Владата денеска ќе одлучува дали граѓаните ќе ги поминат првомајските празници во тридневен карантин, по препораките на Комисијата за заразни болести која предложи полицискиот час во земјата за 1 Мај да трае од 19 часот в четврток до пет часот в понеделник, сличен на оној на Велигденските празници.
– Одлуката ќе биде донесена на седница на Владата. На утринскиот состанок на Штабот јас го изнесов мислењето и на Комисијата која со консензус смета дека треба викендот да биде целосно затворен како што беше оној за Велигден, сега од петок до понеделник – рече вчера министерот за здравство Венко Филипче.
Во однос на ставот на министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, за претстојниот празник да нема ограничување како за Велигден, Филипче посочи дека одуката ќе ја донесат стручните лица од Комисијата на заразни болести, врз база на епидемиолошки и медицински сознанија.
– Во меѓувреме видов и некои реакции на министерот Чулев. Сметам дека не треба да станува збор за какво било лично мислење или некоја тенденција да се пренесе, некакво мислење или став или желба на која било група на граѓани заради тоа што сите овие мислења се темелат на стручните сознанија на Комисијата за заразни болести. И така функциониравме досега. Тие се темелеа на бројот на пациенти, на тоа што може да очекуваме од рестриктивните мерки во смисла на намалување на бројот на случаи но со медицинска издржаност. Зашто тоа го препорачуваме? Секако дека граѓаните не сакаат да седат дома. Кој би сакал да седи дома затворен три дена, но има причина зашто тоа е така предложено – истакна Филипче.
Министерот додаде дека во секој случај Владата на денешната седница ќе го дискутира овој предлог и ќе се слушнат сите ставови по што ќе се донесе одлука, за која јавноста ќе биде известена.
Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, на својот официјален Фејсбук профил објави дека до Координативниот кризен штаб во Владата предложил за претстојниот продолжен викенд за 1 Мај да нема продолжен полициски час, како што беше за велигденските празници, туку тоа да биде како изминатиот викенд – од сабота од 15 часот до 5 часот наутро во понеделник.