Зошто Белгија е со највисока стапка на смртност од ковид-19 во Европа?
Причината за застрашувачките податоци не се пренатрупаните болници, туку бирократската строгост на податоците, велат научниците.
Во Белгија, водечките научници се собираат секој ден за да ја објават тековната состојба на коронавирусот во земјата. И податоците се мрачни, пренесува „Блумберг“.
Иако има само 11 милиони луѓе, земјата објави повеќе смртни случаи од оваа болест отколку Кина. Со 56,8 смртни случаи на 100.000 жители, земјата има најголема стапка на смртност по глава на жител во светот – четири пати поголема од стапката во Соединетите држави.
Официјални лица во земјата велат дека причина за застрашувачките податоци не се пренатрупаните болници – 43% од креветите за интензивна нега се празни дури и во услови на криза, туку бирократска строгост во известувањето на податоците.
За разлика од многу други земји, домот на институциите на Европската унија бележи смртни случаи во старечки домови, дури и ако не се потврди инфекција.
– Честопати добиваме критики дека нашите податоци ја прават ситуацијата во Белгија прилично мрачна, но сметаме дека спротивното е точно – објаснува Стефан ван Гухт, шеф на одделот за вирусни заболувања во Институтот за јавно здравје во „Скиенсано“ и претседател на белгискиот Национален одбор за наука против коронавирусот. Тој додава дека ако се прават споредби со другите земји, бројките за Белгија треба да се преполоват.