Адвокатката на одбраната на основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, Стела Морис, која откри дека ги родила своите два сина додека била во еквадорската амбасада во Лондон, поднела барање за негово ослободување од затвор, истакнувајќи дека неговиот живот е во опасност поради пандемијата со коронавирус, пренесе Гардијан.
Весникот посочува дека здравјето на Асанж е лошо со месеци, при што неговите пријатели тврдат дека коронавирусот се раширил во лондонскиот затвор Белмарш, каде ја очекува расправата за екстрадиција во САД, која е одложена до 18 мај.
Се тврди дека еден затвореник починал од коронавирусот и дека голем број чувари биле во изолација.
Стела Морис во писмото до судот навела дека решила да открие дека ги добила синовите Габриел и Макс со Асанж, бидејќи стравува дека животот на основачот на Викиликс е во опасност ако остане во затвор.
Таа во писмото објаснила дека го запознала Асанж во 2011 година додека била правен истражител и дека пријателството, „и покрај вонредни околности“, прераснало во врска во 2015 година.
Таа вели дека направила огромни напори да ги заштити 3-годишниот Габриел и 1-годишниот Макс од атмосферата што го опкружува нивниот татко.
Асанж присуствувал на раѓањето на двете деца во Лондон преку видео-врска, и го видел постариот Габриел во амбасадата каде што бил доведен.
Асанж беше уапсен во април 2019 година, откако мина седум години во еквадорската амбасада во Лондон.