ЗОШТО БЕШЕ ИЗБРАНА БАЗА ОД СТУДЕНАТА ВОЈНА ЗА ПРЕТСТОЈНАТА СРЕДБА ТРАМП-ПУТИН? Приказната на пунктот Елмендорф-Ричардсон започнува во Втората светска војна
Преку ова, Доналд Трамп покажува дека ова не е Студена војна. Не ги повторуваме оние самити од Студената војна што се одржаа во неутрални земји, во Австрија, Швајцарија и Финска. Влегуваме во нова ера, оцени поранешниот аналитичар на ЦИА Џорџ Биби во врска со најавената средба меѓу американскиот и рускиот претседател.
Воената база на Алјаска во која денеска, 15 август, во 21.30 часот треба да се сретнат рускиот и американскиот претседател била исклучиво важна во Студената војна. Тогаш во Елмендорф-Ричардсон, во близина на градот Енкориџ, биле стационирани 200 борбени авиони и бројни радарски системи на САД.
Но, приказната на базата започна уште во далечната 1940 година, пишува АФП Њуз.
Првично, објектот имал клучна улога во воените операции на САД против Јапонија за време на Втората светска војна. По 1945 година, кога се зголемиле тензиите меѓу Советскиот Сојуз и САД, базата станала еден од најзначајните стратешки центри во регионот.
Во следните децении, американското воено присуство во Алјаска постепено се намалувало, делумно поради пренасочување на ресурси кон Виетнамската војна. Сепак, Елмендорф-Ричардсон останала значајна, особено со растечкиот интерес на Вашингтон за Арктикот.
Денес, базата располага со над 800 згради, две писти и околу 6.000 воени лица, според податоците на Тихоокеанската воздухопловна команда.
Поранешниот аналитичар на ЦИА Џорџ Биби оцени дека изборот на оваа локација носи силна симболика.
– Преку ова, Доналд Трамп покажува дека ова не е Студена војна. Не ги повторуваме оние самити од Студената војна што се одржаа во неутрални земји, во Австрија, Швајцарија и Финска. Влегуваме во нова ера – изјави Биби.
Според најавеното, Трамп и Путин првично ќе имаат тет-а-тет средба на која ќе присуствуваат само нивните преведувачи. Потоа треба да им се приклучат по 5 преговарачи од нивните тимови.
Британскиот „Телеграф“ објави дека Трамп би можел да му понуди на Путин пристап до ретки минерали за да го охрабри да ја заврши војната во Украина.
Истовремено, Трамп најави дека „ќе има размена на територии“ и дека „тоа е во интерес на Украина“.
Британскиот весник „Тајмс“ објави дека Русија и САД разговарале за израелската окупација на Западниот Брег како модел за завршување на војната во Украина.
Според ова сценарио, Русија би имала воена и економска контрола врз окупираните делови од Украина преку сопствено управно тело, имитирајќи го фактичкото владеење на Израел врз палестинските територии запленети од Јордан во 1967 година, додава весникот.