Оштетени штедачи: Гувернерката добро знаела дека се краде во Еуростандард банка и свесно го дозволила грабежот на депозитите

Оштетените штедачи обвинуваат дека додека се случувал грабежот на нивните пари во банката, гувернерката Бежоска јавно ги лажела дека депозитите им се безбедни и дека воопшто не треба да се грижат.

539

Со години, Народната банка односно гувернерката Анита Ангеловска Бежоска ја толерирала континуираната кражба на нашите депозити предводена од лицата на раководни позиции во Еуростандард банка. Нашиот доверен личен капитал е целосно украден во законски лиценцирана, регулирана и контролирана финансиска институција, обвинуваат оштетените штедачи од Еуростандард банка.

„Каква е таа контролирана финансиска институција и какви се тие мерки што ги спровела гувернерката Бежоска кога 73 отсто од кредитното портфолио на стотици фирми во банката или вкупно речиси 60 милиони евра се ненаплатливи или тешко наплатливи кредити, пари што свесно се дадени во неповрат!? Овој масовен и невиден криминал не е можно да се случи ако не бил толериран и прогледуван низ прсти од гувернерката Бежоска. Таа знаела и ги имала и доказите за перење пари уште кога почнале да се случуваат такви трансакции во банката пред неколку години, но молчела и чекала да помине време, да ја затвори банката и после два месеца да поднесе кривична пријава против раководните лица во банката за перење пари и други приноси од казниво дело. Со овој чин на ненавремено делување за којшто таа била и законски обврзана, гувернерката Бежоска директно и свесно придонела нашите доверени средства во банката да се покрадат и сега ние да бидеме целосно оштетени“, се наведува во нивната реакција.






Оштетените штедачи обвинуваат дека додека се случувал грабежот на нивните пари во банката, гувернерката Бежоска јавно ги лажела дека депозитите им се безбедни и дека воопшто не треба да се грижат.

„Иако знаела за исклучително лошата состојба во Еуростандард банка, таа свесно нѐ лажеше за да нѐ донесе во заблуда и да нѐ измами да веруваме во сигурноста на нашите депозити раководени со закони. Имала можност да ги одземе и лиценците на раководните лица од банката за кои е и констатирано дека биле некомпетентни, но гувернерката свесно не го направила ни тоа“, се додава во реакцијата на штедачите.

Според гувернерката Бежоска, наведуваат штедачите, задачата на Народна банка била да го оцени кредитниот ризик на пласманите преземени од банката, дали банката соодветно го прикажувала овој ризик и како управувала со истиот. Штедачите тврдат дека ништо од тоа не е направено.

„Делени се кредити во милиони евра без или со мали покритија, со ултра висок кредитен ризик, кредити за кои не е платена ниту една рата со години. И извештајот за банката од стечајниот управник Душко Тодевски констатира дека при делењето на кредитите од банката ниту се почитувале интерните политики и процедури за кредитен ризик ниту одлуката за управување со кредитен ризик ниту пак критериумите за одобрување дефинирани во кредитната политика. Едноставно, се пласирале ултра ризични кредити на големо, без ограничување и без да се преземат соодветни мерки од Народната банка за тоа да престане и да се спречи понатамошно крадење. Големи суми пари во кредити завршиле и во групации од поврзани фирми како и кај фирми кои користеле едно исто обезбедување за различни кредити. Што правела гувернерката Бежоска!? Добро знаела дека се краде во банката и свесно дозволила грабежот на нашите депозити да продолжи да се случува“, велат штедачите.

Со сите свои постапки, нагласуваат штедачите, гувернерката Бежоска оставила и свесно придонела да ги покрадат во целост, да им ја уништат сегашноста и иднината на нив и нивните најблиски во сред пандемија.

„За овој ‘подвиг’ на гувернерката може само да ѝ ‘честитаме’. Убедени сме дека ќе дојде време кога правдата ќе ја стигне и гувернерката Бежоска која несомнено е дел и соучесник во организираниот криминал на Еуростандард банка. Веруваме дека ќе дојде време кога таа ќе одговара за нејзините злоупотреби на службената должност и овластување, измама и евентуално и за други кривични дела.

Дали народните избраници во Собранието се запрашале како можеле да изгласаат ваква личност за гувернер на Народна банка!? Нема да дозволиме добро позната организирана криминална група да нѐ покраде, да ни го земе нашиот личен имот, сѐ што сме заработиле и заштедиле, да нѐ измами, излаже и омаловажи. Нема да дозволиме нашите семејства да страдаат, а оние што нѐ покрале и го поделиле пленот меѓусебно да уживаат на слобода со нашите лични средства. Одговорност мора да има и парите да ни се вратат. Прашање е на време и околности кога тоа ќе се случи“, завршуваат во реакцијата оштетените штедачи од Еуростандард банка.

 

Поврзани содржини