Ковид-19 удира на здравјето, ама и по џебот – колку чини лекување во домашни услови?
Најскапиот лек, според граѓаните, е „фавира“, кој чини околу 5.000 денари за кутија, а прилично скапи се и витамините и имуностимулаторите кои не се на товар на Фондот за здравство.
Колку пари за лекови и за витамини треба да издвојат пациентите позитивни на ковид-19 коишто имаат полесна клиничка слика и коишто се третираат во домашни услови? Ова прашање беше неодамна поставено на Фејсбук групата „Ковид-19 совети и искуства“, а најчестиот одговор што го дадоа членовите на оваа група беше: еден куп пари!
Само за најосновните лекови и витамини, сведочат корисниците на групата, еден човек месечно во просек троши околу 6.000 денари, а ако во семејството има над тројца позитивни членови, тогаш месечните трошоци можат да бидат и повисоки од 300 евра.
Најскапиот лек, според граѓаните, е „фавира“, кој чини околу 5.000 денари за кутија, а прилично скапи се и витамините и имуностимулаторите кои не се на товар на Фондот за здравство.
„Еден куп пари“
За тројца заболени од ковид-19 ние потрошивме 45.000 денари само за лекови, раскажува скопјанка за Плусинфо.
– Купивме 5 кутии од лекот „фавира“, а тоа значи дека сме потрошиле околу 25.000 денари само за овој лек. Купивме и две кутии од лекот „ксарелто“, а тоа се околу 8.000 денари. Но, моравме да набавиме и витамини и други лекарства, кои, секако, не се евтини. Без „фавира“ е поевтино, но ние тројцата пиевме „фавира“. Лекот „ксарелто“ го пиевме десетина дена, а потоа ни препишаа аспирин. Како и да е, лековите и витамините вкупно нè чинеа околу 45.000 денари – раскажува нашата соговорничка.
Скопјанката Наташа Д., пак, објаснува дека таа и нејзиниот сопруг платиле 12.000 денари во првото пазарење во аптека, а третата недела потрошиле уште 9.000 денари за дополнителни лекови и витамини.
– Јас и сопругот потрошивме околу 200 евра на самиот старт, а третата недела плативме уште 150 евра за лекови и за витамини. Но, затоа, пак, моите родители, кои се повозрасни луѓе, месечно трошат по 500 евра од човек, а плус плаќаат жена којашто сега мора да се грижи за нив најмалку два месеца. Лекот „ксералто“ чини околу 3.800 денари, а не можете да го купите на рецепт. Изнајмување апарат за кислородна поддршка чини 3.000 денари месечно, а исто така морате да набавите и витамини, како и да правите крвна слика со д-димери која чини 1.300 денари, и плус 1.000 денари за домашната посета на лекарите. Еден куп пари – раскажува Наташа.
Но, трошоците не престануваат во моментот кога болеста ќе исчезне, туку потребни се суплементи и по завршувањето на борбата со ковид-19.
– Со сите направени тестови и испитувања за крв, ЦРП, д-димери, потребни суплементи и лекови кои не се на позитивната листа, потрошив околу 12.000 денари. Тука не ги ставаме средствата за зголемена потрошувачка на засилена исхрана. И по завршувањето на борбата со вирусот сè уште се зголемени трошоците околу понатамошна употреба на суплементи – вели Томислав Н.
Терапија од 500 евра
Ги прашавме и фармацевтите во неколку аптеки која е најчестата терапија што им ја препишуваат матичните лекари на пациентите, како и која е цената на суплементите и на лековите.
– Лекот „фавира“ дефинитивно е еден од најскапите лекови што им се препишува на болните од ковид-19. Една кутија чини 5.090 денари, а ако во едно семејство има повеќе заразени, тогаш можете да пресметате колку само плаќаат луѓето за три или за четири кутии од овој лек. Матичните лекари најчесто го препишуваат и „изопринозинот“ кој чини 900 денари за 8 дена, само две дози од антибиотикот „азитромицин“ чини 900 денари, лек против згрутчување на крвта е околу 120 денари, спреј против афти – 200 денари, спреј за нос од диво оригано – 300 денари. Секако, пациентите мора да набават и витамини кои исто така не се евтини. Витамин Ц од 1.000 милиграми чини околу 800 денари, витамин Д – 500 денари, цинк – 600 денари, бета-глукан – 1.000 денари – објаснува за Плусинфо фармацевтка од скопска аптека.
Таа вели дека има луѓе кои месечно трошат и над 500 евра за лекови и за витамини, но, како што вели, има и такви кои едвај крпат крај со крај и не можат да си ја дозволат целата терапија што им ја препишуваат матичните лекари.
– Некои луѓе сакаат да ги купат сите витамини што ги имаме на рафтовите. Матичните лекари им препишале витамин Ц, витамин Д и цинк, кои се сметаат за најпотребни во борбата против ковид-19, но пациентите сметаат дека овие витамини не се доволни и бараат други суплементи за коишто прочитале на социјалните мрежи дека се ефикасни против коронавирусот. Не може тоа така. И со витамините не треба да се претерува. Постојат илјадници и илјадници препарати, па зарем сите ќе ги пиете? Од друга страна, има и такви луѓе кои не можат да си ја платат целосната терапија, па најчесто ги купуваат само лековите и антибиотиците, а не и витамините. Жал ми е кога ќе забележам таков случај, но нема што да направам – посочува нашата соговорничка од аптека.