Алијанса за Албанците не се откажува од државјанства за Косовци: За два дена 200 лица се регистрирале на платформата „Државјанство“
До денес примени се релевантен број пријави на граѓани за лица кои се соочуваат со проблемот за добивање државјанство. Тоа ја потврдува потребата од промена на актуелниот Закон за државјанство, кој Алијанса за Албанците и Алтернатива го имат подготвено, вели Башким Бакиу, раководител на Аналитичкиот центар на Алијанса за Албанците.
Двесте граѓани без државјанство и тие кои познаваат такви граѓани се пријавени на платформата на Алијансата за Албанците и Алтернатива за само 48 часа откако е во функција линкот shtetesi.mk (државјанство.мк), информира Башким Бакиу за Плусинфо. Алијанса и Алтернатива не се откажуваат од намерата Македонија да им даде државјанство на околу 50.000 претежно Косовци и по отфрлањето на нивниот предлог за измени на Законот за државјанство од МВР.
Алијанса и Алтернатива неодамна ја презентираа кампањата „државјанство“ преку која сите граѓани, без разлика на етничката припадност, ќе имаат можност да го претстават својот проблем за добивање државјанство.
Портпаролот на Алијансата Флакрон Беџети пред два дена линкот го сподели на Фејсбук со барање семејствата, роднините, пријателите и тие кои познаваат лица кои немаат државјанство да ги информираат за да може тие да го претстават својот проблем и да добијат потребна помош.
– До денес примени се релевантен број пријави на граѓани за лица кои се соочуваат со проблемот за добивање државјанство. Тоа ја потврдува потребата од промена на актуелниот Закон за државјанство, кој Алијанса за Албанците и Алтернатива го имат подготвено.Случаите без државјанство се од различна природа. Има такви кои неколку пати биле одбиени со неубедливи причини, до случаи кои се одбиени, меѓутоа не добиле одговор и образложение. Имајќи предвид дека кампањата е во тек, сѐ уште сме во фаза на обработка на податоците – вели Башким Бакиу, раководител на Аналитичкиот центар на Алијанса за Албанците.
Тој вели дека Алијанса не отстапува од обидот за промена на Законот за државјанство, но и дека паралелно ќе нуди административна и советодавна помош на лицата кои ќе им се обратат за помош. Бакиу вели дека планираат да остварат и директни контакти на терен особено во руралните места со лица кои немаат државјанство.
– Досега на платформата бројот на лицата кои пријавиле проблем е над 200. Има случаи каде што едно лице пријавило за друго лице во семејството и лица кои што пријавиле директно, надвор од платформата кои што не се влезени во таа бројка – вели Бакиу.
Целта на оваа платформа, според Алијанса за Албанците и Алтернатива е да се соберат информации од граѓани кои се соочуваат со проблем за добивање државјанство и по 30 години од независноста на Македонија. Податоците што ќе ги добијат ќе ги употребат за да извршат политички притисок за решавање на овој проблем.
Алијансата и Алтернатива неодамна до Собранието доставија предлог за измени и дополнувања на Законот за државјанство, кој ја помина потребата за донесување, но доби негативно мислење од МВР. Предлогот беше неприфатлив и за македонските парламентарни партии.
Mинистерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, тогаш изјави дека законот за државјанство предложен во Собранието од коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива, е неразбирлив во врска со тоа што сака да се постигне со него. Тој рече дека мислењето на МВР кое го доставиле до Владата има државен интерес. Спасовски го оцени како „политички памфлет“ предлогот на Алијанса.
Со предложените измени, наместо најмалку осум, услов за стекнување на државјанство ќе се исполнува со престој на странци од најмалку четири години. Се предлага и државјанство да се добие со тројца сведоци кои ќе потврдат дека лицето живеело во Македонија пред независноста, а може и со еден сведок ако тоа било или сѐ уште е жител на местото на барателот. Еден од новите услови е наместо познавање на македонскиот јазик како што е сега да се дефинира како „познавање на најмалку еден од службените јазици во државата“, се мисли на албанскиот.
Оценката на дел македонски партии е дека ваков закон може да предизвика тензии и штетни последици за државата.