Зошто Бугарија инсистира заедно да чествуваме настани и личности?

Главен интерес на Софија е да докаже дека историјата ни е – бугарска. Кога ние се согласивме со тоа, за нив работата беше завршена, бидејќи заедничка историја може да има само ист народ. Тоа им е сертификат дека се во право кога игнорираат дека има Македонци.

1,994

Одговорот е многу прост: Софија насилно го наметнува заедничкото чествување бидејќи тоа е крунски доказ дека историјата ни е заедничка, што значи – бугарска. Ако го прогласиме, пак, и Гоце Делчев за заеднички херој, што се привршува, друго објаснување – нема да има.

Зошто не смееме тоа да го направиме? Прво, ако Гоце навистина бил Бугарин, Македонците никогаш не би го сметале за симбол на својата борба за слобода. Второ, Софија е свесна дека штом прифатиме заеднички да го славиме, што веќе се случува (читајте ги протоколите), тоа би била апсолутна потврда дека сме Бугари! Тоа ќе докаже дека Гоце се борел за втора бугарска држава. Трето, ако Гоце се борел за слобода на Македонците, што е непобитна вистина, тој во никој случај не може да биде бугарски херој! Тие никогаш не признале, ниту ќе признаат, дека постојат Македонци и, како таков, тој може да биде само нивни – душман.






Главен интерес на Софија е да докаже дека историјата ни е – бугарска. Кога ние се согласивме со тоа, за нив работата беше завршена, бидејќи заедничка историја може да има само ист народ. Тоа им е сертификат дека се во право кога игнорираат дека има Македонци. Софија е спремна на сѐ за да го операционализира тоа и затоа користи блокада на нашите преговори со ЕУ, филувана со уцена и ултиматум. Ако срамно и понижувачки прифатиме заедно да ги славиме и Илинденското востание и бројни други наши историски личности коишто се симболи на борбата за слободна македонска држава и носители на македонскиот вековен непокор, тоа директно и непогрешно ќе потврди дека нашите национални корени се бугарски, а јазикот нивни дијалект.

Затоа, сите наши постапки кон Бугарија, од договорот за (не)пријателство, и сѐ потоа, вклучувајќи ги и двата катастрофални и безумни протоколи од меѓувладините комисии, претставуваат грубо национално предавство на македонскиот народ. Не само во договорот, туку уште десетина пати и во двата протоколи, ние потврдивме дека историјата ни е заедничка! И нормално, Софија тоа максимално го користи. Додека тие, чекор, по чекор, ги реализираат своите историски синдроми, од другата страна имаат копук аматери, коишто немаат поим што прават, ама успешно го разнебитуваат македонскиот народ.

Не случајно, со договорот е предвидено формирање заедничка Комисија за историски и образовни прашања. Нејзина единствена цел е да ја искористи нашата будалеста согласност за заедничката историја, и да подготви терен за бришење на Македонците.

Претходната власт, текстот на договорот со Бугарија го преговараше барем 10 години. Не го потпишуваше бидејќи не се согласуваше со империјалните инсистирања на другата страна за заедничка историја; за македонскиот јазик како неавтохтон и неизворен, туку според Уставот; и, се разбира, за непостоењето на Македонците во Бугарија. Преку класичен државен удар, странците ја сменија власта бидејќи не беше спремна и за промена на името на државата. Откако ја донесоа на власт, воопшто не водејќи сметка за националните интереси на Македонците, како и за фундаментите врз кои почива државата, СДСМ го промени името и ги прифати сите бугарски уцени и ултиматуми.

Договорот за (не)пријателство не ги реши проблемите со Бугарија туку само ги официјализира. За Софија беше најважна нашата согласност да се стави на маса, и тоа го постигнаа. Со тоа, сите нивни барања станаа легитимни. За нас, пак, клучно е прашањето – со каква памет се потпиша договор за ПРИЈАТЕЛСТВО со некој што не признава дека постоиш и те присвојува; којшто не ти го прифаќа јазикот и го прогласува за дијалект на својот; и, на крајот, ама не и најмалку важно – ти ја негира историјата? Какво пријателство може да има и да се гради со таква држава? Веќе видовме.

Со договорот, итрите Бај Гањовци започнаа да ја финализираат својата 150 години стара стратегија за разнебитување на Македонците. Ги мобилизираа не само сите надлежни државни институции за постигнување на целта туку и народот, кому му ги измија мозоците, со морбидни измислици дека по Втората светска војна сме убиле 20 илјади Бугари, а 100 илјади сме прогонувале и малтретирале. И, додека тие тргнаа во жестока офанзива и започнаа студена и психолошка војна против Македонија, „нашите“ замолкнаа и воопшто не реагираа на сите нивни безумни ментални девијации. Тоа е класично неодговорно однесување. Кога државата е нападната, а така неспорно беше и е, претседателот, премиерот и МНР, во најмала рака, мораа(т) соодветно да реагираат. Тие се должни да ја бранат државата и нејзините интереси на меѓународен план, особено кога агресијата е во вид на специјална војна. При вооружен напад, се реагира по воена линија.

Со „објаснувачкиот меморандум“, испратен до клучните европски и светски фактори, Софија ги доведе во прашање иднината на Македонија и основните столбови на нејзината стабилност и безбедност. И, место одлучно и аргументирано да се одговори на измислените провокации, Македонија премолчи. Практично, тоа значеше согласност со пласираните бугарски измами и гнасотии, дека како народ постоиме од 1944 година или, поточно, дека нѐ измислил – Тито! Се нанесе огромна и неизмерлива штета не само на угледот на македонскиот народ, туку и на државата. Тоа не смее да остане неказнето. Мораат да се ангажираат врвни домашни, ако треба и странски правници, коишто ќе отворат кривични постапки за виновниците, коишто нѐ доведоа на ова дереџе.

Всушност, Македонија мораше да реагира предвреме – уште кога во Софија се подготвуваше агресијата (БАН – Влада – Собрание). Со широка дипломатска офанзива, во Вашингтон, Брисел, Берлин, Париз, Рим… исто како и во Москва, Пекинг и други важни светски центри, мораше да се предупреди што се спрема, и да се бара соодветна поддршка. Откако меморандумот беше испратен, мораше жестоко, и на најширока основа, да се возврати. Кај нас, меѓутоа, сите спиеја во длабок зимски сон. Тоа беше чиста саботажа.

Од седумте члена во бугарскиот дел на Комисијата, дури четворица биле поранешни дипломати. Во добар дел, таа решава дипломатски и политички проблеми, а не само историски, што значи дека дипломатското искуство е драгоцено. Кај нас, пак, еден е Албанец, наметнат од МНР, Османи, којшто нема никаква врска со историјата на македонскиот народ. Седмиот член, именуван деновиве (септември 2022), е специјалист за односите со Грција. Ако овие потези не се директно минирање на одбраната на македонската кауза, што се?

Ако веќе не е во состојба веднаш да ја откаже, Македонија мора со сите сили да настојува да ја замре работата на комисијата, што и се случуваше порано. Со вториот протокол, меѓутоа, прифатено е таа турбо да работи. Додека за три години, од 2019 до 2021, одржале 13 состаноци, сега ги држат секој месец (август и септември, закажано за октомври)! Се разбира дека сето тоа е под бугарски ултиматум. И не е тоа сѐ од нашите недоветности: МНР, Османи, им формира и секретаријат! Комисијата се институционализира! Ќе се формира ли и соодветно министерство?

„Чешлањето“ на учебниците е посебна приказна. Сосема е сигурно дека во сите бугарски учебници, на бројни места, се тврди дека нема македонски народ, дека ние сме Бугари и зборуваме нивни дијалект. Ако е така, прва задача на нашиве од комисијата, коишто веројатно имаат увид во бугарските учебници, е веднаш, и без никакво одлагање, да постават услов – додека тие нивни историски ујдурми не се избришат, нема никаква основа за било какво друго преговарање. За ваков настап, не им е потребна никаква инструкција. Тоа го налага нивното човечко и професионално достоинство. Дури потоа би можеле да разговараат за настани и личности, иако е тоа целосно бесмислено. Тие се на потег.

Сето ова јасно покажува дека договорот со Бугарија е причината за сите наши сегашни голготи, и идните, коишто ќе бидат уште пострашни. За негово откажување не е потребен референдум. Според член 13, став 3, од истиот, треба само другата страна да се информира со нота дека го раскинуваме, и тоа стапува во сила по една година. Причини има безброј. Доволно е да се спомне дека Софија ни го блокира пристапот во ЕУ, а со договорот земала обврска да ни помогне! Откако ќе се откаже сегашниот, треба да се покаже интерес за нов, балансиран и реципрочен договор.

Мора да ни биде јасно дека, додека овој договор е на сила, Македонија нема никогаш да влезе во Унијата. Освен, ако не прифатиме дека сме Бугари по потекло и дека јазикот ни е нивни дијалект.

Поврзани содржини