Што се случува со Ден Дончев, човекот кој неодамна неочекувано поднесе оставка на функцијата директор на Фондот за здравствено осигурување на Македонија? Каде е тој сега? Дали е во Македонија? Постои ли опасност да избега во Австралија, најверојатно, како што се шпекулира, преку Бугарија? Има ли контроверзниот Дончев мотив за таков ризичен потег?
И најважното од сите прашања – кој му ја скрои капата?
Ако се суди според ноторните факти – Дончев има силни мотиви да ја напушти Македонија додека може. Ако може. Шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, потврди дека се води истрага за него. Но, Русковска не соопштува за што конкретно се гони поранешниот директор на ФЗОМ и вели дека не знае дали е во Македонија. Добро упатени извори информираат дека има барање Дончев да биде ставен на т.н. стоп-чиста за да не може да ја напушти земјата на граничните премини, но барањето не е одобрено. Работава е, бегај бади бегај…
Дончев заглави и во „Муртиногејт“
Откако неделникот „Фокус“ објави дека по барање на Обвинителството за организиран криминал, Управата за финансиско разузнавање утврдила дека Дончев добил над 3 милиони денари по основ на плати, од компанијата „Ремаркет“ (со основна дејност интернет-портали), која се финансирала исклучиво од австралиската фирма „Мегантик“, се отвори нова афера за поранешниот директор на ФЗОМ. На социјалните мрежи беше наречена „Муртиногејт“, затоа што седиштето на фирмата „Ремаркет“ е во Муртино, родното место на Дончев.
Дончев изјави дека дека парите што ги добил од „Ремаркет“ за консултантски услуги што ги дал за австралиската „Мегантик“ биле најуредно пријавени во Управата за јавни приходи и за нив бил платен данок. Но, македонските закони не дозволуваат било кој вработен да прима плати од две или повеќе места, а избраните и именувани функционери не смеат да остваруваат приходи од консултантски услуги. Затоа и Антикорупциската комисија го разгледала предметот по допрен глас и утврдиле дека Дончев нема пријавено дополнителни приходи, па затоа, ако се утврдат неправилности, Комисијата ќе покрене прекршочна постапка за непријавување дополнителни приходи.
Дончев денеска (сабота, 16 мај) во телефонски разговор за телевизија Сител рекол дека сè што имал да каже поврзано со овој случај го соопштил пред неколку дена. Тој потврдил дека со муртински „Ремаркет“ има повеќегодишна соработка. Фирмата во Македонија била регистрирана и работи од 2012 година и моментално вработувала околу 50 лица од Струмица. Нејзината работа била единствено по принципот на аутсорсинг со австралиската компанија и не остварувала никаков приход од пазарот во Македонија, туку своите услуги ги наплаќала од фирмата во Австралија, рекол Дончев и додал дека не гледа никаков конфликт на интереси во неговиот ангажман.
Но, добро упатени извори велат дека обвинителката Вилма Русковска на аферата „Муртингогејт“ треба да ѝ посвети должно внимание и да се побара помош од австралиските власти, за да се утврди опственичката структура на австралиската фирма „Мегантик“ и начинот на кој таа остварува приходи. Прашањето што треба да го постави нашето Обвинителство е дали е основано сомневањето дека постои роднинска врска меѓу член на поширокото семејството на Ден Дончев со лицето кое е сопственик на австралиската фирма, како и дали постои роднинска врска на сопствениците на австралиската и на македонската фирма.
Јунакот од аферите „ТАРБС“ и „Македонска банка“
Инаку, за верување е дека австралиските власти ќе се заинтересираат за Ден Дончев (ако веќе не го сториле тоа), бидејќи некој мора да го памети тој лик уште од времето на аферата „ТАРБС“. Да се потсетиме. ТАРБС е медиумски концерн од Австралија. Сопственикот Магди Булос склучил прилично коруптивен договор за пренос на сателитската програма на Македонската телевизија во Австралија, со МТВ, со МРД и со Република Македонија, во времето на владата на Љубчо Георгиевски (изгледа затоа на Георгиевски му се стемнува кога некој ќе го спомне Дончев како негов кадар). Во 2004 година, ТАРБС оди во стечај, а во Македонија се појавуваат претставници на фирма „Тарбс Европа“ од Грција, со тврдење дека ТАРБС (кој веќе бил во стечај) им го пренел договорот и со побарување од 72 милиони евра кон Република Македонија.
Со добра работа на адвокатскиот тим, нашата држава ќе го добие процесот во Комерцијалниот суд во Лондон. Но, како куриозитет се памети дека еден од луѓето што ги плаќа адвокатите на „Тарбс Европа“ да ја подготват тужбата против Република Македонија е лично Ден Дончев. Во текот на судската постапка, на интернет ќе се појават и снимки од состанок на македонскиот тим (во кој имало и луѓе на Дончев). Некој од присутните снимал тајно. Друг сведок на „Тарбс Европа“ бил поранешниот премиер Владо Бучковски. Инаку, најзаслужен за победата на Македонија во овој спор во 2008 година е тогашниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески.
Уште една дигресија поврзана со Ден Дончев. Во 2014 година ќе пукне аферата „Македонска банка“. Заев ќе објави аудио-снимка од која се слуша како Дончев, Никола Груевски и српскиот бизнисмен Јовица Стефановиќ – Нини ја договараат продажбата на „Македонска банка“. Груевски го тужи Заев за клевета. Лидерот на СДСМ на суд ќе признае дека аудио-снимката со која ги поткрепуваше своите тврдења за аферата „Македонска банка“ ја добил токму од Ден Дончев. Упатените велат дека во периодот кога Дончев е близок со Никола Груевски, истовремено, всушност, тој го спрема и црното досие на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, чиј дел е таа аудио-снимка. Така, всушност, Дончев се префрла во таборот на опозицијата (сега во Обединети за Македонија), па по наметнување врз Љубчо Георгиевски, тој во 2016 година станува директор на втората по големина државна каса во Македонија, таа на ФЗОМ, тешка 700 милиони евра. Нема дилеми дека тоа можело да биде само договор меѓу Заев и Дончев.
Можеби и затоа аферата „Муртиногејт“ не треба да се потцени. Прекршокот на Ден Дончев, ако се утврди како таков, не е спектакуларен, но важно е дека во случајот поранешниот директор на ФЗОМ е фатен, народски кажано, „сто нула“. Освен тоа, таа можеби оваа афера ќе укаже и на некои други, роднокрајни врски и односи меѓу актерите на македонската јавна сцена, кои можат да бидат пријателски, но и сурови ако мора.
„Рекет 2“ го начна…
Сепак, моите информации се дека вистинските причини поради кои Обвинителството за гонење организирал криминал и корупција го гони Дончев се многу покрупни од оние 50.000 евра земени за консултантски услуги, поради кои Ден Дончев сигурно не би бил вака сардисан како што е сега.
Како што е познато, лани во септември-октомври ја обелоденив аферата во јавноста наречена „Рекет 2“, откако сопственичката на компанијата „Диамед“, Вера Иванова, поднесе кривична пријава против Ден Дончев и против министерот за здравство Венко Филипче, за сторено кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување според член 353 од Кривичниот законик. Во пријавата се тврди дека тие здружено презеле дејствија со кои ги оштетиле и неа, но и Буџетот на Република Македонија, во обид да стопираат влез на странска инвестиција во Македонија во 2017 и 2018 година. Тогаш Ден Дончев одржа спектакуларна прес-конференција, на која се обиде тоа да го демантира, но „успеа“, всушност, само да ги потврди обвинувањата во спомнатата кривична пријава, односно да признае дека како овластено службено лице, директор на Фондот за здравство, се потрудил да ја одврати шведската компанија „Диаверум“ од планираната купопродажба во Македонија, укажувајќи на некои наводни ризици.
Дончев се обиде да го оспори и тендерот од 2014 година, според кој „Диамед“ стана една од двете македонски компании кои обезбедуваат третман на дијализно болни пациенти. Откако Иванова легално ќе ја продаде својата компанија на „Диаверум“, таа ќе падне во немилост на локалните сиви еминенции кои очигледно не се нашле себеси во зделката. Ден Дончев и Фондот нема да склучат нов договор со Швеѓаните, туку со неколку последователни тримесечни анекси на постоечкиот договор со „Диамед“, ќе обезбедат редовно пружање на услугите и нивна исплата. Странскиот инвеститор се држи „на кратко јаже“, сè до завршување на започнатата истрага, при што главното сомневање е дека тендерот во 2014 година бил божем наместен.
Но, некаде кон крајот на февруари или во почетокот на март годинава, Ден Дончев ќе биде принуден да склучи годишен договор со кој Фондот на здравство регуларно и редовно ќе плаќа за услугите за дијализа (патем речено, за услугите од кои пациентите се супер задоволни). Уште тогаш ќе се насети дека неговата конструкција за божемниот лажен тендер и за божемната криминална зделка меѓу „Диамед“ и „Диаверум“ се распаѓа како кула од карти.
И токму во март годинава, во два написа, ја објавив преписката меѓу компанијата „Диаверум“ и министерот за здравство Филипче, од која јасно се гледа дека македонските здравствени власти, на чело со Ден Дончев, сепак се обиделе да ги исплашат Швеѓаните да не инвестираат во Македонија, но и тоа дека тие не подлегнале на притисоците. Тогаш, за третото продолжение на серијалот, беше најавена објава на сериозни сознанија и документ во кој се изнесуваат наводи за рекетирање на поранешниот сопственик на „Диамед“, наводи кои можат да имаат третман на многу сериозни индиции. Станува збор за документ поврзан со проширувањето на кривичната пријава, во кој се спомнува и популарниот Зоран Милевски – Кичеец.
…Најновите докази го докрајчија
И тука написите на Плусинфо запреа. Причина за едностраниот „прекин на огнот“ беше мојата оценка дека на здравствените власти треба да им се даде можност спокојно, неоптоварени со други проблеми, да се борат со пандемијата. Но, неколку дена пред кобниот 5 мај, кога Дончев поднесе оставка на директорската функција, добив информација дека тоа ќе се случи, бидејќи органите на прогонот имале увид во многу сериозни и цврсти докази, кои експлицитно укажуваат на постоење мрежа за рекетирање на субјекти кои пружаат разни услуги во здравствениот сектор, за кои плаќа Фондот за здравство. Редовната наплата на тие услуги, всушност, била уценета со исплата на кеш на рака на лица, кои потоа парите ги носеле на соодветни адреси. Сумата што јас ја слушнав, во која е опфатен и рекетот за кој имав намера да пишувам во март, достигнува 2 милиони евра на годишно ниво. Моите информации беа дека со доказите е засегнат Ден Дончев, но и други високи функционери во власта и влијателни луѓе.
Искрено, не верував дека Ден Дончев толку брзо, па баш пред избори, ќе падне како гнила круша и дека сега на врат ќе го има Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Да бидам попрецизен, не верував и сè уште не верувам дека такво нешто може да се случи без замешателството на Зоран Заев. Се разбира, оној Зоран Заев, нели, секогаш на страната на правдата, а против криминалот и корупцијата.
Јас мислам дека Заев му ја скрои капата на Дончев. Нешто слично како и во случајот „Рекет“. Како што еднаш веќе напишав, моите сознанија се дека доказите за рекетот поврзан за Дончев се толку сериозни што Заев проценил дека со една таква нова афера на вратот и со Дончев слободен, па уште и во директорската канцеларија на ФЗОМ, едноставно нема што да бара на избори. И затоа на Ден мора да му се стемни. Додека е време.