ЗОШТО „БЕХТЕЛ И ЕНКА“ БАРА ДУРИ 4.000 РАБОТНИЦИ? Вишок кадар нема во земјава, но има компании кои можат да градат автопат квалитетно

По ова барање се отвора и прашањето со какви референци за стручен и кадровски капацитет конзорциумот ја доби работата на двата коридора, ако сега покрај општи работници бара и квалификуван стручен кадар и инженери за изведба на автопат. Или што се крие зад ова барање на конзорциумот?

4,820

Конзорциумот „Бехтел и Енка“ чукна на погрешна врата за да обезбеди работници. Треба нив да ги бараат од Владата која им ја даде работата. Комората не може да им понуди работници, туку само квалитетни компании кои под еднакви услови со конзорциумот можат да ја завршат работата на автопатиштата, велат бизнисмени од градежниот сектор и од синдикатите.

Стопанската комора вчера соопшти дека претседателот на комората Бранко Азески имал средба со претставници од конзорциумот „Бехтел и Енка“ кој треба да работи на изградба на автопатските делници од коридорите 8 и 10д. Притоа беше соопштено дека конзорциумот побарал помош за да обезбеди инженерски кадар и општи работници во вкупен број од 4.000 кој, според конзорциумот, ќе биде потребен до завршување на проектот.






По ова барање се отвора и прашањето со какви референци за стручен и кадровски капацитет конзорциумот ја доби работата на двата коридора, ако сега покрај општи работници бара и квалификуван стручен кадар и инженери за изведба на автопат ни помалку ни повеќе туку 4.000, бројка која тешко може да се најде во земјава. Или што се крие зад ова барање на конзорциумот, ако се знае дека договорот за стратешко партнерство го потпиша со претходната влада, а пратениците на партијата која сега треба да ја формира новата влада, не гласаа за договорот.

Претседателот на Здружението за градежништво во Комората, Андрија Серафимовски вели дека комората во овој случај не може да обезбеди работници, туку да понуди фирми кои имаат референци за работа на автопатишта.

– Изградбата на автопат е комплексна и неа можат да ја работат само стручни лица и компании кои имаат референци и гаранција дека можат да работат на вакви проекти. Во овој случај, како комора и здружение, ние можеме да им понудиме компании кои со своите вработени и со искуството знаат и можат да работат на изградбата на автопатиштата. Тоа и го понудила Комората. Но, ние како градежни компании бараме да работиме под исти услови како и конзорциумот – вели Серафимовски.

За него е нејасно зошто се бараат 4.000 работници за периодот во кој ќе се работи на проектот.

– Бројката е висока и за поголеми проекти. На автопатот Кичево – Охрид на пример се работи со 800 – 900 работници. 4.000 работници кои знаат да работат автопат е голема бројка и тешко е да ги обезбедат и поголеми земји од нашата – вели тој.

Бизнисмените и синдикатите велат дека слободен градежен кадар во земјава нема, посебно технички и инженерски бидејќи сите што сакаат да работат во градежништвото се вработени, а компаниите имаат отворени огласи за вработување кои тешко ги пополнуваат.

Никола Велковски од Здружението за градежништво при Комората вели дека не е паметно од ресурсите на градежните компании да се префрлаат работници во конзорциумот за да се пополнат неговите потреби, бидејќи и нашите градежни компании не успеваат да најдат соодветен кадар за нивните потреби.

– И ние се бориме да обезбедиме работници, посебно висококвалификуван кадар. Таков кадар и инженери во земјава нема. Еве јас за мојата фирма барам 2 години висококвалификувани работници, но нема. Што се однесува до општите работници и ние ги обезбедуваме со тешкотии, па затоа ги упатувам „Бехтел и Енка“ да се обратат во Агенцијата за вработување и од ресурсите на невработени да најдат потребен кадар. Ние како компании не можеме да им помогнеме во тоа, туку само владата која треба да одлучи делот од невработените кои не се јавуваат на конкурсите во градежниот сектор да ги понуди да работат или да ги избрише од евиденцијата. Така ќе му помогне и на градежниот сектор во земјава кои има потреба од работници – вели Велковски.

Тој додава дека голем проблем за обезбедување инженерски кадар е и тоа што секоја година има сѐ помалку запишани на Градежниот факултет, а оние кои завршуваат не се вработуваат во градежништвото.

– Годинава од 120 места на Градежниот факултет се запишале само 70 студенти. Тоа е загрижувачко, но уште позагрижувачко е и тоа што дипломираните градежни инженери потоа не одат во градежништвото туку се преквалификуваат и одат во други сектори, најчесто во ИТ секторот. Оваа појава и досега загрижуваше, но сега кога веќе нема инженерски кадар ќе биде тешко за градежните компании, бидејќи овој кадар е клучен – вели тој.

Од Синдикатот за градежништво велат дека и со помош на стопанската комора „Бехтел и Енка“ нема да можат да најдат 4.000 работници бидејќи во земјава веќе нема градежни работници, а уште помалку градежни техничари и инженери за изградба на автопат.

– Малите плати и борбата за егзистенција ги натераа нашите работници, градежни техничари и инженери да бараат работа во странство. Згора на ова домашните градежни компании згаснуваат една по една бидејќи не добиваат работа во земјава, а оние кои останаа да работат како подизведувачи на државни проекти наместо тие да бидат изведувачи на работите. Доколку последната голема градежна компанија „Гранит“ ја добиеше работата на коридорите ќе го зголемеше бројот на работници, наместо да се обидува да ги задржи или отпушта. Но, досегашните влади размислуваа поинаку па донесоа странски фирми да работат на изградба на автопатиштата, и ни се случи Кичево – Охрид да се гради со децении, а коридорите 8 и 10д и по една година не се почнати да се градат. Затоа, пак, пари од државната каса одат и за двете странски фирми. На едната веќе 10 години, а за другата една година и покрај што нема направено ниту метар пат, туку истражува. Нашите фирми како подизведувачи во овие големи државни проекти земаат само ронки од огромниот колач, а работниците добиваат ниски плати затоа и си одат од земјава – вели претседателот на синдикатот на градежници Иван Пешевски.

Тој смета дека причина за немањето работници за изградба на патните коридори 8 и 10д е и тоа што владата донесе законски измени со кои работниците треба да работат 72 часа во текот на неделата во екстремно лоши услови.

– На овие луѓе и плата да им дадеш не знам колку висока нема да можат да работат. Останаа само повозрасни работници кои не можат да работат во екстремни услови, а и да се млади не смееме да дозволиме да работат во вакви услови. Но владата и Уставниот суд кој не поведе постапка за иницијативата одлучија да бидат на страната на странскиот конзорциум, бидејќи за нив е сеедно дали ќе работиш 40 или 72 часа во текот на неделата кои патем и нема да ти бидат платени. Од друга страна домашните компании кои немаат доволно работа се обидуваат на секој начин да ги задржат работниците, посебно техничкиот и инженерскиот кадар. Секој нека се запраша дали со просек на плата од 29.000 денари некој ќе сака да работи како градежен работник – вели Пешевски.

За синдикатот е најјасно зошто „Бехтел и Енка“ сега бара помош од Стопанската комора да најдат работници и инженери, бидејќи договорот за стратешко партнерство не го потпиша со Комората, туку со Владата.

– Од каде Комората да најде работници? Таа е здружение на компании не е Агенција за вработување. Владата, пак, знаеше дека нема работници, но потпиша стратешки договор кој мислеше веројатно дека ќе го реализира со екстремно ангажирање на работниците и без да размислува што по реализацијата на проектот – вели Пешевски.

Конзорциумот „Бехтел и Енка“ лани во март го потпиша договорот за стратешко партнерство со владата во март лани и со него е предвидена изградба на автопатските делници Тетово-Гостивар-Букојчани и Требеништа – Струга-Ќафасан на Коридор 8 и Прилеп-Битола на Коридор 10д.

Договорот остана тајна за граѓаните иако тежи 1,3 милијарди евра.

„Бехтел и Енка“ во регионот има реализирано проекти за изградба на автопатишта во Албанија, Косово, Србија, Хрватска, Турција и Романија. Заедно, „Бехтел и Енка“ имаат изградено повеќе од 28.000 километри автопатишта и патишта, 100 тунели и 26 големи мостови.

Поврзани содржини