📷 9 ЧАСА НУРКАЊЕ ДОНЕСОА 3 СВЕТСКИ РЕКОРДИ ЗА МАТКА Врело е истражена до длабочина од 338 метри, откриени се два нови канала

Според Спелеонуркачкиот клуб „Врело“, експедицијата на Матка поставила три светски рекорди: за најдлабоко истражена пештера од човек, за најдлабоко нуркање во пештера и за длабинско нуркање на отворени води.

190

Подводната пештера Врело во кањонот Матка испиша светска историја. Меѓународен тим спелеонуркачи достигна длабочина од 338 метри и постави три светски рекорди. Реко рдното нуркање на Полјакот Бартломиеј Питала траело девет часа, соопшти Спелеонуркачкиот клуб „Врело“.

Пештерата на Матка сега е најдлабоко истражената подводна пештера во светот, според резултатите што ги објави клубот. Досегашната истражена длабочина од 287 метри е надмината за цели 51 метар.






Со овој подвиг Врело ги престигна Фонт Естрамар во Франција, со 312 метри, и Елефанте Бјанко во Италија, со 292 метри.

Експедицијата „Врело 2026“ се одвивала од 10 до 17 октомври. Во неа учествувале 15 нуркачи од Македонија, Полска и од Италија.

Според клубот, поставени се рекорди во три категории: најдлабоко истражена пештера од човек, најдлабоко нуркање во пештера и најдлабоко длабинско нуркање на отворени води.

Но, рекордната длабочина не е единственото откритие. Нуркачите пронашле и два досега непознати подводни канала, со што значително ја прошириле мапата на Врело.

„Во спелеонуркањето овие нови канали се од исклучителна важност, поради комплексноста на целокупниот подводен пештерски систем“, наведуваат од клубот.

Првиот канал е откриен на околу 300 метри од влезот, на длабочина од 33 метри. Долг е приближно 100 метри и се поврзува со дел од пештерата истражен во 2000 година.

Вториот канал е пронајден на длабочина од 170 метри. Долг е околу 30 метри и се спојува со главниот длабински канал на 185 метри.

Со новата длабочина и со откриените канали, експедицијата истражила повеќе од 150 метри нови делови од пештерскиот систем.

Особено сложена била операцијата за безбедно враќање на Питала од рекордната длабочина.

„Финалното нуркање со кое се постигна рекордот во пештерата, а траеше девет часа, беше внимателно планирано и организирано“, соопшти клубот.

Фото: Спелеонуркачки клуб „Врело“

Неговото излегување го следеле 12 безбедносни нуркачи, распоредени на различни длабочини и во различни временски периоди.

На површината биле подготвени медицински и спасувачки тимови. Во приправност стоеле хипербарична комора, хеликоптерската единица на МВР, нуркачи од САЕ „Тигар“ и возило на Итната медицинска помош.

Македонските нуркачи имале уште една важна задача. За првпат самостојно конструирале и поставиле подводна воздушна комора, позната како хабитат.

Фото: Спелеонуркачки клуб „Врело“

Комората била поставена на длабочина од осум до девет метри, на околу 130 метри од влезот во пештерата. Таа им овозможувала на нуркачите престој за време на долгите декомпресиски процедури.

„Оваа воздушна комора за првпат е направена самостојно од македонските нуркачи на СНК „Врело“, поставена на локација и обезбедена, и на крај означена со македонското знаме“, наведуваат од клубот.

За дополнителна безбедност биле распоредени повеќе од 30 боци со различни мешавини на гасови, на десетина локации во пештерата.

Нуркачите имале на располагање и резервни батерии за греење и за осветлување, неопходни за долгите часови поминати под вода.

Поврзани содржини