46,37% ИЗЛЕЗНОСТ ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛСКИТЕ, 53,30% ЗА ПАРЛАМЕНТАРНИТЕ ИЗБОРИ Се чека да се објават резултатите
46,37 отсто е излезноста на Претседателските избори до 18.30 часот, а на Парламентарните е 53,30 отсто, според последните податоци објавени на веб страницата на Државната изборна комисија (ДИК).
Тоа значи дека цензусот е остварен и дека Македонија денеска избра претседател.
Наскоро се очекува да почне објавувањето на првите резултати од гласањето на двојните избори.
Најголема излезност за претседателските избори има во Новаци со 72,76 проценти, а најмала во Липково со 7,35 проценти.
Споредбено со вториот куг од претседателските избори во 2019 година, има зголемување на излезеноста од 1,84 проценти, соопшти ДИК.
– Има солидна излезност, солидна бројка. До 18.30 часот процентот е 46,34 проценти од 58 проценти обработени податоци – изјави Даштевски за централниот дневник на телевизија Сител.
За парламентарните избори најголема излезност има во Кривогаштани 82,43 проценти, а најмала во Центар Жупа 18,62 проценти.
По изборни единици излезноста е следна:
Во Првата изборна единица излезноста е 59,14 проценти, во Втората 48,61 процент, во Третата 57,87 проценти, во Четвртата 57,49 проценти, во Петтата 53,45 проценти и во Шестата изборна единица 37,36 проценти.
Како што информираат од ДИК до нив се доставени вкупно 490 приговори за заштита на личното избирачко право.
– Од нив, на 262 е овозможено да го остварат своето право на глас, 33 приговори се отфрлени како неуредни, а 88 приговори се одбиени. Останатите приговори се во обработка – велат од ДИК.