2,4 МИЛИЈАРДИ ЕВРА ИЗВОЗ ОД ЗОНИТЕ Странските инвестиции остваруваат 45 отсто од вкупниот извоз
Од Дирекцијата очекуваат ваквиот позитивен тренд да продолжи и до крајот на годинава и да се достигне, но и да се надмине границата од 3 милијарди извоз годишно што би била рекордно ниво до сега.
Компаниите во зоните за 9 месеци остварија извоз од 2,48 милијарди евра што е за 19 отсто повеќе споредено со истиот период лани, односно 8 отсто повеќе споредено со првите десет месеци од 2019 година , информира дирекцијата на ТИРЗ.
Само во октомври компаниите активни во зоните оствариле извоз од 246 милиони евра. И во однос на вкупниот извоз во земјава ТИРЗ останува главен носител на извозните активности со удел од речиси 45 отсто, заклучно со достапните податоци од август годинава.
Анализата покажува и раст на увозот во првите десет месеци од годинава.
Увозот од јануари до октомври 2021 година е 2 милијарди и 441 милиони евра што е за 43 отсто повеќе во однос на истиот период минатата година, додека споредено со 2019 растот е 15 отсто. Увозот само за месец октомври е 215 милиони евра.
Во октомври е регистрирано и највисоко ниво на нето извозот од 14 отсто.
Бројот на вработени е стабилен и останува во рамки на годишниот просек.
Од Дирекцијата очекуваат ваквиот позитивен тренд да продолжи и до крајот на годинава и да се достигне, но и да се надмине границата од 3 милијарди извоз годишно што би била рекордно ниво до сега.
Дирекцијата истовремено внимателно ги следи и ризиците со глобалните синџири на снабдување и доколку е потребно ќе се предложат мерки за справување со можните последици.
– ТИРЗ активно работи и на повеќе иницијативи, меѓу кои воведување на програми за домашни компании, заедно со ИФЦ наменети за технолошко унапредување и можност за вмрежување на домашните компании во синџирот на набавки, потоа програма за поттикнување на раст на продуктивност, наменета за развој на вештини и поттикнување на продуктивноста на работниците и компаниите, како и нова кампања за презентација на инвестициски можности во странство со цел поттикнување на инвестиции со фокус кон сите индустрии – велат од Дирекцијата.