопходно да стапи на сила полициски час, забрана на движење и „маратонско“ седење пред телевизија, додека државни функционери со своите семејства летнуваат кон фантастични дестинации, каква што е земјата на сомбрера и текила, Мексико, без оглед дали го одврзало кесето на семејниот приватен буџет, или, пак, нешто малку „капнало“ од соомнителни тендерски зделки.
Ако тоа е „поука за другите“, тогаш, онаа погоре споменатата скандинавска девиза, добива ново толкување, како народски општоприфатен кодекс на однесување, и тогаш може да гласи и вака: „Скромноста повеќе не живее тука“.