11 ПАЦИЕНТИ СЕ ЛЕКУВААТ ВО 5 ДРЖАВИ Повредените од Кочани наскоро се враќаат во родниот град
Во изминатиот период тим експерти од Велика Британија спроведоа интензивни обуки на 45 здравствени работници во Македонија за физикална и за психолошка рехабилитација на пациентите.
Вкупно 11 пациенти од повредените во пожарот во Кочани се лекуваат во странство. Од нив во Грција се тројца и тие се во добра, стабилна состојба, во Србија се четворица пациенти – исто така во добра состојба – во Австрија е еден, стабилен и сместен на одделение, во Словенија е еден кој веќе посетува рехабилитација, а во Турција се двајца пациенти префрлени на одделение, на кои редовно им се прават преврски, соопшти денеска заменик-министерот за здравство, Јовица Андовски.
Како што Андовски информира на брифинг со новинарите, во изминатиот период тим експерти од Велика Британија спроведоа интензивни обуки на 45 здравствени работници за физикална и за психолошка рехабилитација на пациентите.
– Обуките беа спроведени во 5 јавни здравствени установи, во Клиниката за пластична хирургија, физикална медицина во ГОБ „8 Септември” и во болниците во Штип и во Кочани. По препорака на англиските експерти, рехабилитацијата ќе биде во Кочани за да бидат поблиску повредените до својот дом – истакна тој.
На брифингот, по кој е најавена и прес-конференција, се и директорот на ФЗО Сашо Клековски, како и директорката на Клиника за пластична хирургија, Јасмина Ѓорѓиевска Павловска.