30 ДЕНА ПРИТВОР ЗА РУСТЕМИ И ЗА УПРАВИТЕЛОТ НА КОМУНАЛНА Обвинителството ги товари за загрозување на здравјето на скопјани
Од Судот информираа дека мерката притвор е определена „поради опасност од попречување на истрагата, влијание врз сведоци и можност за повторување на делото“.
Основниот кривичен суд Скопје им одреди притвор од 30 дена на директорот на Јавното претпријатие „Комунална хигиена“, Сабахудин Рустеми, и на управителот за отпад во претпријатието, поради сомневање дека сториле кривично дело „Загрозување на животната средина и природата со отпад“, предвидено во член 230 став 1 од Кривичниот законик.
Од Судот информираа дека мерката притвор е определена „поради опасност од попречување на истрагата, влијание врз сведоци и можност за повторување на делото“.
„Согласно решението на судот, за осомничените С. Р. и А. С., вработени во ЈП ‘Комунална хигиена‘, мерката притвор е определена заради постоење на основите од член 165 став 1, точки 2 и 3“, соопштија од Кривичниот суд.
Обвинителството појасни дека двајцата осомничени постапувале спротивно на Законот за управување со отпад и на својата основна дејност — редовно собирање и транспортирање на безопасен отпад на подрачјето на Град Скопје.
„Со пропуштање на целосен надзор над собирањето и транспортирањето на комуналниот отпад, како и со непрописно управување со отпадот, тие овозможиле да се создадат мали депонии на јавни и сообраќајни површини, со што го загрозиле квалитетот на почвата, воздухот и водата и го довеле во опасност животот и здравјето на граѓаните“, наведуваат од Јавното обвинителство.
Од таму додаваат дека сомневањата биле потврдени со вонредни инспекциски надзори спроведени од локалните инспектори за животна средина, како и со експертско мислење на Институтот за јавно здравје за влијанието на отпадот врз јавното здравје и можноста за ширење заразни заболувања.
Против решението за притвор странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет на Судот.