Кои акции забележаа најголем пораст и кои беа најтргувани во април?
Пазарната капитализација во април достигна 178.973.433.820 денари или скок од 14,43%.
Според месечниот извештај на Македонска берза, акциите на Макпетрол АД Скопје забележаат највисок пораст на вредноста, додека најтргувани беа акциите на Комерцијална Банка АД Скопје.
Најголем пораст на акциите во месец април забележа Макпетрол АД Скопје. Просечната цена на акциите на оваа компанија во месец април изнесувала 71.105 денари, додека во март просечната цена изнесувала 50.496 денари, што значи бележи пораст на вредноста за високи 40,81%.
На второто место се најдоа акциите на ОКТА АД Скопје кои ја зголемија вредноста за 38,50 проценти односно достигнаа просечна цена од 4.155 денари. На трето место по пораст на вредноста на акциите се најде Стопанска банка а.д. Битола, чиишто акции ја зголемија вредноста за 31,52 проценти односно достигнаа просечна цена од 3.025 денари.
Додека најголем пад имаа акциите на: Тетекс Тетово (-19,75%), Прилепска пиварница Прилеп (-17,79%), Осигурување Македонија АД Скопје – Виена Иншуренс Груп (-15,20%), Фустеларко Борец Битола (-10%) и винарска визба Тиквеш од Кавадарци (-4,56%).
Во текот на април, најтргувани акции на официјалниот пазар на Македонска берза беа оние на Комерцијална банка каде во 1.137 трансакции беа тргувани 53.073 акции, Алкалоид е на второ место со 433 трансакции за 10.751 акција, потоа следат Макпетрол (288 – 1.007), НЛБ Банка (150 – 3.224) и Гранит Скопје (241 – 41.953).
Пазарната капитализација во април достигна 178.973.433.820 денари или скок од 14,43%. Кај прометот, што се позиционираше на 755.470.810 денари, има намалување од 72,88%. Во текот на минатиот месец реализирани се вкупно 2.695 трансакции или 44,18% помалку во однос на март. Индексот МБИ10 достигна 4.463,98 поени или 23,20% повеќе во однос на претходниот месец.