Турците викендов затворени дома, Русите и Јапонците уриваат рекорди со заразени
– Јапонија. Епидемијата на коронавирус во Јапонија не се смирува и трет ден по ред оваа земја бележи рекордни бројки на новозаразени лица.
Во изминатите 24 часа, ковид-19 беше потврден кај 2.418 лица, а вкупниот број смртни случаи надмина 2.000.
И покрај тоа, премиерот на Јапонија, Јошихиде Суга сака економијата да продолжи да работи со избалансиран ризик. Популарните излетнички места и туристички дестинации ќе бидат дополнително загрозени за време на овој продолжен, празничен викенд во земјата.
– Русија. Бројот на заразени со коронавирус во Русија е зголемен за 24.822, што е најмногу за еден ден од почетокот на пандемијата, а ова е четврти пат оваа недела Москва да пријави најголем дневен биланс досега.
Исто така, бројот на нови смртни случаи е најголем на дневно ниво што Русија го потврди досега – 467, пренесува ТАСС.
Претходниот најголем дневен биланс на починати беше потврден во четвртокот, кога 463 лица починаа од ковид-19.
Во Русија досега се потврдени 2.064.748 случаи на ковид-19. Вкупно се излекувани 1.577.435 луѓе.
– Турција. Во Турција од денеска стапува на сила делумна забрана за излегување за време на викендите, објави на Твитер турскиот министер за здравство Фахретин Коџа.
Како што објави Милиет, според новата мерка, на граѓаните нема да им биде дозволено да излегуваат надвор од 20 часот во сабота до 10 часот во недела и од 20 часот во недела до 5 часот наутро во понеделник.
Другите дополнителни мерки во борбата против коронавирусот, кои стапуваат на сила од 20 часот вечерва, предвидуваат работно време на трговските центри, продавниците за храна, фризерите само во интервал од 10 до 20 часот, како и затворање на кино салите, концертните сали, театрите и спортските сали. Од вечерва, рестораните ќе нудат или доставуваат само храна за дома. Луѓето на возраст од 65 години и повеќе ќе можат да излегуваат надвор од 10 до 13 часот, а оние под 20 години – помеѓу 13 и 16 часот.