33 БРОДОВИ МИНАЛЕ НИЗ ОРМУЗ ЗА 24 ЧАСА Иранската гарда ја контролира пловидбата низ теснецот

Иранските власти тврдат дека дозволиле движење на десетици бродови низ Ормускиот Теснец, додека извештаи укажуваат на ограничен и контролиран поморски сообраќај и продолжена неизвесност.

1

Иранската Револуционерна гарда соопшти дека во изминатите 24 часа дозволила минување на 33 бродови низ Ормускиот Теснец, еден од најважните поморски коридори во светот преку кој се транспортира значаен дел од глобалната нафта.

Според иранските власти, низ теснецот поминале нафтени танкери, контејнерски и други товарни бродови, откако, како што се наведува, добиле одобрение и безбедносна придружба од морнаричките сили на Револуционерната гарда.






Информацијата доаѓа во период на спротивставени тврдења за состојбата во Ормускиот Теснец, откако висок ирански извор за Си-ен-ен изјавил дека клучната поморска рута повторно е отворена, но дека движењето на бродовите сè уште бара координација со Техеран.

Си-ен-ен, повикувајќи се на податоци од системот „МаринТрафик“, наведува дека дел од бродовите навистина се движат низ теснецот, но дека сообраќајот останува значително намален во споредба со периодот пред ескалацијата на конфликтот.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Ормускиот Теснец „ќе биде отворен“ како дел од договор меѓу САД и Иран, без да прецизира кога и во кој обем ќе се нормализира пловидбата.

Во меѓувреме, иранските државни медиуми пренесуваат различни сигнали за идниот режим на движење низ теснецот. Агенцијата Тасним наведува дека ситуацијата „нема да се врати на состојбата пред војната“, додека државната телевизија ИРИБ објави дека околу 240 бродови во моментов чекаат дозвола за влез.

Ормускиот Теснец останува една од најчувствителните геостратешки точки во светот, низ која минува значаен дел од глобалните енергетски текови.

Поврзани содржини