За 6,3 милиони евра ќе набавуваме ковид-19 вакцини

Усвоена е Програмата за задолжителна имунизација на населението во 2021 година

389

Предлог-програмата на Министерството за здравство за задолжителна имунизација на населението во Северна Македонија за 2021 година во која е содржан план за обезбедување на годишни потреби на вакцини за задолжителна имунизација и вакцини по епидемиолошки индикациии, ја прифати Владата на попладневната седница.

Во програмата се опфатени возрасните групи подложни за поедини вакцинации, видот на вакцини кои се даваат и начинот на давање, календарот за имунизација на деца од 0 до 18 години и Календарот за catch-up имунизација за нередовно вакцинираните деца од 5 до 18 година.

Вкупно одобрените финансиски средства за оваа програма изнесуваат 805.000.000 денари (13 милиони евра), од кои 415.000.000 денари ( 6,7 милиони евра) се наменети за обезбедување на  потребните количини вакцини за континуирана вакцинација, минимум потребни резервни дози на вакцини и имуноглобулини по епидемиолошки индикации, а 390.000.000 денари (6,3 милиони евра) за набавка на ковид-19 вакцини.

На седницата Владата донесе и Одлука за спојување на јавните здравствени установи Здравствен дом Прилеп и Општа болница Прилеп во Јавна здравствена установа Општа болница со проширена дејност – Прилеп.

„Со спојувањето на овие две здравствени установи сите здравствени услуги кои во моментот се пружаат во две здравствени установи сега ќе се добиваат во една со што им се олеснува правото на пациентите да добиваат квалитетни услуги на едно место, без да бидат оптоварувани со дополнителни административни процедури за упатување од една во друга установа. Со спојувањето се намалуваат трошоците во административните процедури и се надополнува кадарот што недостасува, пред се медицински персонал во установите, а воедно со спојувањето се овозможува порационално искористување на буџетот, намалување на долгот, а со тоа и поефикасно работење, како и спојување на возниот парк, што ќе значи и надминување на досегашните проблеми со транспорт на пациенти, со посебен акцент на транспортот на пациенти со возило на итната медицинска помош“, соопшти Владата.

Поврзани содржини