„Албанец за премиер, зошто да не“ предизвика закани по живот за Артан Груби
Сметам дека изливот на омраза и закани се и последица на реакциите на македонските политичари и нивните етноцентрични изјави за нашиот предлог
Говор на омраза, пцости и непристојности, како и закани по живот, изминативе неколку дена на социјалните мрежи биле упатени до експратеникот на ДУИ Артан Груби откако партијата на Али Ахмети го промовираше предлогот Албанец за премиер на Македонија. Груби за Плусинфо вели дека денеска заканите ќе ги пријави во полиција.
– Ненормална омраза и закани по живот деновиве преку Фејсбук и Твитер беа лично упатени кон мене. Заканите денеска ќе ги пријавам во полиција. Јас во континуитет добивам закани, но не им придавав важност. Но ова што се случува сега откако ја промовиравме кампањата „Албанец премиер, зошто да не“, е загрижувачко. Сметам дека изливот на омраза и закани се и последица на реакциите на македонските политичари и нивните етноцентрични изјави за нашиот предлог – ни изјави Груби.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, лично минатата недела го промовираше предлогот Албанец за премиер на Македонија. Партиски функционери веќе на големо тераат кампања дека е дојдено време за премиер Албанец во Македонија. Ова ќе биде и барање и услов на ДУИ во преговорите со партијата од македонскиот политички блок која ќе победи на изборите за составување влада.
Лидерите и на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ Зоран Заев и Христијан Мицкоски експресно го отфрлија барањето на Ахмети. Заев му порача дека ако тоа е условот ДУИ ќе биде во опозиција и дека е добро тоа да се случи по 18 години владеење. ВМРО-ДПМНЕ го повторија својот став дека Мицкоски е шпицен кандидат за мандатар и иден премиер.
Партиите од албанскиот политички блок не се против идејата за премиер Албанец, но се против предлагачот, бидејќи сметаат дека Ахмети манипулира за да добие политички поени.
Според Груби, срамно е и што помеѓу заканувачите е и советникот на СДСМ од Бутел, Мане Манојловски.
Ова се дел од заканите и недоличните постови упатени кон Груби и партијата.