Едвај ќе се преброиме, ама после кога ќе удриме на толкување…
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Моцкоски вели дека дијаспората се евидентира, а не се попишува и дека ВМРО-ДПМНЕ ќе го признае само резидентното население. За Бујар Османи дијаспората е флуидна категорија и тешко може да се разграничи границата на резидентност.
Иако уште неодложен и неспроведен, извесно е дека и по пописот ќе има различни толкувања за тоа колку сме. Ова лесно може да се претпостави по вчерашните бурни реакции на функционери од албанскиот политички блок упатени до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Моцкоски, кој рече дека дијаспората се евидентира, а не се попишува и дека најголемата опозициска партија ќе го признае само резидентното население. Наспроти ова, партиите на Албанците и од власта и од опозицијата се децидни дека за тоа колку сме, ќе ја бројат и дијаспората.
Од Статистика не коментираат политички изјави и не навлегуваат во толкувањата на политичарите. Законот, велат, е јасен – се попишуваат две односно три категории население, резидентно, нерезидентно и вкупно попишани. За можни несогласувања упатуваат на автентично толкување на Законот за попис од Собранието.
Мицкоски во гостување на ТВ21 истакна дека тие ќе го признае само резидентното население во Македонија. Тој вели дека она што го прави дијаспората сега е едноставно евидентирање.
– Затоа што се попишува, според Евростат, резидентното население. Тоа значи дека населението кое што во моментот се наоѓа во Македонија или 12 месеци наназад живеалиштето им било тука, во Македонија и не го одјавило своето живеалиште. 12 месеци и еден ден тоа значи дека не влегуваат во населението кое што е резидентно, односно населението кое што е тука и треба да се попише – рече Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ додава дека населението кое што е во Македонија е резидентно население и токму тоа е статистичка база, додека пак населението кое е пријавено во друга држава е попишано во тие држави.
– Не можеме тоа население да го попишуваме 13 пати, се знае кое население се попишува – нагласи Мицкоски.
По ова уследија жестоки реакции од функционери Албанци.
– Нашата дијаспора е витален дел од нашата економија и вкупниот општествен развој на државата. Таа е флуидна категорија и тешко може да се разграничи границата на резидентност, имаат домови, бизниси тука, плаќаат даноци тука, гласаат, голем дел од годината поминуваат тука. И оттука тие се едноставно неделиво ткиво на нашето општество – вели за Плусинфо министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Сопартиецот на Османи и прв вицепремиер Артан Груби упатува на Законот за попис.
– Законот е јасен и нема никаква можност за двојни интерпретации. Дијаспората е дел од нас, се брои, е дел од општата популација и точка. Сите да се регистрираат. Сѐ останато е ситна политичка пропаганда за моментални придобивки – смета Груби.
Халил Снопче од Алијанса за Албанците, пак, изјави дека Заев и Мицкоски се натпреваруваат во триумфализмот над Албанците.
– Заев рече дека преку контрола на податоците ќе се избришат од пописот сите печалбари кои немаат државјанство. Оваа изјава е во спротивност со Законот за попис бидејќи државјанството нема врска со попишувањето и според Законот се попишуваат сите без разлика дали имаат државјанство или не. Потоа излезе Мицкоски кој вели дека тие само ќе се евидентираат. И оваа изјава е противзаконска – рече Снопче.
Министерот за земјоделие од Беса, Аријанит Хоџа на Фејсбук напиша дека без оглед како го нарекува Мицкоски дали евидентирање или попис, сигурно е дека секој граѓанин ќе влезе во вкупното население.
„Евиденција или попис, нека го нарече Мицкоски како сака, но едно е сигурно дека во вкупното население ќе се брои секој граѓанин што е попишан, без разлика дали е во земјата или во дијаспората. Бројките нема да бидат скриени, без оглед на тоа како опозицискиот лидер Христијан Мицкоски сака да толкува!“, напиша Хоџа.
Министерот за економија Крешник Бектеши на Фејсбук напиша дека во пописот на нерезидентното население, односно кај дијаспората ќе се попишуваат и децата родени во странство кои уште не се стекнале со македонско државјанство.
„Колку ниско може да паднат Мицкоски и Апасиев во политиката. Попишувањето на дијаспората продолжува до 30 септември, дури и со деца родени во странство и кои сè уште не се регистрирани во Северна Македонија“, напиша функционерот на ДУИ.
Од Статистика велат дека Законот предвидува попишување, а не евидентирање и тоа на резидентно население, нерезидентно и вкупно попишани.
– Кој како ќе го смета и користи тоа за политички одлуки, Статистика не навлегува. Во Законот јасно се категоризира кој се попишува и нема што да се прави муабет понатаму. Ако некому не му е јасно, претпоставувам во Собранието нека бара автентично толкување на таа одредба од Законот – велат од Статистика.
Заменикот директор на Државниот завод за статистика Илми Селами во изјава за медиуми вели дека Законот за попис јасно наведува дека се попишува населението во земјата и во странство.
– И овие две групи од попишаното население го сочинуваат вкупниот број попишани. Изјавите на Мицкоски дека пописот на дијаспората би требало да биде евиденција, а не регистрација, сметам дека е политичка во пресрет на локалните избори и има за цел ширење на пропаганда и конфузија за да ја демотивира нашата дијаспора да продолжи со самопопишување. Верувам и убеден сум дека ова уште повеќе ќе ја мотивира нашата дијаспора да се регистрира за да му докажеме на Мицкоски и на неговите дека сме живи, тука сме иако тој не сака да нѐ види – вели Селами.
Ваквите реакции упатуваат на тоа дека албанскиот блок на купче ќе ги брои Албанците оти како што ни изјави Османи, тешко е да се разграничи што е резидентно и нерезидентно население. Тоа ја објаснува агресивната кампања која веќе еден месец ја водат функционерите Албанци за самопопишување на дијаспората, а во која ги вклучија и највисоките политички претставници од Албанија и од Косово.
Законот за попис во членот 6 наведува дека „Со пописот ќе бидат опфатени: 2. Лица – државјани на Република Северна Македонија кои имаат живеалиште или престојувалиште во Република Северна Македонија, без оглед на тоа дали во моментот на пописот се наоѓаат во Република Северна Македонија или во странство, странски државјани кои престојуваат во Република Северна Македонија со одобрение за престој и лица без државјанство кои во моментот на спроведување на пописот се затекнати во Република Северна Македонија. 2. Домаќинствата на лицата од ставот 1 на овој член. 3. Станови и други населени простории“.
Според методологијата за попис, категории за кои ќе се обезбедат податоци со пописот се: „Вкупно резидентно население“ го сочинуваат следните лица – единици на попис, и тоа: Лицата државјани со место на вообичаено живеење во Република Северна Македонија, без оглед дали во моментот на Пописот се наоѓаат во местото на живеење или во друго место во Република Северна Македонија; Лицата што имаат место на живеење во Република Северна Македонија и се нејзини државјани, а во времето на Пописот престојуваат во странство помалку од 12 месеци (една година) поради работа или друга причина, како и членовите на нивните домаќинства кои престојуваат со нив;.
„Вкупно нерезидентно население“ го сочинуваат следните лица – единици на попис, и тоа: Лицата државјани на Република Северна Македонија, кои во времето на Пописот престојуваат во странство повеќе од 12 месеци (една година) поради работа или друга причина, како и членовите на нивните домаќинства кои престојуваат со нив“
Вкупното резидентно и вкупното нерезидентно население ја сочинуваат категоријата „Вкупно попишано население“.