Детали за хоророт во Виена: Терористот Кујтим од Челопек го застрелал Неџип од Велешта
Меѓу жртвите на Кујтим, според некои медиуми на албански јазик, е и 20-годишниот Неџип Вренези по потекло од струшко Велешта. Тој бил убиен откако излегол од еден виенски ресторан за да испуши цигара.
Полицијата во Австрија потврди ека еден од терористите кои учествуваа во вчерашниот напад во Виена бил по потекло од Македонија. Станувало збор за Кујтим Ф., кој им бил познат на австриските власти, бидејќи за него многу се пишувало и во весниците.
Тој е засега единствениот напаѓач чиј идендитет е откриен, а австриската полиција утрово соопшти дека 20-годишниот терорист, чии родители се по потекло од Челопек, Тетовско, поседувал двојно државјанство – австриско и македонско, а бил убиен за време на вчерашниот терористички напад.
Како што објави „Дојче веле“, тој бил вооружен со автоматска пушка и со мачета, а врз себе носел и лажен експлозивен појас. Во нападот загинаа четири лица, а најмалку 17 се повредени.
Меѓу жртвите на Кујтим, според некои медиуми на албански јазик, е и 20-годишниот Неџип Вренези по потекло од струшко Велешта. Тој бил убиен откако излегол од еден виенски ресторан за да испуши цигара.
Официјална потврда пристигна и од македонското МВР од каде што велат дека австриската полиција преку Европол испратила барање за соработка и информации околу терористичкиот напад.
„Од списокот на австриската полиција, кој е доставен до повеќе полиции, меѓу кои и нашата, утврдено е дека три лица покрај австриското имаат и државјанство на Република Северна Македонија, и тоа К.Ф. (роден во Модлинг, Австрија), А.Г. (роден во Сент Полтен, Австрија) и У.А. (роден во Виена, Австрија). Секторот за меѓународна полициска соработка при МВР веднаш се стави на располагање на колегите од Австрија и интензивно соработуваме на сите елементи поврзани со овој случај. Остварена е и директна комуникација меѓу премиерите Заев и Курц. Премиерот Курц изрази благодарност до премиерот Заев за искажаната солидарност и поддршка. Премиерите изразија подготвеност да ја продолжат комуникацијата и соработката во врска со терористичкиот напад доколку австриските служби утврдат таква потреба“, се вели во соопштението од МВР.
„Дојче веле“ пишува дека Кујтим бил осуден за терористичко здружување во април 2019 година и осуден на 22 месеци затвор. Бил помилуван и ослободен од затвор во декември минатата година. За случајот на Кујтим Ф. и текот на неговото судење пишуваше австрискиот весник Стандард на крајот на април 2019 година. Тогаш Кујтим имаше само 18 години, а беше обвинет заедно со Бурат К. за терористичко здружување откако се обидел да ѝ се приклучи на Исламската држава.