ЗНМ со обука на новинари за насилен екстремизам и тероризам

161

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) објави повик за обука на новинари во рамките на проектот „Градење на отпорност против насилниот екстремизам и тероризам преку зајакнати новинари, медиуми и владини претставници“.

Трите работилници ќе се одржат преку интернет во ноември 2020 година, а термините за секоја од тридневните работилници дополнително ќе се потврдат.






Обуката ќе ја одржат проф.д-р. Никола Дујовски, кој има големо искуство и знаење на оваа тема и повеќе ќе се фокусира на ситуацијата во земјава за насилниот екстремизам и тероризам, како и за известувањето на  новинарите како реакција на овие настани и проф.д-р. Дејан Миленковиќ од Србија, кој ќе зборува за состојбата со насилниот екстремизам и тероризам во Западен Балкан, Европа и во светот, анализирајќи ги најпознатите терористички напади и известувањето за нив.

Главната цел на обуката, како што посочуваат од ЗНМ, е да се постигне општо разбирање на новинарите за начинот како да се известува за случаите поврзани со насилен екстремизам и тероризам.

Овие тридневни работилници за обука преку Интернет се наменети за новинари кои имаат неколку годишно искуство, млади новинари и студенти по новинарство или други сродни области како што се општествените и политичките науки и за оние кои сакаат да се стекнат со нови и / или ги продлабочуваат своите знаења и вештини при известување за случаите поврзани со насилен екстремизам и тероризам.

ЗНМ во партнерство со Иницијатива за европска перспектива ИЕП и Институтот КОНИЦА го започнаа проектот „Градење на отпорност против насилниот екстремизам и тероризам преку зајакнати новинари, медиуми и владини претставници“. Проектот е финансиран од Хедаја (Hedayah, International Centre of Excellence for Countering Violent Extremism), Абу Даби во рамките на глобалната програма STRIVE програмирана од ЕУ.

Поврзани содржини