Зошто Општина Сарај ги принудува граѓаните да ги иселат камп-приколките од езерото Треска?
Општина Сарај која моментално управува со центарот не образложува зошто ги сели приколките.
Сопствениците на камп-приколките во спортско-рекреативниот центар „Езеро Треска“ на крајот на минатата година од општина Сарај добија рок од 60 дена да ги иселат приколките. Тие, како што велат, се револтирани и збунети од ненадејната одлука, но и содржината на известувањата за постапката и најавуваат дека правдата ќе ја бараат на суд, а приколките ќе ги постават пред владата и пред Град Скопје. Општина Сарај која моментално управува со центарот не образложува зошто ги сели приколките.
– На 29 декември лани дел од нас добија известување дека треба да ги иселиме камп-приколките од езерото Треска. Ни беше речено дека тоа е одлука на Советот на општината, а рокот за иселување на камповите е 60 дена. Сметаме дека општината нема право да нѐ принудува на тоа бидејќи договорите потпишани со ЈП „Лиќени Треска″ сѐ уште се на сила за што и годишно плаќаме паушал од 12.300 денари. Дополнително, ние не ги донесовме приколките сами кај езерото, туку принудно со одлука на Град Скопје. Како сопственици веќе се организиравме во Здружение, ќе ангажираме и адвокат и ќе ги преземеме сите активности да не дојде до тоа иселување – вели Ацо Диневски, претседател на Здружението на сопственици на камп-приколките на езерото Треска.
За Петре Неделковски, еден од сопствениците на приколка, неразбирливо е тоа што општина Сарај во дел од известувањата се повикува на нацрт одлука на Владата за изградба на туристичко развојна зона, а известувањата се со збунувачки образложенија.
– Нацрт одлука, не е одлука која е правосилна и неразбирливо е зошто општината се повикува на такво нешто за да го покрие иселувањето на приколките. Дополнително, туристичката развојна зона ќе се гради на спротивната страна од местото каде што се поставени приколките. И најзбунувачко е тоа што секој од нас доби различно известување. На 10 сопственици им се наложува да ги иселат приколките поради енормно загадениот воздух во општина Сарај. На други, меѓу кои на мене, дека нема да ни се продолжат договорите со ЈП „Лиќени Треска“ бидејќи Министерството за економија планира изградба на развојно-туристичка зона, а на трети нешто сосема трето. Не ни е јасно зошто се прави ваков хаос – вели Неделковски.
Дел од 500 приколки кои се поставени крај езерото се тука повеќе од 30 години, а нивните сопственици имаат инвестирано во пристап до струја и уредување на крајбрежјето на езерото.
– Јас сум овде веќе 32 години. За овие години инвестиравме во рекреативниот центар. Донесовме струја за што плаќавме по 300.000 динари во тоа време, но затоа пак веќе 5 години откако со Центарот управува општина Сарај немаме никаква услуга од Јавното претпријатие „Лиќени“. Не се одржува хигиена, нема чуварска служба, редовно се извршуваат кражби и упади во приколките, со еден збор никој не се грижи за центарот иако за тоа земаат по 12.300 од секој од нас– вели Диневски.
Сопствениците на приколки потсетуваат дека рекреативниот центар езерото Треска е граден со самопридонес на граѓаните на Град Скопје и тоа не може да се продава без за тоа да бидат прашани граѓаните.
– Ние како граѓани издвојувавме по 2 отсто за изградба на центарот. Ние не ги донесовме сами приколките овде, туку ни наложи Град Скопје во 1987 година, бидејќи не сакаше нашите приколки да ги има по паркинзите пред зградите и на улиците во Градот. Сега, општина Сарај, која управува со овој Центар ни наложува да ги иселиме со чудни образложенија – вели Неделковски.
Спортско-рекреативниот центар „Езеро Треска“ во 2014 година е даден на управување на општина Сарај.
Градоначалникот на Општина Сарај Блерим Беџети под чија надлежност е езерото Треска и неговата портпаролка не одговорија на нашите прашања, ниту одговараа на телефонски повици, но во изјава за друг медиум Беџети изјави дека Општината почнала два паралелни процеси за езеро Треска и тоа за иселување на приколките и за прогласување на Треска за слободна туристичка зона.
Според плановите на владата за враќање на сјајот на езерото Треска, околу езерото ќе се гради викенд населба, хотелски комплекс и спортско-рекреативен центар за развој на еко туризам. Владата донесе и одлука дел од земјоделското земјиште во селата Глумово и Шишево, кое се наоѓа околу езерото да се пренамени во градежно, за да може Општина Сарај да направи Детален урбанистички план во кој ќе ги вцрта маркичките за хотелски комплекс и викенд населба. За изградба на овие содржини ќе се бара приватен инвеститор, кој воедно ќе треба да го врати во функција и езерото Треска кое 20 години не работи.
Езерото Треска поради загаденост на водата и забрана за капење е затворено во 1998. Беше изградено во 1978, со самопридонес на жителите на Скопје на површина од 136.000 метри квадратни и капацитет за 10.000 капачи.