ЗОШТО ВО СКОПЈЕ НЕМА ГРОБИШТА ЗА МИЛЕНИЦИ? Сте го чувале 15 години, а треба да го фрлите на ѓубриште

На сајтот на една фирма за кремирање во Загреб наведени се следните услуги: преземање на телото (на миленичето), кремирање, полагање на останките во касета и вкопување на касетата во гробно место. Компанијата врши превоз од повеќе хрватски градови до гробиштата во главниот град и тоа се наплаќа посебно, а цените за закопот се меѓу 15 и 200 евра. Според каталогот, гробовите на милениците имаат површина од пола до 2,5 метри квадратни.

4,435

Скопјани сè уште немаат каде достојно да ги закопаат или кремираат своите миленичиња, по примерот на други градови во регионот. Мачките, кучињата и другите животни завршуваат во дворовите на оние кои имаат куќи, по разни илегални локации на Водно и Скопска Црна Гора, а доколку се најдат во контејнер или да скапуваат на улица ги собира комуналната служба на Скопје и ги носи во една посебна јама во депонијата „Дрисла“.

Додека системски решенија за ова се очекуваат од градот Скопје или од државата, шпекулациите велат дека постојат луѓе кои на повик илегално ја завршуваат работата која би требало да ја направи некое идно јавно, или приватно претпријатие. И до 50 евра се плаќаат за некој друг да го земе вашиот миленик и „да ја заврши работата“ наместо вас. Значи, сепак гробишта за миленици би можел да биде одржлив бизнис? Колку би чинела услугата ако тоа беше легално? За жал, уште не знаеме колкав е бројот на починати миленичиња годишно за да извлечеме заклучоци.






– Статистика за тоа колку миленичиња или општо животини починуваат во државата уште не се води. Луѓето понекогаш се јавуваат кај ветеринарите кога животното ќе почине во домашни услови и тоа тие го регистрират во ВИС електронскиот систем од АХВ, Агенцијата за Храна и тогаш тие имаат евиденција. Но, тој систем од 2017 година важи само за чипираните животни. Има многу нечипирани, а и многу од сопствениците не се јавуваат – вели Жарко Радовиќ, ветеринар од „Пет Свет“.

Меѓу 50 и 200 евра чини кремирање, превоз и достоен закоп во Софија, Загреб, Истанбул

Ако побарате на интернет, во соседна Софија постојат неколку центри за кремирање на миленичиња. Негде околу 50 евра ако миленичето има до 5 килограми, а до 100 евра ако животното има до 50 кг се плаќа во Бугарија за заедничко, а дупло од тие цени за засебно кремирање. Гробници пак, за миленичиња, мапата покажува дека има во Белград, Истанбул, во соседна Грција.

На сајтот на една фирма за кремирање во Загреб наведени се следните услуги: преземање на телото (на миленичето), кремирање, полагање на останките во касета и вкопување на касетата во гробно место. Компанијата врши превоз од повеќе хрватски градови до гробиштата во Загреб и тоа се наплаќа посебно, а цените за закопот се меѓу 15 и 200 евра. Според каталогот, гробовите на милениците имаат површина од пола до 2,5 метри квадратни.

Потребни се простор, луѓе, комунална дозвола и приватна иницијатива

Плусинфо разгоравараше со неколку ветеринарни амбуланти и со експерти. Сите тие се сложуваат дека одговорот е во Град Скопје кој мора да го скрои планот.

– Решението можат да го дадат инспекциските служби во комбинација со комуналните. Ние како приватни вет-амбуланти тоа одамна го бараме, но не можеме да го организираме. Тоа може да се реши на ниво на општина, на град или на држава. Ќе бидат потребни комунални дозволи, избирање на простор како прв чекор – вели д-р Жарко Радовиќ од „Пет Свет“.

Според него, комуналното одлагање на лешови од сопствениците во моментот не е јасно регулирано.

– Граѓаните немаат лично пристап до таа јама, односно гробница во депонијата „Дрисла“ – додава тој.

Надлежноста на КХС е само за јавните површини, за друго треба фирма

Со други зборови, само Комуналното претпријатие на Скопје има надлежност да одлага мрша во јамата и тоа само од јавни површини, што вклучува и починати коњи, оставени животни, починати улични кучиња и слично.

– Гробните места за миленичињата не се во ингеренција на КХС. Претпријатието порано имаше ингеренција да заловува на Вардариште, но сега Вардариште е под Лајка, а КХС има надлежност само за собирање на мршите со посебно возило кои се носат во специјалната јама во „Дрисла“. Одиме и на повик од граѓани, но само ако тоа е на јавна површина – вели Анамарија Бранѓолица, портпаролка на Комунална Хигиена Скопје.

Достојното погребување значи и одржување на гробното место, чистење, практично истите нешта кои ги има во гробница за луѓе.

– За гробиштата кои се луксузна варијанта, препоставувам потребна ќе биде приватна иницијатива. Исто како што скопските гробишта во Бутел се приватни и некој ги одржува – вели Живко Радовиќ од „Пет Вет“.

Имало крематориум на Ветеринарниот факултет, веќе не функционира

– Порано во рамките на Ветеринарниот факултет, функционираше т.н. кафилерија, каде што ги спалуваа животните. Но, тоа веќе не функционира со години. Печките се скап проект и треба да се испита колку тоа ќе влијае на загадувањето – вели д-р Јасминка Серафимовска од ветеринарната болница „Ветенал“, додавајќи дека вакво нешто постои во Белград и Загреб.

Според неа, Факултетот има одреден договор со „Дрисла“ за одлагање на трупови, но за тоа се плаќа и до 6.000 денари, но тоа важи само за итни случаи, кога Комуналното претпријатие може да излезе во пресрет на институциите. Граѓаните сè уште немаат пристап до институција, јавна или приватна кај што ќе може да ја изврши целата услуга за нив.

– Верувам дека ќе има голем интерес. Постојат многу кучиња во Скопје. Скопјани ги третираат како член на семејството и треба еден ваков простор. Мислам дека би можело да функционира – смета Серафимовска.

Поврзани содржини