ЗОШТО СЕГА СЕ ЧУДИШ КОГА И ВО НОВИ САД ТИ ГО КАЖАВ ИСТОТО? Пендаровски му одговори на Заев за „фаличноста“ на „Отворен Балкан“

Претседателот Пендаровски никогаш нема дадено изјава или донесено акт или одлука со која би бил против пријателството на народите во регионот и против нивната ЕУ перспектива. За жал, многу други политичари во регионот делуваат во спротивна насока, соопшти Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски.

1,954

Ставот на претседателот Стево Пендаровски во однос на иницијативата „Отворен Балкан“ е конзистентен од самиот почеток, а претседателот тоа му го има и лично пренесено на премиерот Зоран Заев по првичниот состанок во Нови Сад кога е промовирана иницијативата, соопшти Кабинетот на претседателот откако Заев денеска истакна дека е изненаден од тоа што Пендаровски смета оти иницијативата „Отворен Балкан“ е „фалична“.

„На оваа тема, во Кабинетот на претседателот Пендаровски како точка на дневен ред се разговараше и на првата лидерска средба во присуство на опозициските партии во 2019 година. Едногласен заклучок во однос на иницијативата ’Отворен Балкан‘, усогласен меѓу сите политички субјекти на таа лидерска средба беше дека нашата држава нема алтернатива на патот кон полноправно членство во ЕУ и дека доколку иницијативата ’Отворен Балкан‘ има таков карактер, таа не е прифатлива за ниту еден политички субјект во Република Северна Македонија. Претседателот Пендаровски никогаш не бил против зајакнување на економските процеси, олеснување на царинските процедури, слободниот проток на луѓе и капитал меѓу земјите на Западен Балкан. Но, тоа што половина од државите во регионот не се дел од иницијативата ’Отворен Балкан‘ објективно го лимитира нејзиниот потенцијал. Претседателот Пендаровски никогаш нема дадено изјава или донесено акт или одлука со која би бил против пријателството на народите во регионот и против нивната ЕУ перспектива. За жал, многу други политичари во регионот делуваат во спротивна насока“, соопшти Кабинетот на Пендаровски.






Заев денеска истакна дека особено е неразбирливо кога „негативна реакција доаѓа од првиот човек во државата кој би требало да биде и прв во заштитата на интересите на граѓаните“.

– Јас сум изненаден што Пендаровски ги промени своите ставови за оваа пред сѐ економска иницијатива, но нема да бидам изненаден кога повторно ќе се премисли за да даде поддршка во периодот што доаѓа, а во интерес на граѓаните, државата и регионот – истакна Заев за ТВ21.

 

Поврзани содржини