Покрената прекршочна постапка против 10 земји од ЕУ
Според тој закон, авиокомпаниите мора да рефундираат средства на патниците за летови за време на пандемијата на ковид-19.
Европската комисија покрена прекршочна постапка против десет земји од ЕУ заради неисполнување на законот за патнички права на Унијата.
Според тој закон, авиокомпаниите мора да рефундираат средства на патниците за летови за време на пандемијата на ковид-19.
Како што соопштија од ЕК, започнати се постапки против Хрватска, Франција, Италија, Грција, Полска, Португалија, Чешка, Словачка, Литванија и Кипар.
Граѓаните зависат од начинот на кој владите од ЕУ го имплементираат европското право, но неколку земји побараа од Комисијата да го суспендира законот и да им овозможи на авиокомпаниите да издаваат ваучери за да избегнат проблеми со ликвидноста и да спречат банкрот.
Некои земји отворено изјавија дека нема да го спроведат законот, со цел да ги заштитат своите авиокомпании, јавува „Форбс“. Сепак, Комисијата инсистираше на тоа дека правилата за заштита на патниците мора да бидат спроведени дури и за време на криза.
Владите на некои земји предложија во мај авиокомпаниите да направат ваучери кои што се попривлечни за корисниците, со тоа што ќе ја прошират нивната валидност и ќе ги направат преносни.
– За време на кризата, Комисијата јасно стави до знаење дека правата на потрошувачите остануваат валидни во контекст на тековните постапки и дека овие права не смеат да се намалат со државните мерки за поддршка на индустријата – се вели во соопштението на Комисијата.
Комисијата соопшти дека споменатите земји имаат десет дена да ја поправат ситуацијата, а во спротивно ќе треба да платат казни.
Одлуката беше поддржана од Централноевропското здружение за заштита на потрошувачите (BEUC).
„Форбс“ забележува дека започнатите постапки се однесуваат само на држави чиј закон не е во согласност со правото на ЕУ, а не на земјите што одбиваат да го спроведат својот закон, како што стори и Холандија.