ЗОШТО СДСМ НЕ ГИ ПОДДРЖА ИНТЕРПЕЛАЦИИТЕ ЗА КОЦЕВСКИ И ЗА СУДСКИОТ СОВЕТ? Секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ прави реформи, СДСM со сите сили ги блокира, реагира ВМРО-ДПМНЕ

434

Ако СДСМ е за реформи во правосудството, зошто не ги поддржа интерпелациите за Љупчо Коцевски и за Судскиот совет, праша ВМРО-ДПМНЕ.

„Навистина е мачно да се гледаат СДС во нивната безидејност и дезориентираност. Ако се за реформи, зошто СДС не ја поддржа смената на Љупчо Коцевски? СДС се за сѐ, само не се за реформи на правосудниот систем, затоа што и во судството и во обвинителството имаат свои луѓе кои ги штитат од одговорност за сторените криминали. Секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ прави реформи, СДС со сите сили ги блокира“, реагира ВМРО-ДПМНЕ.






Оттаму додаваат дека освен што го штителе Коцевски во Собрание, пратениците на СДСМ не гласале ни за интерпелациите на членовите на Судскиот совет.

„За време на седумгодишното владеење на СДС и ДУИ, судии и обвинители се бираа во нивните партиски штабови во Струмица и во Зајас. Па, така, нивните избраници наместо за правдата и за народот, работат за кликата на СДС и ДУИ, а овие ги штитат од разрешување. Довербата од 2%, со последната пресуда условна казна, за случајот ‘Онкологија’, ја срози на нула. На судскиот систем, не само што му се потребни реформи на кои СДС се противи и ги блокира, туку тој е зрел за целосен ремонт“, се додава во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ денеска го обвини премиерот Христијан Мицкоски дека зборува за мачнина од судството, а не започнал ниту направил ниедна реформа.

„Откако е на власт, Мицкоски не донесе ниту еден реформски закон за судството. Неговиот неспособен министер за правда од ЗНАМ за цела една година не спроведе никаква промена. Наместо ветените промени, Мицкоски го претвори правосудството во партиска филијала – со судии сопружници на негови градоначалници и роднини на неговите коалициски партнери. Мицкоски дури и одби заедно со СДСМ да ги донесе неопходните реформски закони, со што јасно покажа дека нема никаква намера да спроведе реформи во судството“, обвини СДСМ.

 

Поврзани содржини