Џафери: Јас немам проблем со Пендаровски, приоритет е во Деловникот да се допрецизира кога Собранието е конституирано
Експретседателот на Собранието Талат Џафери смета дека новиот парламентарен состав треба да го допрецизира собранискиот Деловник за прашањето на конститутивната седница. Тој во интервју за Сител најави и дека е оптимист дека неделава ќе падне договор за новата влада.
– Стојам на ставот дека Собранието не е доконституирано, за мене не е конституирано, оти кој ќе ја врши функцијата претседател на Собранието, кој ќе ги свикува седниците? Не е санкционирано ни во Уставот, ни во Деловник кога се смета дека е коснтитуирано Собранието. Ова кој како сака го толкува – рече Џафери.
Според него, има потреба од допрецизирање на Деловникот. Џафери рече дека тоа го почнале во минатиот парламентарен состав и дека сегашната ситуација ќе биде мотив плус да се дорегулира прашањето кога Собранието се смета за конституирано и дека полесно е тоа да се изведе преку измени во Деловникот, отколку во Уставот.
Тој објаснува дека парламентот целосно треба да биде конституиран, односно на конститутивната седница треба да се верифицираат мандатите на пратениците, да се избере комисија за избори и именувања и да се избере претседател на Собранието.
Според Џафери од осамостојувањето до денес имало три Деловници за работа на Собранието, првиот привремен, во вториот од 2002 до 2008 било санкционирано кога Собранието е конституирано, односно ако се верифицирани мандати на две третини од пратениците. И во третиот, кој е актуелен никаде не се санкционира кога Собранието е конституирано.
– Господинот доби мандат, кој ќе свика седница? Нема претседател на Собранието. Празнината кога се смета дека Собранието е конституирано остава простор да се манипулира, како што се манипулира. Андов тоа го направи по стариот Деловник, според кој Собранието е конституирано со верификацијата на мандатите на пратениците – вели Џафери.
На прашањето каква е комуникацијата со шефот на државата, бидејќи за ова прашање имала спротивни мислења, Џафери вели дека тој нема проблем со институцијата претседател на државата.
За најавата за договор за влада помеѓу СДСМ и ДУИ, Џафери вели:
– Не се оптоварувам со преговорите меѓу СДСМ и ДУИ, кога ќе имам најава дека се решени прашањата за избори и именувања и предлог за претседател на Собрание ќе свикам седница. Не се раководам во работата од мојот личен статус, дали ќе бидам претседател на Собранието. Сите збореа дека на Заев му се дадени резервни 20 дена за составување влада. Напротив, скратено му е времето, оти сѐ уште не е јасно дали има 61 глас мнозинство во Собранието. Кој тврди дека за 15 дена ќе заврши дебатата за комисијата за избори и именувања. Претседателот на Собранието кој не постои требаше вчера да го извести претседателот на државата за мнозинството.
За информациите дека е можен договор и за ротирачки претседател на Собранието, експретседателот на парламентот вели дека станува збор за политичко прашање и дека доколку тоа е пакет од политичкиот договор тогаш е во ред.