Зошто инфлацијата во Македонија е двојно повисока од просечната инфлација во ЕУ
Не ја разбираме суштината на сегашната светска криза – сигналите што ни ги испраќа. А искушенијата, всушност, допрва доаѓаат. Тешко на земјите со високи долгови и хронични навики за преживување со кредитни инјекции. Македонија има сѐ послаб капацитет и да планира и да превенира, или барем колку толку да релативизира каква било посериозна неволја. Политичкиот процес, како најсилна демонстрација на културата на едно општество, секојдневно катапултира личности на државни функции кои својата држава, на највулгарен, најбезобразен начин ја третираат како „зелка-за-зделка“ на усмрдениот кванташки пазар во Скопје – и тој рентиран од „странски“ инвеститор. Се дави во некомпетентноста, во корумпираноста до коска, во неуморното секојдневно сеење лаги.
Критиките за високата инфлација во Македонија не стивнуваат. И неизбежно е тоа. Го дотолчи ионака нискиот стандард на огромен дел од граѓаните, особено на оние со фиксни приходи во чија основна „корпа“ за преживување доминираат расходите за храна и за енергија. Критиките се најмногу упатени кон Владата, спорадично и кон НБРМ. На вторава адреса се „настрвени“ некои лица од политичката опозицијата, а ретко и со внимателност некои надвор од неа.
За Владата се вели, речиси едногласно, дека е некадарна да се справи со кризата (инфлацијата); дека применува недоволни и несоодветни мерки; дека нејзините членови повеќе се грижат за акумулирање лично богатство отколку за маката на граѓаните. На НБРМ, спомнатите профили главно ѝ забележуваат дека „задоцнила со мерките“. Голем дел од пошироката јавност прифаќа дека „кризата е светска“, но доминира прашањето: Зошто инфлацијата кај нас е двојно повисока од просечната во ЕУ, повисока од некои соседни држави и слично?
Во продолжение, ќе се осврнеме на некои од овие прашања.
Ако инфлацијата, од глобални причини, не можела да нѐ одмине, како и многу други земји, сепак, зошто кај нас е двојно повисока, на пример, од истата во ЕУ?
И пред хиперекспанзијата на глобалнoто меѓусебно поврзување на економиите во светот, модерната цивилизација се соочуваше со светски економски кризи, зашто тоа што денес го нарекуваме „глобализација“ не е појава само од овој век. Кризите секогаш започнувале од некоја географска точка, па се ширеле, побрзо или побавно, кон другите, влијаејќи врз остатокот од светот. Денешната драматично зголемена економска поврзаност и меѓузависност на економиите во светот, доведе настаните (во вид на поголеми кризи или подеми) од која било точка на планетата (слично на информациите) да се прелеваат насекаде, безмалку во т.н. реално време. Затоа сите влади, економските шокови што резултираа, прво од светската пандемија ковид-19, а потоа од руската инвазија врз Украина, ги именуваа како „екстерни“ шокови – еден вид на vis major – за кои тврдат дека не е лесно да им се спротивстават со соодветни економски политики. Цинично, но вистинито, актуелниве шокови така ги претставуваат и земјите што се највиновни за нивното настанување – преку нивното хегемонистичко наметнување на моделите за развој и на битката за геостратешка превласт. Малите држави, нужно со поотворени економии кон светот, ipso facto се многу поподложни на екстерните шокови. Па, се чини дека имаат повеќе право да се повикуваат на vis major. Нивниот коефициент на „несамодоволност“ во својот развој е повеќекратно повисок.
Во таа смисла, Република Македонија е перјаничен пример. Има „аргументи“ да ги правда своите поголеми домашни неволји (во случајов, повисоката инфлација) со таквата поголема зависност од настаните во светот. Па уште еднаш, да видиме кои се нашите „специфики“, што влијаат нас потешко да нѐ погодуваат надворешните шокови – во овој момент да имаме двојно повисока инфлација од просечната во ЕУ.
I. Македонија, не само што е енормно зависна од увоз на енергија и на храна – доминантно прашање во секоја глобална криза – туку, во целина, има исклучително висок коефициент на економска „несамодоволност“, што, во негативна смисла, соодветно ги зголемува негативните ефекти врз домашната економија. Познато е дека најкористен индикатор за одмерување на (не)самодоволноста, или, поинаку кажано, на отвореноста кон светот, е годишниот збир на увоз и извоз на стоки и услуги како % од БДП. А тој вели, повторно да се послужиме со некои впечатливи примери, дека вкупниот извоз и увоз на стоки и услуги на САД во нивниот БДП изнесува (само) 26 %; Кина 36 %; Јапонија, 35 %; Русија 50 % (2019 година); ЕУ-27 97,6 %, Евро-зоната 94,8 %. Истиот за Македонија изнесува 148 % (2021 година). Разликата, евидентно, е многу голема, па соодветно на тоа и ширината на каналите за пренос на „екстерните влијанија“ врз нашата економија соодветствува на таа отвореност.
II. На заинтересираната јавност, не еднаш ѝ е предочено дека Македонија за производство на единица БДП троши двојно повеќе енергија од просечната потрошувачка во ЕУ-27. Па, компонентата поскапени енергенси, на пример за ист процент, кај нас и во ЕУ, за толку повеќе ја оптоваруваат цената на чинење на грото производи во Македонија. Да не зборуваме, пак, доколку кај нас, од некои причини, цените на некои или на сите видови енергенси би се зголемиле со повисок процент или се на повисоко апсолутно ниво.
III. Аналитичарите во НБРМ (информација која ја прибрав од нејзината веб-страница) ни посочија уште еден неповолен аспект од спојот екстерен шок – висока зависност од надворешната трговија на една земја, каков што е случајот со Македонија. Во согласност со најновиот пристап на ЕЦБ, пресметале: од околу 760 производи („корпа“ за пресметување на индексот на цените на производите за потрошувачка) во македонскиот случај, само во 11,2 % од нив имале мала увозна компонента. Кај истите производи во ЕУ, тој процент е поголем за над трипати, односно 35 %.
IV. Македонија е ниско доходна земја. И по три децении не се одлепува од неколкуте земји што цврсто го држат европското дно. Расходите на домаќинствата за храна и за енергија во таквите земји учествуваат со значително повисок процент во вкупните расходи. На пример, во Македонија со над 50 %, во ЕУ околу 35 %. Од неколкуте наведени карактеристики на македонската економија можеме да извлечеме повеќе заклучоци. Но, за главната поента на овој текст порелевантни се следниве два.
а. Ставањето под контрола на инфлацијата во високо отворена економија, како што е македонската, е во директна корелација со ставањето под контрола на цените на клучните увозни производи што ја генерираат инфлацијата, а тоа, без домашна алтернатива и моќен фискален капацитет, е тешко изводливо. Треба да ни биде јасно дека со истата економска структура, така ќе биде кај нас и во иднина.
б. Разликата помеѓу базната (core) и вкупната (headline) инфлација е помала во економиите со карактеристики на македонската. Тоа сугерира дека треба да се биде претпазлив кога врз основа на висината на базната инфлација и нејзината разлика со вкупната се извлекуваат заклучоци за тоа колку и кои фактори повеќе ја генерираат – екстерните или интерните. Значи: индикаторот „базна инфлација“ не ни дава ист квалитет на информации за секоја држава. Оттука, во некои случаи може да биде и погрешно насочувачки.
Дали слабите точки на нашата економија треба да ги третираме како објективни причини за нашава двојно повисока инфлација?
Нема никаква дилема дека главните структурни дефекти во нашата економија и слабиот капацитет за одговор на кризи од актуелниов вид, суштински се само акумулирани субјективни грешки (неодговорности и тапоумности) на нашите владејачки гарнитури, во период од повеќе изминати децении, вклучително и од времето на „комунистичко-социјалистичката епопеја“. Тие се објективни само за популацијата што ги наследила – за новородените по нивното создавање.
Констатацијата дека соодносот помеѓу нашата актуелна инфлација (19,5 %) и таа во ЕУ (9,5 %) кој изнесува 2:1 е еднаков на истиот (само на пониско ниво) како во периодот на светската финансиска криза, во 2007-2008 година (8,3 % наспроти 4,17 %), не докажува дека тоа е некаква законитост востановена надвор од нашите политики. Тоа е само потврда дека (и по толку изминато време) ние, ни за „нокот“ не сме ја подобриле структурата на нашата економија, или сме ја влошиле; останале (и се засилиле) истите канали на пренос на екстерните шокови врз домашната економија, како резултат на тоа што ништо не сме промениле во економските политики.
Цинично е и навредливо што двозборката „светска криза“ ја користат токму тие, како смоквин лист за сопствените некадарности, неодговорности и арамилаци - СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и нивните сателити.
Таквите (структурни) хендикепи, кои во голема мерка се причина за повисоката инфлација кај нас, се најмалку „објективни“ за гарнитурите на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и за нивните сателити кои над триесет години се власт во државата. Цинично е и навредливо што двозборката „светска криза“ ја користат токму тие, како смоквин лист за сопствените некадарности, неодговорности и арамилаци, кои ги демонстрираат со децении. Сигурно од небо не долета зголемениот дисбаланс меѓу домашното производство и домашната потрошувачка на електрична енергија; формирањето економска структура која не води сметка за количината на потрошена енергија за добивање единица доход, во земја со многу, многу скудни енергетски извори.
„Севишниот“ сигурно не ни го зголемил јазот меѓу произведената храна дома и увезената храна. Сигурно не ни уништил десетици, можеби и стотина илјади квадратни километри од ионака скудното земјоделско обработливо земјиште. Тој не ни ја девастираше и онаа мрежа за наводнување на земјоделските култури изградена во социјалистичкиот период, не издаде инструкции да не се одржува и да не се зголемува. Тој не даваше субвенции за намалување на производството на клучните земјоделски производи…
Исто така, не ни падна од небо постојаното доведување на јавните финансии на работ на одржливоста, со што се онеспособуваат за интервенција во клучните периоди на кризи. На тоа, без прекин, со децении, работат наведените партии и братии, купувајќи избори и социјален мир на сметка на ѕидањето на јавниот долг.
Еве некои очевидни факти:
Од 2007 година до 30 септември 2022 година, јавниот долг е зголемен за 6.075 милиони евра (од 1.570 на 7.644 милиони евра). Во овие 15 години, секоја година, во просек, на нето-основа, јавниот долг е надѕидуван за по 405 милиони евра. Како процент од БДП е зголемен од 25,8% на 59 %, факт дека растел далеку над растот на БДП.
Во овој период се случија две економски кризи во светот. Онаа од 2008-2009 и најновава, која започна во 2020 година, со пандемијата, продолжувајќи со руската инвазија на Украина. Првата криза, Македонија осетно ја оштети само една година. Во 2009 година размената со странство падна за една третина, додека реалниот БДП за -0,4%. Јавниот долг во 2009 година, во споредба со 2007 година, беше зголемен за плус 202,4 милиони евра. Во период од 10 години (2009-2019), годините без „светски кризи“, јавниот долг беше зголемен од 1.772 милиони евра на 5.541 милиони евра – нето, за плус 3.769 милиони евра. Во просек, во таа декада, секоја година му се додавани по 377 милиони евра. Како процент од БДП, нараснал од 26,2% на 49,2%.
Според тоа: имало или немало криза, просечниот годишен инкремент на јавниот долг од 2007 година до 30 септември 2022 година, во просек, изнесува околу 400 милиони евра годишно – некогаш малку над, другпат малку под таа бројка. Со оглед на неговиот побрз раст од растот на БДП, ги добивме денешните 60% од БДП и извесните 65% во 2023 година.
И наспроти таквиот раст на долгот (заедно со малите, сепак, позитивни стапки на раст на БДП), што се случило?
Јазот меѓу домашното производство и потрошувачката на електрична енергија недозволено се зголемил. Не се изградени нови капацитети, оние од „времето на Тито“ се распаѓаат. Не е подобрена ни енергетската ефикасност во општеството, генерално. Зависноста од увоз на храна, исто така, драстично се зголемила. Во истиот период влошена е и патната инфраструктура во земјата. Јавното здравство е сосема девастирано, сѐ повеќе е супституирано со приватното во кое само небото е границата на цените за услугите. Јавното образование стана предмет за мајтапење, во жесток натпревар кој сектор ќе продаде повеќе лажни дипломи.
Влошувањето на клучните дисбаланси во размената со странство, во услови на повеќегодишен позамашен раст на јавниот долг, се јасен аргумент дека јавните пари претежно се насочувале во непродуктивни проекти, за незаработената лична потрошувачка и за ендемската корупција. Корупција која проголта многу енергетски и други капацитети за производство на витални производи за опстанокот на секој народ, која дрските арамии во власта, до интервенцијата на „Џандарот“, ја нарекуваа „шалтерска“; па веднаш потоа ја видоа и изјавија дека ќе се борат против неа, се разбира, само за да купат уште некој период за дополнително лично богатење. Тоа е основата за нашиот слаб одговор и на оваа криза, за двојно повисоката инфлација, за големиот пад и на онака нискиот животен стандард во Македонија.
Но, да видиме, како и која од надлежните институции дејствуваа во актуелниов момент за нејзино ставање под контрола, со оглед на некои реакции и перцепции во јавноста.
Како дејствуваше НБРМ и дали задоцни со мерките?
На почетокот, неколку напомени:
I. Многу врвни експерти се согласија дека оваа криза (со високата инфлација) е најтешката по Втората светска војна, зашто е предизвикана од огромното нарушување на страна на понудата. Скротувањето на така генерирана инфлација, без да се предизвика рецесија, е исклучително тешко. Пол Кругман („Њујорк Тајмс“, 31.10.2022) вели: „Ако инфлацијата може да биде соборена без остра рецесија (пред сѐ, мисли на САД) што изгледа како реална можност – идните историчари ќе ја сметаат економската политика во услови на пандемијата за значително успешна приказна“.
II. Во 2020 и 2021 година, НБРМ дејствуваше контрациклично. Вбризгуваше ликвидност во економијата, со значителното разлабавување на монетарната политика. Така постапија речиси сите централни банки (и влади) во светот. На сите им беше јасно, особено на централните банки, дека по таквото вбризгување ликвидност (заедно со големите буџетски дефицити) ќе настапи зголемување на инфлацијата. Но, правеа избор помеѓу повисока инфлација (верувајќи дека така ќе спречат повеќе банкротства на компании, ќе има помал раст на невработеноста, ќе се обезбеди повеќе помош за социјално најзагрозените групи), за разлика од алтернативата, намалување на паричната маса согласно намаленото ниво на понуда на стоки и услуги. Според (нео)кејнсијанските приврзаници, ова е исправно, зашто нивното кредо е „побарувачката креира понуда“, така што, во некои ситуации, креирањето парична маса над постојното ниво на понуда на стоки и услуги може да помогне.
Според приврзаниците на Австриската школа (пазарни фундаменталисти), ова е погрешно, бидејќи нивното, пак, основно кредо е „парите се општо средство за плаќање“, помеѓу другото служат за олеснување на трговијата, зашто бартерот не ѝ помага на пазарната економија. Во суштина, како што објаснува нејзиниот фанатичен приврзаник Франк Шостак (Frank Shostak), плаќањата секогаш се сведуваат на плаќање на едни производи и услуги со други. Или, како што пишуваше иконата на оваа школа, Лудвиг фон Мизес (Ludwig von Mises): „Услугите што парите ги прават се условени од висината на нивната куповна моќ. Никој не сака да има залихи на одреден број банкноти или одреден квантитет на банкноти; секој сака да држи одреден квантум на куповна моќ“.
Наведените две позиции и натаму ќе останат спротивставени. Но, по Втората светска војна, царува првото кредо, без оглед што, во зависност од карактеристиките на кризата, вбризгувањето поголема побарувачка (парична маса) над стоковните фондови не секогаш, само по себе, креира поголема понуда и што нарушениот пазарен еквилибриум (демонстриран преку неприфатливо ниво на инфлација) дополнително ги осакатува најсиромашните; дека не секогаш и не во сите дејности, отстранувањето на недостигот од некои стоки и услуги не може да го реши „невидливата рака“ на пазарот. Туку, дека е потребна конкретна, осмислена, планска активност на владите.
III. Кога анализираме и изнесуваме мислење за тоа што и кога НБРМ презела мерки за справување со инфлацијата, важно е да знаеме дека Централната банка на САД, на пример (како и централните банки на другите развиени пазарни економии), главно дејствува преку два канала: со поскапувањето на парите (зголемувајќи ја референтната каматна стапка) предизвикува зголемување на каматите на хипотекарните кредити, што води до пад на активноста и побарувачката во секторот на домување и до апрецијација на доларот (раст на неговата вредност); тоа, пак, предизвикува намалување на конкурентноста на извозот на производите и услугите. Двете работи, заедно, ги туркаат домашните цени надолу.
Во случајот на Македонија и другите со де факто фиксен девизен курс, главно посредно средство за остварување на целната инфлација е стабилниот девизен курс. НБРМ го одржува со постојана активност на девизниот пазар: ги откупува сите вишоци девизи што периодично се јавуваат на пазарот и продава девизи (евра) од резервите секогаш кога има недостиг. Така, или вбризгува или повлекува ликвидност. Стабилниот девизен курс, всушност, дејствува како автоматски стабилизатор. Референтната каматна стапка, според ефективноста, е вториот (третиот) редовен канал – дејствува послабо и со многу подолг одложен ефект. Кога тоа не е доволно (како во актуелниов случај) НБРМ преминува на подиректна контрола на паричната маса: преку менување на износите на благајничките записи, на висината на стапките на ликвидната актива на банките, на коефициентите на задолжителната резерва итн.
И, сега конкретно, во двете години, 2020 и 2021, кога беснееше светската пандемија и косеше животи, затвораше компании, попречуваше нормална трговска размена, што доведе до намалување на БДП во многу земји и кај нас, НБРМ осетно ја разлабави монетарната политика. Од јануари 2020 до март 2021 година, етапно ја намали референтната каматна стапка од 2,25% на 1,25%, а од март 2020 па натаму усвои и повеќе директни мерки за зголемување на паричната маса. Во два чекора, го намали износот на благајнички записи од 25 на 10 милијарди денари. Донесе одлуки за намалување на висината на задолжителната резерва, за олеснување на условите за кредитирање и отплата на доспеаните кредити итн. Тоа го бараа многу гласно и бизнис-асоцијациите и нејзините критичари од политичката опозиција. Капиталистите веднаш се трансформираа во социјалисти/комунисти и побараа државен интервенционизам, од што, во периоди кога профитите им цветаат, по правило се згрозуваат.
Руската агресија врз Украина драматично се надоврза на пандемијата и ја урна претпоставката за транзиторниот карактер на инфлацијата – претпоставка зад која стоеја најголемиот број врвни економисти во светот и централните банки на најразвиените држави. Инфлацијата почна да соборува рекорди, без изгледи да се скроти.
Со многу двоумење и одложување на моментот (за да не предизвикаат поголема рецесија), централните банки, сепак, мораа да запoчнат со мерки за затегнување на монетарните политики. НБРМ дури започна со мерки и пред ФЕД и ЕЦБ, почнувајќи од крајот на 2021 година, иако имаше причини да биде уште попретпазлива од нив. Невработеноста во развиените економии беше (е) едноцифрена, во Македонија двоцифрена, а падот на македонскиот БДП, за време на пандемијата, беше помеѓу највисоките. Згора на тоа, рековме, нашата економија е исклучителен shock absorber: има висок коефициент на надворешно- трговска зависност, има огромни дисбаланси во клучните економски сектори, енергијата и храната – апсолутно несупститутивни (и нерешливи) на краток рок; применува стратегијата на де факто фиксен девизен курс што, сѐ заедно, сугерира дека во таква ситуација мерките на фискалната политика се примарни.
Освен со интервенции на девизниот пазар, што започнаа кон крајот на 2021 година, на 12 април 2022 година НБРМ го отпочна зголемувањето на референтната каматна стапка, брзо по руската агресија врз Украина (24.02.2022). Во осум чекори, заклучно со последниот, референтната камата ја зголеми од 1,25 % на 4,75 %, а ги зголемуваше и каматите на седумдневниот и депозитот преку ноќ, со кои исто така влијае врз паричната маса.
Оние коишто со „шублер“ мерат кога НБРМ требало да го почне зголемувањето на референтната камата, велат дека требало порано. Но, што испуштаат од вид, намерно или случајно? Дека фактичкото затегнување на монетарната политика НБРМ го демонстрираше уште кон крајот на 2021 и почетокот на 2022 година, преку мерките кои подиректно влијаат на намалувањето на паричната маса во економијата отколку што тоа се постигнува со референтната камата.
Аргументи? Во двете „пандемиски“ години (2020 и 2021) најшироката категорија на паричната маса, М4, остварила раст од 6,9 % и 7 %. Во првиот квартал од 2022 година, нејзиниот раст изнесува 2,8 %, во вториот 1,4 % и во третиот квартал 2,9 %. Просечно, за трите квартали, раст од 2,3 %. Ако имаме предвид дека во 2020 и 2021 година годишните стапки на инфлација изнесуваа 2,3 % и 4,9 %, додека во 2022 заклучно со ноември, 19,5 %, може да се заклучи, всушност, колкав е реалниот пад на паричната маса годинава.
Овој факт НБРМ можеше уште понагласено да го споделува со јавноста. А тој е клучниот, за да се види од кога инструментите на НБРМ почнале да произведуваат реален ефект на значително затегнување на монетарната политика. Да го комуницираше појасно, можеби, нејзините критичари ќе ја критикуваа дека „претерала“.
Дали НБРМ и централните банки пред сѐ од западната хемисфера, можеле и требало да постапат поинаку во оваа, многу, многу поразлична светска криза од сите досегашни во економската историја? За тоа ќе учиме од ex-post анализите, кои поумните и пообразованите од нас во развиениот западен свет веќе почнаа да ги прават. И притоа, да не заборавиме на различниот контекст во секоја одделна земја: која и какво економско наследство си создала и со каков државен буџет може да одговори.
Како ги оценија Европската комисија и ММФ овие мерки на НБРМ?
„Во целина (заклучува извештајот на Европската комисија, октомври 2022 година) позицијата на монетарната политика беше во согласност со тековните економски фундаменти, одговарајќи на пазарните очекувања за натамошниот раст на инфлацијата, истовремено ублажувајќи го негативниот удар врз економијата што потекнува од пандемијата и енергетската криза“.
Во извештај на ММФ (28.11.2022) по повод одобрувањето на средствата за претпазливост и ликвидност, оваа институција пишува:
„Монетарната политика (НБРМ) во услови на висок раст на глобалните цени на енергијата и на храната, кои што предизвикаа висок раст на инфлацијата во земјата, одговори навремено… започна со монетарни мерки кон крајот на 2021 година, со интервенции на девизниот пазар за апсорбирање на денарската ликвидност. Од април 2022 година НБРМ започна со циклусот зголемување на каматниот диференцијал во однос на каматата на ЕЦБ, заради поддршка на девизниот курс на денарот. НБРМ исто така изврши измени на стапките на задолжителната резерва за да се дестимулира штедењето во евра. Банкарскиот систем е стабилен, добро капитализиран со стабилни извори на финансирање.
Како дејствуваше Владата?
Владата, не само оваа, континуирано планираше и остваруваше буџетски дефицити, често над фискалниот капацитет за одржливост на јавните финансии. Тоа нема друго име, освен инфлаторно финансирање, особено ако минусното салдо не ја подобрува страната на понудата на витални стоки и услуги и условите за повисока општествена продуктивност. Поголемиот дел од приказната дека „се задолжуваме за развој“, во нашиот случај, треба да ја фрлиме на некое буниште.
Во 2020 година буџетскиот дефицит изнесуваше -8,1% од БДП, најголем по 1993 година (-13,4%). Во 2021 година -5.4 % (како за време на меѓуетничкиот конфликт во 2001 и 2002 година). Во 2022 година, исто така високо планираниот дефицит ќе биде делумно анулиран со „инфлаторниот данок“ што го прибира Владата. Во 2023 повторно високо планиран дефицит (-4,6%).
Погоре зборувавме за неизбежноста од зголемувањето на дефицитот во 2020 и 2021 година, за континуитетот на растот на јавниот долг со големи годишни инкременти од 2007 година до денешни дни. Меѓутоа, од аспект на причините за инфлацијата и способноста да се совладува/намалува (и кога иницијално е предизвикана од екстерни шокови) важно е како го распоредувате изнудениот буџетски дефицит, заедно со (не)успешноста на вкупното управувањето со јавните финансии и изборот и тајмингот на примената на економските мерки. Бидејќи за овие прашања повеќепати критички сум пишувал и говорел, овој пат сликата ќе ја разјасниме со погледот на еден екстерен impartial spectator (што би рекол Адам Смит), а тоа е последниот годишен извештај на Европската комисија за нашата земја (од 12.10.2022).
Ќе цитирам некои наводи од Извештајот (стр. 47-52, но не според наведениот редослед), кои се дел од нашиот проблем за повисоката инфлација кај нас:
- „Со забрзувањето на цените на храната и на енергијата на почетокот на 2022 година, Владата усвои нов сет фискални мерки за да го ограничи негативниот ефект врз економијата. Овие мерки не беа добро насочени кон оние кои имаа најголема потреба“.
- „Важни реформски мерки за унапредување на фискалното управување и за одржливоста на јавните финансии беа откажани“.
- „Индексацијата на пензиите беше променета, за да ги одразува (вклопува) движењата на платите заедно со инфлацијата, имплицирајќи натамошен притисок врз расходите на исцедениот пензиски фонд“.
- „Почнувајќи од крајот на 2021 година, забрза растот на увозните цени и притисоците на домашните цени се зацврстија, вклучително од постојаниот раст на платите, дополнително разгорен од наглото покачување на минималната плата за 18,5%, во март 2022 година“.
- „Недостатоците во управувањето со јавните финансии остануваат. Слабостите во собирањето на даноците и големите даночни изземања ја еродираа даночната база, што придонесе за намалување на даночната стапка на јавните приходи во изминатите години“.
- „Имплементацијата на реформите за фискално управување се зачмаени. Акцискиот план за унапредување на управувањето со јавните финансии многу доцни, вклучително и формирањето на единицата за управување со јавните инвестиции (PIM) во Министерството за финансии“.
- „На предизвиците на неформалната (сивата) економија не е одговорено на одлучен начин (таа се проценува на 38% од БДП).
- „Транспарентноста и ефикасноста на државната помош останува недостаточна. Државната помош во 2020 година се искачи на 7,9% од БДП, во 2021 година 6,8%, споредено со состојбата пред ковид-пандемијата, 2017 – 2019 (5.3 %) но управувањето со неа е влошено“. (Мора да додадам, за нашиот финансиски габарит, огромни износи, од 700 милиони до над 1 милијарда евра).
- „Во целина, транспарентноста и ефикасноста на државната помош е негативно погодена од големиот број државни провајдери на државна помош, од недостатокот од ажуриран регистер и сѐ уште маргиналната компетентност на Комисијата за заштита на конкуренцијата и супервизија на државната помош“.
- „Антикризните мерки патат од неадекватно планирање, примена и мониторирање, исто така и транспарентност и одговорност. Има малку ex-ante анализи за потенцијалните придонеси и малку ex-post евалуации за нивната ефикасност…“
Мислам, повеќе од доволно…
Kaко би ја совладала инфлацијата опозицијата во Македонија?
Како што рековме на почетокот, во 2020 и 2021 година, со поддршка на поголемиот дел врвни економисти во светот, централните банки и влади решија и на тековнава економска криза да одговорат со политика метафорички наречена „истурање пари од хеликоптер“. Првите, преку „патосирање“ на каматите и директно вбризгување огромна парична маса во нивните економии; вторите, со натамошно ѕидање на јавниот долг – повеќе отколку за време на кризата 2007- 2008 година. Таквиот одговор на кризата (во дадениот момент) им одговараше на социјално најранливите: работниците, државните чиновници – сите со ниски и со фиксни плати. А како нужен го сметаа и компаниите, особено во некои од дејностите на кои им се закануваше банкрот. Само, бараа „хеликоптерот“ да „работи“ во повеќе смени.
Меѓутоа, истиот одговор, дури и повеќе, им одговараше и на богатите. Не само што не им ја доведуваше во прашање привилегираната, капитало-сопственичка позиција во поделбата на националниот колач (БДП) во однос на „другата страна“, главно несопствениците на капитал, туку и им ја подобрува(ше). Како? Така што, во услови на висока инфлација „инфлаторниот данок“ освен во касата на државата, се слева и на многу нивни конта. И затоа што најголеми бенефициенти од секој наѕидан јавен долг, на разни начини, сепак се компаниите и најбогатите поединци, а најголем партиципиент во отплатата, поради регресивноста на постојните даночни системи, е „другата страна“, несопстениците, т.н. прекаријат; оние што добиле повеќе банкноти од зголемениот јавен долг, со кои можат да купат многу помалку производи и услуги; оние што инфлацијата ги „искубала“ како мисирка подготвена за во врела рерна.
Кога во втората половина на 2021 година почна да се зголемува инфлацијата, а во 2022 почна да руши рекорди, вклучително и во Македонија, сите почнаа да бараат нејзино скротување. Тоа, најенергично го побара и нашата, секогаш високодецибелна ВМРО-ДПМНЕ, „заштитник“ и на најбогатите и на најсиромашните. Таа, истовремено, бараше и соборување на инфлацијата, „загрижена“ за најсиромашните; и општо зголемување на платите, на пензиите, на социјалните трансфери; но ги поддржа и најбогатите, да не плаќале даноци со повисоки стапки од сиромашните. Иронично, истовремено бараше и јавниот долг не само да не се зголемува, туку и да се намалува.
Изворот за таквата „дарежлива рака“ биле откорнувањето на корупцијата и штедењето на непродуктивни расходи. Веројатно, исто како што таа партија правеше во 15-те години од нејзиното владеење. Па, како „сериозна“ партија (така велат сите за себеси) понуди и план од пет мерки, надополнуван и надоградуван.
Помеѓу другото, опозицијата побара (12.10.2022):
- „Одложување на скалестото оданочување кое го планира власта“. На таков начин, вели, „ќе се заштити не само стандардот на населението, туку и ќе се влијае на ликвидноста на фирмите“.
- „Да се обезбедат повеќе пари за стопанството преку дестерилизација на благајничките записи на НБРМ (всушност, намалување на нивниот износ, односно вбризгување повеќе пари во економијата). Со ова ќе се помогне да се зачуваат многу работни места и нема да се дозволи затворање на фирми“.
- „За граѓаните да се воведе викенд без плаќање на ДДВ за основните прехранбени производи…“
Претходно (04.02.2022) истава партија се огради од нејзиниот најистакнат економист, Трајко Славевски. Тој, за ТВ24 изјави дека „барањето на Сојузот на синдикатите за зголемување на минималната плата на 18.000 денари е неоправдано“, дека „тоа се коси со целокупната практика во Европа и светот“, на што неговата партија експресно одговори, за да не загуби некој дел од потенцијалните избирачи, дека е тоа негов личен став. И веднаш потоа, дополнително се дистанцираше од логиката на својот најпознат економист, со конкретен акт.
На 11.02.2022, нивната пратеничка група поднесе амандман за повисоки плати на наставниците за 20.000 денари. Со амандманот на Законот за минималната плата побара: „Наставниците, со коефициент 2.503, што примаат нето-плата од 24.782 денари, да добиваат по 45.054 денари. Во средните училишта, професорите, наместо сегашните 25.838 денари нето-плата, да примаат по 45.594 денари“.
Oвој вулгарен и неодговорен популистички натпревар меѓу власта и ВМРО-ДПМНЕ продолжува и во критичната 2022, кога инфлацијата соборува рекорди. Но, да бидеме правични. Ваква популистичка какофонија е содржина на сите политички партии од осамостојувањето до денес. Помеѓу другото, затоа стигнавме до овде до каде што сме – до колективна каталепсија на македонското општество.
Во соопштението по тој повод, партијата дополнително најави:
„ВМРО-ДПМНЕ, со амандман ќе бара усогласување на платите во јавниот сектор… нивно скалесто зголемување во однос на минималната плата. Износот на коефициентите и вредноста на бодот на колективните договори на сите нивоа и во сите области да се усогласи со порастот на минималната плата…“ (Оправдано од аспект на нарушувањата што таквото зголемување на минималната плата ги произведе помеѓу различно вреднуваните работни места, но од аспект на „борбата“ против инфлацијата, цинично).
И овој вулгарен и неодговорен популистички натпревар меѓу власта и ВМРО-ДПМНЕ (кој е перманентен) продолжува и во критичната 2022, кога инфлацијата соборува рекорди. Тогаш кога сите држави почнаа да вршат контракција на паричната маса во нивните економии, зашто се уверија дека нема ништо од нејзината транзиторност, дека таа станува многу поголема закана по социјалниот поредок и мир, отколку забавувањето на почнатото закрепнување на економиите, па дури и од некакво ниво на рецесија. Но, да бидеме правични. Ваква популистичка какофонија е содржина на сите политички партии од осамостојувањето до денес. За да биде штетата поголема, тоа веќе не зависи дури и од тоа дали некоја од нив е власт или опозиција. Помеѓу другото, затоа стигнавме до овде до каде што сме – до колективна каталепсија на македонското општество.
Има ли лек за нас?
Нашата болест станува сѐ потешко излечива. Ниту некогаш сме го разбирале светот, ниту денес го разбираме. Глобализацијата ја разбравме како „наредба“ сѐ што имаме да продадеме, неспособни да купиме што било. Не разбравме дека за да купуваш што било, прво треба да имаш нешто што ќе продаваш – дека тие две страни треба да се избалансирани, независно од проодноста, или релативноста на границите помеѓу државите. Не ја разбираме ни суштината на сегашната светска криза – сигналите што ни ги испраќа. Мислиме дека се работи за само уште еден „бизнис-циклус“, кој само што не поминал, како и некои претходни.
Искушенијата, всушност, допрва доаѓаат. Се случува глобален процес на премин од проблеми со побарувачката кон проблеми со понудата. Посебен проблем за оние држави што имаат голем недостиг од виталните производи за живот. Завршува периодот на безгранична испорака на ликвидност од страна на централните банки и расте ранливоста на финансиските пазари. Тешко на земјите со високи долгови и хронични навики за преживување со кредитни инјекции. Растот на трошоците за позајмување штотуку е започнат и нема бргу да заврши.
Има силни, спротивни знаци на досегашниот процес на глобализација. Шампионот на слободната трговија, САД, стана најпротекционистичката држава во друштвото на најразвиените. По руската инвазија на Украина, ништо нема да биде исто. Процесот на договарање во Г-20 дополнително ослабна, ООН се одамна парализирани, расте непринципиелниот натпревар меѓу Кина и САД, драматично ослабнаа иницијативите за заедничка акција во решавањето на глобалните проблеми. Климатските промени претставуваат уште пострашна закана за страната на понудата на стоки од егзистенцијална природа за човештвото, дури и во споредба со неодговорните геостратешки игри на големите економски, воени и политички слонови.
Економската сила од Западот се тркала кон Истокот. Јакнат автократиите во светот, заедно со новата рецентрализација на Кина, по третиот мандат на Кси Џипинг. Со тоа се засилуваат и можностите за нови и посилни конфликти. Од сите тие причини, прогнозите за тоа што ќе се случува на економски план, стануваат сѐ потешки.
Македонија има сѐ послаб капацитет и да планира и да превенира, или барем колку толку да релативизира каква било посериозна неволја. Политичкиот процес, како најсилна демонстрација на културата на едно општество, секојдневно катапултира личности на државни функции кои својата држава, на највулгарен, најбезобразен начин ја третираат како „зелка-за-зделка“ на усмрдениот кванташки пазар во Скопје – и тој рентиран од „странски“ инвеститор. Се дави во некомпетентноста, во корумпираноста до коска, во неуморното секојдневно сеење лаги. Но, за да биде проблемот поголем, правиме голема грешка кога Македонија ја објаснуваме со нејзините премиери, претседатели, министри…. Обратно, сите нив можеме да ги објаснуваме со Македонија.
Затоа нашето лекување ич не е лесно.
(Во Дојран, 23.12.2022)