Само 60% од асимптоматските случаи развиваат антитела, кај другите нема имунолошки одговор
Во Скопје најмалку 60 отсто од вкупниот број на заразени се асимптоматски - предупредија неодамна од Центарот за јавно здравје.
Заразените со корона вирусот кои се асимптоматски случаи претставуваат вистинска „бомба“ за околината бидејќи ја шират болеста на други лица, а ниту самите не се свесни за тоа. Во Скопје најмалку 60 отсто од вкупниот број на заразени се асимптоматски – предупредија неодамна од Центарот за јавно здравје, а министерот за здравство Венко Филипче најави дека денеска или утре ќе почне да ги обелоденуваат оние лица коишто не се достапни за да им се врачат решенијата за изолација или даваат погрешни податоци во анкетните листови.
Забуна кај граѓаните во однос на овие случаи внесе дополнително и самата Светска здравствена организација чии експерти за два дена дадоа сосема спротивни изјави околу асимптоматските случаи, а последната е дека тие сепак ја шират заразата со ковид-19.
За тоа колкав е бројот на заразени лица кои се без симптоми на болеста ковид-19, а кои развиваат антитела, директорот на Институтот за имунологија и хумана генетика, проф.д-р Александар Петличковски, вели:
– Околу 60 отсто од асимптоматските случаи развиваат антитела, а остатокот од лицата може да не развиваат антитела.
Епидемиолозите од Центарот за јавно здравје – Скопје велат дека е потребно 70 отсто од населението да стекне антитела за да се создаде колективен имунитет.
– И асимптоматските случаи може да ја пренесат инфекцијата, иако кај симптоматските случаи е поголема можноста. Но не е задоволителна концентрацијата на антитела во крвта, за да се развие колективен имунитет кај населението. Треба 70 отсто од населението да ги има развиено антителата во крвта, за да стекнеме колективен имунитет, а сега е кратко времето и организмот не дава задоволителен имунолошки одговор. Догодина, се надевам, ќе може да зборуваме за ова, сега е рано – вели д-р Сашо Стојанов, епидемиолог во ЦЈЗ.
Директорот на оваа установа, д-р Арбен Зибери, неодамна изјави дека 60 отсто од вкупниот број на заразени во Скопје се асимптоматски случаи.
– Затоа треба да бидеме многу внимателни, затоа што има многу асимптоматски кои ја шират болеста. Оние кои се позитивни и се без симптоми се лекуваат дома, а оние со лесна клиничка слика или се лекуваат дома или се во болница – рече тој.
Тој апелираше до граѓаните дека ако не ги почитуваме мерките, само ќе ја одолговлекуваме пандемијата.
За асимптоматските случаи кои одбиваат да ги примат решенијата од инспекторите или погрешно ги информираат епидемиолозите каде живеат или за други лични податоци, веќе се подготвува списокот кој денеска или најдоцна утре јавно ќе биде објавен. Станува збор за 450 лица.
– Уште еднаш утрово дискутиравме како да го решиме овој проблем на состанокот на Комисијата за заразни болести како да го решиме овој проблем. За овие 450 решенија очекувавме помош од МВР, но тие не се поделија, ги вратија назад. Веројатно дека денеска или најдоцна утре ќе почнеме таканаречена јавна објава, зашто едноставно луѓето не се достапни или даваат погрешни податоци во анкетните листови – изјави министерот Филипче денеска во Прилеп.
Овие лица, според најавите, ќе бидат објавени на веб страната на Министерството за здравство www.moh.gov.mk.