Зошто со децении не се изградија гробишта за миленици?
И по неколку децении прашањето за гробишта на миленици сѐ уште не е регулирано во Законот за гробишта.
Прашањето што по смртта на вашиот миленик, не е решено во Република Македонија и не постојат посебни гробишта и места каде можат да се закопаат милениците по нивната смрт, иако во светските метрополи ова прашање е решено пред неколку децении.
Активисти на здружението „Анима Мунди“ коментираат дека мора да се најде начин и да се направат гробишта за миленици, бидејќи како што е сега ситуацијата милениците се закопуваат на јавни површини, тревници, на периферија на Скопје и слично, така што се кршат закони за што следат казни.
Иницијативата на „Анима Мунди“ за основање гробишта на миленици не е прифатена, иако ова барање било дел од партиските предизборни ветувања.
Од Град Скопје, пак, велат дека прашањето за гробишта на миленици не е регулирано во Законот за гробишта.
– Тој правен вакуум локалните самоуправи не можат да го пополнат со подзаконски акти и да обезбедат услови и за ваков вид на третман на домашните миленици. Сè додека не се регулира овој сегмент, не можеме да коментираме за понатамошни чекори – велат од Град Скопје.
„Комунална хигиена“ не е задолжена за преземање на угинати миленици, а последните две години таа услуга е препуштена на новото јавно претпријатие „Лајка“.
– Ние единствено што правиме е да собереме мрша доколку наидеме на неа на јавна површина. Тоа е наша ингеренција, тогаш пуштаме екипа која што го презема животното. Без разлика дали станува збор за куче, коњ, сме го забележале самите или пак сме добиле пријава од граѓани, сеедно, ние функционираме на тој начин – вели Ана-Марија Бранѓолица од „Комунална хигиена“.
Оттаму велат дека уличните кучиња или кое било друго животно најдено на јавна површина, завршува во отворената дупка во Дрисла, која отсекогаш се користела за таа намена, за исфрлање на мршите.
– Ние пуштаме екипа, која е опремена со посебно камионче, таа го собира животното и го носи директно во Дрисла. Но станува збор само за животни од јавна површина – додава Бранѓолица.
„Комунална хигиена“ не соработува со ветеринарите за подигање на миленици кои се успиени, на пример. Единствено доаѓа во случај ако ветеринарите го одложиле животното на улица и повикале екипа.