Граѓаните се жалат на високи сметки за струја, ЕВН тврди дека толку потрошиле
ЕВН тврди дека како дел од секојдневните работни обврски, екипите на Електродистрибуција во текот на месец ноември редовно ги отчитувале броилата низ целата земја, а според овие податоци на отчитување се изготвени фактурите за секој корисник посебно.
Граѓани се жалат дека добиле двојно повисоки сметки за струја за ноември од она што вообичаено го плаќале во најстудените зимски месеци. Тие сметаат дека не е во прашање зголемената цена на струјата, туку дека ЕВН не ги прочитала нивните струјомери и ставила паушален износ или станува збор за некакво порамнување на сметките. Од ЕВН, пак, велат дека нивните екипи редовно ги читаат струјомерите и дека така било и за овој месец. Оттаму им препорачуваат на граѓаните сами да ги читаат струјомерите и доколку забележат разлика во фактурата да реагираат електронски или директно во Корисничките енергоцентри на ЕВН.
Жител на Ѓорче Петров вели дека и покрај тоа што се топли со инвертер клима, сметката за струја во ноември му била повисока од зимските месеци претходната година.
– Ако во овој месец кога повеќето денови беа топли плаќам 12.000 за струја, тогаш во февруари можно е да добијам сметка и од 50.000. Ваква сметка лани немав ниту во најстудените зимски месеци, бидејќи се топлам со инвертер клима. Сегашната е двојно повисока од тие сметки – вели нашиот соговорник.
Жителка на Центар, пак, вели дека во најтоплите летни месеци добила сметка за струја од 3.000 денари.
– Скоро по цели денови во тој период бевме отсутни од дома, значи, немаше кој да троши струја и во летен месец ни дојде сметка за струја од 3.000 денари. Ја обжаливме и ЕВН ја исправи грешката. За тоа како се случило да добиеме висока сметка не ни појаснија, но наредните месеци ни доаѓаше сметка од 500 денари. Ако не се жалевме, никому ништо. Сега, почнавме сами да го читаме броилото и електронски да ги пишуваме потрошените киловати на веб страната на ЕВН и очекуваме да имаме пореални сметки – вели таа.
Од ЕВН, не негираат дека се можни грешки во фактурите, но тврдат дека нивни екипи редовно ги читаат броилата и она што корисниците го добиле во сметката е потрошена струја.
– И покрај тоа што со Законот за енергетика, „Мрежни правила и Правила за снабдување“ е пропишано отчитувањето на броилата да се извршува еднаш годишно, екипите на Електродистрибуција тоа го прават секој месец. Со тоа корисниците имаат можност да добијат точни податоци за потрошувачката, а врз основа на податоците за потрошувачка кои се добиваат при отчитување на броилата, секој месец се изготвува фактура за секој корисник поединечно – велат од ЕВН.
ЕВН тврди дека како дел од секојдневните работни обврски, екипите на Електродистрибуција во текот на месец ноември редовно ги отчитале броилата низ целата земја, а според овие податоци на отчитување се изготвени фактурите за секој корисник посебно.
– Следствено на тоа, не е забележан раст на бројот на корисници кои бараат корекција на фактура поради неможност на отчитување од страна на екипите на компанијата. Но ние како компанија секогаш сме отворени за услужување на нашите корисници. Во секој случај Електродистрибуција нема никогаш да наплати повеќе од она што корисникот го има потрошено – појаснуваат од компанијата.
Според ЕВН има само два случаи кога не се читаат броилата:
– Прво, не е можно да се отчитува броилото поради тоа што корисникот е отсутен (не е дома или во објектот), тој ги спречува екипите да го отчитуваат броилото или броилото е непристапно поради тешките временски услови, годишни одмори итн. И второ, отчитување во секој момент, односно отчитување на далечинските броила кои автоматски се отчитуваат во секое време – објаснуваат оттаму.
ЕВН им препорачува на корисниците на електрична енергија редовно сами да ги читаат броилата и да ги споредуваат со сметките коишто ги добиле.
– Корисниците кои при самостојно отчитување на броилото ќе утврдат дека имаат помала потрошувачка на електрична енергија во споредба со вредностите на фактурата, како и секогаш може да се обратат за корекција на фактура до службите на Електродистрибуција преку маил на [email protected], телефонски на 089 089 089 или во приемните канцеларии на Корисничките енерго центри на ЕВН. Притоа потрошувачката што ќе ја пријават треба да биде во висока и ниска тарифа. Службите на ЕВН ќе извршат кореција и следната фактура што корисниците ќе ја добијат ќе ги содржи пријавените состојби од нивна страна – велат од ЕВН.