ЗНМ и СЕММ го осудија нападот кон новинарот на Плусинфо, бараат МПЦ да се огради од попот
Во континуитет укажуваме дека работата на новинарите е јавна, а нивното право на слободно известување е неприкосновено право. Сепак, вербалните напади врз новинарите продолжуваат и нема санкции, додаваат од ЗНМ и СЕММ.
Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) ги осуди најновите два инцидента кон новинарите, меѓу кои и на новинарот на Плусинфо Мартин Богатиноски, кој беше вербално нападнат од свештеник на МПЦ-ОА на погреб на неговиот дедо.
„Освен јавна осуда на овие инциденти, ЗНМ и СЕММ бараат да има и формално проследување на настаните од страна на одговорните институции и службените лица. Истовремено, очекуваме и дека МПЦ-ОА ќе се огради од неодговорните настапи на поединци кои се дел од МПЦ-ОА, и воедно ќе им укаже дека односот кон јавноста мора да биде проследен со одговорен, а не насилнички пристап, секогаш, па дури и кога не се согласуваат со ставовите на новинарите и на граѓаните“, се наведува во реакцијата на ЗНМ и СЕММ.
Здруженијата наведуваат дека последните напади доаѓаат во пресрет на 2 ноември, Меѓународниот ден против неказнивоста на нападите кон новинарите, а овие напади се само дел од низата регистрирани последнава година, вкупно 14 на број. Оттаму укажуваат дека само еден случај на закана кон новинарка, е решен со судска пресуда во 2020 година, што е разочарувачки.
„Новинарот Мартин Богатиноски од Плусинфо посведочи дека бил предмет на вербален атак од страна на свештено лице на МПЦ-ОА. Според колегата Богатиновски, на погребот на негово блиско лице од семејството, имало инцидент од страна на присутниот поп, кој вербално го омаловажувал новинарот на Плусинфо поради претходно објавени текстови во врска со МПЦ-ОА. Во укажувањата од колегата Богатиновски се вели дека инцидентот се случил откако новинарот побарал објаснување од попот, зошто не е дозволено свештеник од Православната охридска архиепископија (ПОА) да учествува на верскиот чин на погребот“, се наведува во реакцијата на ЗНМ и СЕММ.
– Попот многу се вознемири кога слушна каде работам, па веднаш ме нападна дека ние новинарите од Плусинфо сме задртени новинари, што и да му значеше тоа. Потоа, рече дека сме предавници, неверници и продадени души, наведувајќи колку му пречи тоа што на Плусинфо се објавувале бројни текстови против МПЦ-ОА – сведочеше Богатиноски.
„Денеска, колегата Богатиноски на неговиот профил на социјалните медиуми укажа дека истиот поп телефонски се јавил на неговите родители по што заканите продолжиле“, додаваат од новинарските здруженија.
Во друг инцидент, како што соопшти ЗНМ, новинарката Памела Цилаков дописничка за Велес од Македонската радио-телевизија (МРТ) вели дека родители на деца од подрачното основно училиште во село Клуковец „Васил Главинов“, за кое таа изготвувала сторија, вербално ја нападнале. Вербалната расправија според Цилаков, дошла до ниво во кое таа стравува дека може да биде и физички атакувана. Откако сторијата за овој инцидент ја објавил локален портал, Цилаков добила низа на непријатни пораки преку Фесјбук од жителите на истото село, со закани дека ќе ја тужат и пријават во полиција поради давање лажен исказ.
„Во континуитет укажуваме дека работата на новинарите е јавна, а нивното право на слободно известување е неприкосновено право. Сепак, вербалните напади врз новинарите продолжуваат и нема санкции“, додаваат од ЗНМ и СЕММ.