Како се случи на ДИК да ѝ испарат повеќе од 2.000 гласови?
Портпаролот Шабани веднаш ја воочи грешката во вкупниот број на запишани избирачи и недостигот од над 2.000 гласови и за Плусинфо вели дека Комисијата по службена должност може да интервенира во исправка на сите грешки констатирани во записниците со број 16 и 21.
Повеќе од 2.000 гласа недостигаат во изборната математика објавена во официјален документ на Државната изборна комисија (ДИК), односно во заклучок од резултатите од гласањето на 15 јули, што ги откри Плусинфо.
Како што се гледа на илустрацијата погоре, првата грешка е направена во вкупниот број запишани избирачи во објавениот заклучок потпишан, ден по гласањето на 16 јули, од претседателот на ДИК Оливер Деркоски.
Таму пишува дека вкупниот број на избирачи во Избирачкиот список изнесува 1.814.236, иако вистинската и претходно официјализирана бројка на македонските гласачи на петтите предвремени парламентарни избори е 1.814.263 гласачи. Ако се следат бројките од заклучокот на ДИК, според кој вкупно гласале 942.334 гласачи, а неупотребени биле 869.889 гласачки ливчиња, се доаѓа до бројка од 1.812.223 гласачки ливчиња. Истата бројка се повторува ако се соберат 910.868 важечки ливчиња, а на нив се додадат и 31.466 неважечки ливчиња, како и неупотребените 869.889 гласачки ливчиња. Излегува дека недостигаат дури 2.013 гласови, односно кога од 1.814.236 гласачи со право на глас според заклучокот на ДИК ќе се одземат 942.334 граѓани кои гласале, остануваат 871.902 лица кои не гласале, а тоа е бројот на неупотребени гласачки ливчиња, наспроти заклучокот на ДИК, дека неупотребени се 869.889 гласачки ливчиња.
Одговор за направената и објавена грешка во официјален документ на ДИК побаравме од портпаролот Адмир Шабани, според кого посочениот заклучок е изготвен од доставени записници на општинските изборни комисии и избирачките одбори, без ниту една интервенција на ДИК.
Портпаролот Шабани веднаш ја воочи грешката во вкупниот број на запишани избирачи и недостигот од над 2.000 гласови и за Плусинфо вели дека Комисијата по службена должност може да интервенира во исправка на сите грешки констатирани во записниците со број 16 и 21.
Тој објаснува дека во овие записници не се внесени резултатите од гласањето на болните, изнемоштените лица и на затворениците кои гласаа во вторникот, поради што најверојатно излегува дека податоците се грешни. Тој не можеше да ни објасни кој ја направил грешката во објавениот вкупен број на избирачи, но постои веројатност дека станува збор за ненамерна грешка и замена на последните бројки – 1.814.236, наместо 1.814.263 гласачи.
– Покрај приговорте на гласањето и на сумирањето на резултатите од изборите од страна на политичките партии, ДИК може да одлучи по службена должност во било која фаза од спроведеното гласање да проверува во избирачкиот материјал и во записниците. И тоа во записникот број 16 и во записникот број 21во кои се содржат бројките од гласањето во избирачките места.- вели Шабани.
Тој вели дека јавноста од попладнево може да има целосен увид на резултатите од изборите на веб страницата rezutati.sec.mk , кои, да не се случеше хакерскиот упад во сајтот на ДИК, ќе беа достапни и пред два дена, по гласањето.
До Државната изборна комисија (ДИК) попладнево, покрај веќе поднесените пет, пристигнале уште 77 приговори за изборите од кои 74 се од Алијанса за Албанците, еден е од Глас за Македонија, додека два се од ВМРО-ДПМНЕ.
ДИК не прецизира на што се однесуваат приговорите од Алијанса за Албанците, но оние од ВМРО-ДПМНЕ вели дека се за сумирање на резултатите.
До 21 часот вечер е рокот кога може да се поднесе приговор за постапката за гласање, а до сабота навечер околу 19 часот и 30 минути истекува рокот за сумирање и утврдување на резултатите од предвремените парламентарни избори.
На изборите победи коалицијата „Можеме“ предводена од лидерот Зоран Заев кој освои 46 мандати, опозициската ВМРО-ДПМНЕ има 44, ДУИ освои 15 мандати, Алијансата на Албанците и Алтернатива 10, Левица 2 и ДПА 1 мандат.