Втор пациент со ковид -19 е тргнат од распиратор во ГОБ„ 8 Септември“, јавува НОВА. Станува збор за пациент од Тетово кој во тешка состојба бил примен во болницата и на респираторна машина бил поставен на 6 мај, се до вчера, кога е ослободен од респираторната машина и почнал слободно да дише.
Информацијата ја потврдил директорот на ГОБ „8 Септември“ проф. д-р. Христијан Костов. Тој објасни дека овој пациент бил примен во многу тешка состојба, со пневмонија и ренген снимка типична за болеста, со побелени бели дробови исполнети со слуз.
– Пациентот беше во многу тешка состојба, поставен на СИПАП маска(контролирана вентилација). Интубиран е на 6 мај, екстубиран на 17 мај. Тој се чувствува добро, земен му е брис и доколку биде негативен ќе биде префрлен на одделот каде што се негативните случаи и откога ќе се опорави ќе биде пуштен дома – изјави за НОВА, директорот проф. д-р.Костов.
Пациентот примал комбинирана терапија која им се дава на пациентите во зависност од индикациите, како и озонска терапија. Кога се разбудил, веднаш побарал да јаде и се чувствувал добро.