Прво се бара кревет па Итната помош оди по пациентот, се чека и до 3 часа

Чекањето настанува бидејќи ако станува збор за ковид пациент, диспечерскиот центар мора да го најави на клиниките каде се лекуваат заболените од ковид-19 и доколку во моментот нема слободно место, се бара друга клиника или ковид центар, вели директорот на Здравствен дом Скопје д-р Виктор Исјановски.

1,117

Можно е да се случи заболен од ковид-19 кој се лекувал дома и на кој му се влошила состојбата да чека Итна помош, но најмногу два или три часа за да биде транспортиран до некоја од клиниките и ковид центрите, потврдува за Плусинфо директорот на Здравствен дом Скопје, Виктор Исјановски.

Но, тој додава дека не се случило Итната помош да не дојде кај пациент и да не му биде укажана помош или да биде пренесен на клиниките. Некогаш подолгото чекање, вели д-р Исјановски е поради координација со ковид центрите, односно дека не може Итната помош да оди кај пациент без претходно да се обезбеди слободен кревет за него.






И раководителката на Итната служба при Здравствен дом Скопје, д-р Милица Бубало, вели дека можно е да има чекање поради координација со матичните лекари, амбулантите и ковид центрите.

Блиски на заболени од ковид-19 на кои им се влошила здравствената состојба, а кои се лекуваат дома реагираат дека и по неколку часа од повикот чекаат Итната помош да дојде и да ги однесе во ковид центрите за да бидат хоспитализирани.

– Итната помош оди на скоро секој повик. Тие се под огромен притисок, бидејќи интервенираат не само кај ковид пациентите, туку и кај хроничните болни, каj мозочни и срцеви удари, сообраќајки, обезбедуваат натпревари. Чекањето настанува бидејќи ако станува збор за ковид пациент, диспечерскиот центар мора да го најави на клиниките каде се лекуваат заболените од ковид-19 и доколку во моментот нема слободно место, се бара друга клиника или ковид центар. Потoа, можеби има слободно место за пациент жена, а во моментот треба да се хоспитализира маж, па се прави ротација од клиника на клиника. Тоа одзема време. Треба да се добие целата клиничка слика за пациентот. Може најмногу да се чекало 2 или 3 часа – вели д-р Исјановски.

Тој додава дека Итната помош е единствената служба во градот која ги опслужува не само ковид пациентите, туку и сите кои во моментот имаат потреба од итна медицинска помош. Тој е дециден дека не се случило Итната помош да прифати повик, а да не дојде кај пациент. Тој додава дека се преоптоварени ако се зeме предвид дека и ноќните служби имаат по 200 до 300 прегледи. Сепак, според д-р Исјановски, и во време на епидемија на коронавирусот Здравствениот дом ја покажал својата големина и дека се носи со ситуацијата иако не е вложувано доволно во него во изминативе 20 години.

Д-р Бубало вели дека Итната помош интервенирала кај сите кои требало да бидат хоспитализирани, но дека гужва настанува кога освен пациентите кои се носат во болница тие ги опслужуваат и пациентите позитивни на ковид-19 кои треба да одат на преглед. Но, и Бубало е децидна дека немало чекање со часови, освен ако повикот е од поодалечено место од градот.

– При повик за пациент позитивен на ковид-19 се чека бидејќи е потребна координација со матичниот лекар и со амбулантата. Матичните лекари не секогаш прават добра проценка кој од пациентите треба да се хоспитализира. Потребна е целосна слика за пациентот, каква му е сатурацијата, дали има температура, каква му е крвната слика… Од 1 до 16 ноември имавме 282 покани на кои е интервенирано, од кои 171 се хоспитализирани, а 110 немало потреба да бидат однесени во болница. Тоа значи дека матичните лекари не направиле добра проценка. Не може Итната помош да изигрува матичен лекар – вели д-р Бубало.

Реакциите на граѓаните се потврда дека во здравствениот систем сепак има курцшлус во делот кога пациентот ќе побара Итна помош до моментот кога тој ќе биде сместен во некој од ковид центрите.

Засега колегите прстот го вперуваат во матичните лекари, дека тие не си ја вршат прецизно работата, односно дека по телефон прават проценка кој пациент е за хоспитализација или како што велат, дека дури ни не сакаат да ги прегледаат пациентите.

Поврзани содржини