Знаеме ли колку сме ранливи како држава?
Критичарите на договорот од Преспа меѓу политичарите и интелектуалците сметаат дека „работата е готова“, „предавството“ е направено, државата е во НАТО, па сега можат непречено да го имитираат поведението кое доведе до тридецениската блокада на иднината на државата и нејзините народи. Не знаат дека „работата“ воопшто не е готова како во меѓународната така и во домашната политика. Таму, имено, работите никогаш не се „готови“.
Соочувањето со новиот надворешно-политички предизвик, спорот со Бугарија, е показател што сме научиле од претходниот спор, оној со Грција: ништо.
Критичарите на договорот од Преспа меѓу политичарите и интелектуалците сметаат дека „работата е готова“, „предавството“ е направено, државата е во НАТО, па сега можат непречено да го имитираат поведението кое доведе до тридецениската блокада на иднината на државата и нејзините народи. Не знаат дека „работата“ воопшто не е готова како во меѓународната така и во домашната политика. Таму, имено, работите никогаш не се „готови“.
Преку седумдесет проценти од Грците се против договорот со кој се дозволи „грчкото име Македонија“ да означи словенска нација и јазик. Поголемиот дел од Македонците, пак, сметаат дека е извршено национално поредавство со промена на името. Е, врз тој човечки вулкан од гнев на двете страни на границата стои Преспа, договор кој е производ на коинциденцијата на интересите на Западот во големата битка за влијание на Балканот и храброста и невољите на водачите на две партии од левицата, СДСМ и Сириза. Но, националистичкиот наратив кој е причина број еден за страотното доцнење на земјата кон евроатлантските интеграции како и нивните носители, никогаш не беа масовно изложен на сериозна критика во политиката и во науката на Македонија.
Никогаш никому не му падна на памет да го направи она што американските политички институции сега се обидуваат да му го сторат на поранешниот претседател Трамп: доживотно да му забранат да се занимава со политика. Да не се „бранува“ беше девизата на идните носители на власта на кои им беше поважно да го смилостиват тогашниот претседател да им го даде мандатот отколку јавно да се прозбори за неговите и на владата погрешни политики на „антиквизација“.
Така останавме покуси за една сериозна расправа во општеството за тоа кој, кога и како ја вовлече земјата во идентитески спор кој, за оние кои ја разбираа меѓународната политика, завршуваше само со наша капитулација. Остана негибната доминантната националистичка свест дека ние сме секогаш во право, дека нашите политичари и научници ништо не згрешија кога ги положија темелите на нашиот идентитет во грчката историја и култура. Ништо не се обидовме да си објасниме, ако не за друго тогаш барем за да не ги повториме грешките. Па така, со ореолот на национални херои кои, ете, не извршиле национално предавство, нова генерација македонски политичари денес сака да дојде на власт. Таа генерација, играјќи на повреденото достоинство на народот и неговиот искрен (иако неук) патриотизам, го проблематизира Преспанскиот договор и го отфрла договорот со Бугарија. Што ќе се случи ако дојдат на власт и ако им се укаже приликата тоа и да го сторат?
Тесното мнозинство на владеачката коалиција овозможува секакви можни калкулации за смена на власта во парламентот. Со демократизацијата на македонското општество и отсуството на страв кај пратениците од полициски интервенции во нивните животи, секакви комбинации за менување страни стануваат возможни, вклучувајќи ги и оние лукративните.
Можеме набргу да заличиме на политичкиот систем на држава која толку долго го носи факелот на слободата и демократијата – Франција, кога западна во длабока криза. Имено, во француската четврта република, мали и безначајни политички формации во парламентот одлучуваа за судбината на владата, па просечниот век на нејзиното владеење беше осум месеци.
Големото надворешно-политичко прашање, деколонизацијата, не можеше да се реши бидејќи дојде до парализа на системот која ја доведе земјата на работ на граѓанска војна во 1958 година. Да, моќната Франција тогаш беше членка на НАТО и на ЕЗ. А ранлива Македонија денес? Многу наши политичари и интелектуалци се играат со нејзината судбина однесувајќи се како слонови во стакларник.