Зошто Балканците не сакаат литиум и злато?

Дали балканските земји ќе послужат како современа „колонија“ за суровини за развиените ЕУ земји? Изгледаат како идеална сурогат замена за европските обврски за задолжително европско производство на минерални суровини. Ем сме тука блиску, не треба да плаќаат скап транспорт. Ем сме сиромашни и желни за странски инвестиции, а со доста лабилен и „проточен“ правен систем. Ем сме во чекалната на ЕУ и се молиме за добар извештај, за добар поглед.

3,532

Рудниците за литиум ја кренаа на нозе еколошка Србија. Како рудниците за бакар и злато пред некоја година Македонија, како и рудниците за злато во Бугарија и Грција претходно.

Пожар од антирударски протести се шири низ Балканов последнава деценија. Зошто Балканциве се противат на отворање рудници кога природата им подарила скапоцено рудно богатство, литиум, бакар, злато, еееј? Толку ли се „прости“, според некои, да не знаат да ценат дека тоа вреди милијарди? Па еве и Европската унија го поддржува нивното отворање, нивните банки се на готовс, на нашиве држави им се претскажува невиден економски прогрес…!?






На прва, може да се каже дека никој нема против благородните метали, но не сакаат да се копа во нивниот двор и да се загадува водата што ја пијат, ниту пак да бидат избркани од дома поради претворање на домот во отровна пустина. Зошто во дворот? Зашто толкав ни е просторот, без можност за тампон зони за заштита.

Да ги видиме фактите што се кријат под златниот превез, за да биде разбирливо за сите, и за навивачите и за противниците на овој тренд.

Што ги побуди антирударските протести? Овој граѓански отпор на Балканот почна по страотната еколошка катастрофа во Баја Маре, Романија, во 2000-та година, кога се излеа хидројаловиштето на рудникот за злато полно со 100.000 метри кубни цијаниден раствор. Дојде до помор на живиот свет во сливните подрачја на реките Тиса и Дунав, со тони отруени риби и други животни што се хранеле со нив, како и затруена вода за пиење и загадена почва со тешки метали за децении однапред. Оваа еколошка катастрофа директно погоди 2,5 милиони жители на Романија и Унгарија и се смета за најголема во Европа по Чернобил. А помали излевања од хидројаловишта на веќе постоечки рудници за метали, сме виделе и осетиле сите на Балканов.

Зошто е оваа потрага по нови рудници за метали на светско ниво? Затоа што современата технологија во огромен дел се базира на метали, а посебно актуелната зелена енергетска транзиција од фосилни кон обновливи извори, за изработка на батерии, сончеви панели, ветерници, дигитална опрема, електрични возила и др. Факт е дека експлоатацијата на металичните минерални суровини секогаш била тесно поврзана со развојот на човечката цивилизација и технолошките револуции.  Но, старите наоѓалишта се исцрпуваат и се бараат нови, макар и од помал обем и со послаба издашност. Јасно е дека овој процес на нови ископи не може да оди во бескрај, па светот ќе мора сериозно да се сврти кон рециклирање и изнаоѓање нови технологии.

Кои земји во светот се најбогати со метални руди и рудници? Генерално, најмногу ем руди, ем рудници, имаат најголемите по територија, со големи ненаселени подрачја – Австралија, Кина, Русија, Канада, САД, а од европските – Шведска и Финска. Така, најмногу резерви на литиум имаат: Австралија, Чиле, Кина, Аргентина, САД, Бразил, Зимбабве, Португалија, Боливија, Канада, па нешто помалку Германија, Австрија, Финска, Србија, Шпанија. Првите 10 се и најголеми производители на литиум, со активни рудници.

Најмногу резерви на злато имаат: САД, Германија, Италија, Франција, Русија, Кина, Швајцарија, Јапонија, Индонезија, Холандија, Турција, Австрија, Белгија, Шведска, Австралија. Но, интересно е дека НЕ СИТЕ земји богати со златни резерви, активно ги користат, посебно не во Европа. Најголеми произведувачи на злато се: Кина, Австралија, Русија, Канада, САД, Мексико, Јужна Африка, Казахстан, Перу, Узбекистан, Гана, Индонезија, Буркина Фасо, Бразил. Забележливо, сите овие земји имаат солидно големи површини и што е уште поважно, имаат изолирани простори кои може да направат тампон зони помеѓу населените места и рудниците.

Зошто Европската унија инсистира на рудници во самата Европа?

Прашањето стана геостратешко и транснационално по многуте кризи и по руската инвазија на Украина, од кога започна процес на постигнување независност на европските држави од руските и кинеските енергенси и минерални суровини. За таа цел, во декември 2023, Европскиот парламент донесе Акт за критични минерални суровини, Critical Raw Material Act, во кој се дефинирани 34 суровини кои се неопходни за спроведување на зелената агенда, а кои се дел од надворешни синџири на снабдување. За да се спречи евентуален прекин на процесите поради целосната зависност од увоз, Европската комисија наложува задолжително домашно учество: во ископување од рудници во ЕУ најмалку 10%, во преработка од фабрики во ЕУ најмалку 40%, во рециклирање најмалку 25% од потребите од металите, или севкупно најмногу 65% увоз од трети земји годишно.

За да се сфати нелагодноста на ЕУ поради зависноста од Кина за увоз на критични минерални суровини, треба да се знае дека таа ја снабдува со речиси 90% од потребите. Доминацијата на Кина на овој план на светско ниво изнесува високи 60%. Она што е интересно за нас на Балканот, во стратешките материјали за зелената агенда се и литиумот и бакарот, но не и златото.

Како земјите од ЕУ ќе го спроведат овој план?

Се поставуваат 3 големи прашања:

1) Како ќе направат гигантски скок од сегашната скромна продукција на метали од 3%, до зацртаните бројки, откако веќе половина век ги имаат затворено најголем дел од рудниците, кои на почетокот на минатиот век покривале дури 40% од светските потреби?

2) Како ќе ја вклопат рударската дејност во строгата регулатива за заштита на животната средина што си ја почитуваат и спроведуваат, а знаеме дека рудниците со метали се најголеми загадувачи? При ископувањето на рудата се загадува целата околина со тешки метали, а при екстракцијата на металот од рудата во огромни езера со раствори на цијаниди или сулфурна киселина, постои голема опасност од попуштање на браната на хидројаловиштето и излевање на отровното езеро, во реките и нивите. Зашто, металургијата, и црната и обоената, е по дефиниција тешка и загадувачка индустрија. Факт.

3) Како ќе ги внесат рудниците во бајковитите зелени пејсажи, кога европскиот простор е густо населен, со обработено земјиште и уредени и заштитени подрачја, богати со природни и културно-историски вредности? Како ќе ги задржат сертификатите за здрава храна и органско производство, кога тие се поврзани со јасни прописи на која оддалеченост не смее да има загадувачка индустрија? Густината на населението се движи од 18-1.693 луѓе на километар квадратен, најмалку во Финска и Шведска, најмногу во Малта, па во Холандија, Белгија, Германија, Италија, или во просек 112 луѓе на километар квадратен.

Досега, металичните суровини се увезуваа главно од други држави и континенти, каде што процесот за експлоатација е многу поевтин поради пониските стандарди за животната средина, како и за условите при работа. Значаен фактор за практично повеќедецениско „исфрлање“ на рудниците од европските држави беа и нивните еко-активисти и зелени политичари, кои последниве децении зајакнаа и се изборија за високи стандарди за заштита на животната средина и биодиверзитетот. Затоа Швајцарија и Австрија во еден момент одлучиле дека за економски развој не им се потребни рудници за злато (иако со огромни резерви), па се фокусирале на производство на здрава храна и туризам, кои би биле загрозени со присуството на загадувачката индустрија на нивните ограничени територии.

Дали балканските земји ќе послужат како современа „колонија“ за суровини за развиените ЕУ земји? Изгледаат како идеална сурогат замена за европските обврски за задолжително европско производство на минерални суровини. Ем сме тука блиску, не треба да плаќаат скап транспорт. Ем сме сиромашни и желни за странски инвестиции, а со доста лабилен и „проточен“ правен систем. Ем сме во чекалната на ЕУ и се молиме за добар извештај, за добар поглед.

Еве гледаме, српскиот литиум стана вредна валута за купување на политичката прифатливост на Вучиќ и српската влада за Европската унија. На тој ист Вучиќ на кој до пред некој месец не му ги признаваа изборните резултати дури ни на локално ниво, давајќи и силна политичка, морална и секаква друга поддршка на опозицијата. Па така, додека српските екологисти протестираа против отворање на најавените рудници за литиум по плоштадите и зелените полјани, штитејќи ги реките, полињата и селата, очекувајќи европска поддршка и во оваа битка, се случи чудо. Германскиот премиер Шолц лично дојде во Белград за да се потпише меморандум помеѓу Србија и ЕУ за стратешко партнерство за користење на литиумот што се планира да се ископува во Србија.  Во таа иста земја, на која и беа затворени вратите од европската елита, поради редица забелешки за степенот на демократичност, односот кон Косово и блиските врски со Русија. Но, Јадар во Србија се смета за едно од најголемите европски лежишта на литиум и сметката е направена.

Патем, милијардите од рудниците ги даваат банките, ги земаат главно рударските магнати и лобисти, се плаќаат релативно мал број вработени, а по некоја цркавица останува за државата. За оние што не знаат, концесискиот додаток за концесионерите кај нас е САМО 2%, во Србија 2,5%, па сметајте! Ете ТОА останува како ќар за државата. Ни се наметнува всушност, неолиберална зелена агенда, спротивна на основните принципи на зелената идеологија: заштита на животната средина, биодиверзитетот и здравјето на луѓето; социјална правда и праведна енергетска транзиција; човекови права и почитување на различностите; ненасилство и дијалог.

Констракта би рекла: И шта чемо сад?( И што сега?)

Треба уште многу да се зборува, да се дебатира и проучува. Сите си ја сакаме земјата и и мислиме добро, па ајде да се договориме како сограѓани како понатаму. Економскиот развој е важен, но не по цена на здравјето и животната средина, кои се исто така важни фактори за среќа, но и за избор на местото на живеење.

Поврзани содржини