ЗОШТО САУДИСКА АРАБИЈА САКА НУКЛЕАРНА ЕНЕРГИЈА ПРИ ТОЛКУ НАФТА? Вашингтон и Ријад потпишаа историски нуклеарен договор

Саудиска Арабија сака да развие нуклеарна енергија за да ја намали домашната потрошувачка на нафта и со тоа да остави повеќе сурова нафта за извоз. Употребата на нуклеарна енергија би ѝ помогнала на земјата да ги намали емисиите на штетни гасови и да обезбеди електрична енергија за системите што бараат енергија, како што се десалинизацијага на морската вода и климатизацијата.

1

 

Соединетите Американски Држави објавија во средата (22 јули) дека потпишале договор со Саудиска Арабија за соработка во областа на цивилната нуклеарна енергија, заедно со посебен билатерален договор за заштитни мерки.






Договорите ги потпишаа американскиот секретар за енергетика, Крис Рајт, со саудискиот министер за енергетика, принцот Абдулазиз бин Салман.

Министерството за енергетика на САД објави дека договорите ќе ја продлабочат соработката меѓу Вашингтон и Ријад во секторот за цивилна нуклеарна енергија.

„Заедно, овие два договора ја поставуваат правната основа за повеќедецениско партнерство вредно повеќе милијарди долари кое придонесува за голем број приоритетни економски и стратешки цели, вклучително и спречување на нуклеарно ширење“, се вели во соопштението на Министерството за енергетика на САД.

Договорот, познат како Договор 123, ќе ѝ овозможи на Саудиска Арабија да гради нуклеарни реактори со помош на американска технологија. Исто така, ќе му овозможи на кралството да збогатува ураниум и да преработува нуклеарен отпад, активности од кои потенцијално може да се добијат материјали за производство на нуклеарно оружје.

Како и сите потписници на Договорот за неширење на нуклеарно оружје, Саудиска Арабија веќе вети дека нема да развива атомска бомба и се согласи на меѓународни инспекции.

Сепак, договорот не содржи Дополнителен протокол што би ѝ дозволил на Меѓународната агенција за атомска енергија да спроведува подетални и ненајавени инспекции.

Американската администрација соопшти дека договорот е во согласност со барањата на Законот за атомска енергија за неширење на нуклеарното оружје.

Саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман претходно изјави дека Саудиска Арабија не сака да развива нуклеарно оружје, но дека ќе го стори тоа доколку Иран се здобие со такво оружје.

Вашингтон и Ријад со години разговараат за нуклеарна соработка. Саудиска Арабија се стреми да добие пристап до американската технологија, бидејќи американските компании се натпреваруваат за профитабилни договори.

Договорот ќе биде испратен до Конгресот и ќе стапи на сила освен ако пратениците не го блокираат во рок од 90 дена.

Неколку демократски членови на Конгресот изразија загриженост дека договорот би можел да го зголеми ризикот од ширење на нуклеарното оружје и да поттикне регионална трка во вооружување.

– Тие (американската администрација) ѝ дозволуваат на Саудиска Арабија, воинствена и авторитарна држава, да развива технологии што можат да се користат за производство на нуклеарно оружје, а истовремено да води војна против Иран под изговор за спречување на иранска нуклеарна бомба“, изјави демократскиот сенатор Едвард Марки за Ројтерс.

Овој договор ќе нè направи сите помалку безбедни, додаде тој.

„Овој договор ќе започне нуклеарна трка во регионот и дополнително ќе го обесхрабри Иран да ја ограничи својата нуклеарна програма“, напиша демократскиот сенатор Крис Марфи на Икс.

Саудиска Арабија сака да развие нуклеарна енергија за да ја намали домашната потрошувачка на нафта и со тоа да остави повеќе сурова нафта за извоз. Употребата на нуклеарна енергија би ѝ помогнала на земјата да ги намали емисиите на штетни гасови и да обезбеди електрична енергија за системите што бараат енергија, како што се десалинизацијага на морската вода и климатизацијата.

Аспирацијата на Саудиска Арабија има и политичка димензија.

– Тоа е, меѓу другото, и прашање на престиж – вели експертот за нуклеарна енергија Нур Еид од аналитичкиот центар „Енергија за раст“.

Соседните Обединети Арапски Емирати се гордеат што станаа првата арапска земја во регионот што изгради нуклеарни реактори. Нуклеарната централа Барака беше пуштена во употреба пред 6 години, а нејзиниот мотив може да се најде и на банкнота од Емиратите.

Нуклеарна централа е во изградба и во Египет, со поддршка на Русија.

– Сепак, и Емиратите и Египет се откажаа од збогатувањето на ураниумот. Со Саудиска Арабија е различно.Бидејќи збогатувањето на ураниумот е право загарантирано со Договорот за неширење на нуклеарно оружје, Саудијците не сакаа да се откажат од него. Фактот дека сега очигледно успеаја да го добијат во преговорите со САД е извор на гордост за нив – вели Нур Еид.

Израел, исто така, користи нуклеарна енергија за истражувачки цели и се смета за единствена држава во регионот што поседува нуклеарно оружје, иако никогаш официјално не го потврди тоа.

Претседателот Доналд Трамп се обиде да ја охрабри Саудиска Арабија да воспостави односи со Израел во рамките на таканаречените Авраамови договори, но Кралството неодамна решително го отфрли тоа.

Поврзани содржини