ЗНАЕ ЛИ МИЦКОСКИ НЕКОЈ ДРУГ ПАТ ДО ЕУ, А КОЈ НЕ МИНУВА НИЗ БУГАРИЈА? Опозицијата има план за почеток на преговорите со ЕУ ама ќе го каже после изборите
Експертите со коишто разговараше Плусинфо велат дека е многу тешко изводливо да започнеме преговори со Унијата без да ги исполниме бугарските барања, но, додаваат, дека ништо не е невозможно.
Постои ли начин Македонија да ги започне преговорите со Европската Унија, а истовремено да го заобиколи бугарското вето и да ги игнорира поставените бугарски услови кои најчесто се проследени со провокации и навреди кон македонскиот народ?
Ова прашање синоќа го актуелизираше лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој рече дека неговата партија има план како да започнеме преговори со ЕУ, а без да направиме уставни измени и без да ги внесеме Бугарите во Уставот.
Тој не откри детали за ваквиот план, туку само рече дека планот се темели на три столбa: економски, политички и национален.
Експертите со коишто разговараше Плусинфо велат дека е многу тешко изводливо да започнеме преговори со Унијата без да ги исполниме бугарските барања, но, како што појаснуваат, ништо не е невозможно.
Само губиме, ништо не добиваме
Повеќе детали за планот на Мицкоски побаравме директно од „Белата палата“, а оттаму ни одговорија дека за да се реализира планот најпрво треба да се организираат парламентарни избори.
– Планот поаѓа од фактот што досега државата направи многу отстапки, а за возрат не доби ништо, односно после секоја отстапка Македонија губи повеќе. Затоа, сега сме подготвени да разговараме за преговори со ЕУ и како до решение со Бугарија, но најпрво да има избори, потоа да понудиме и да побараме комплет кој ќе овозможи гаранција и заштита на трите клучни столба: национален, политички и економски. Што ќе добие Македонија од одблокирањето на процесот? Со сигурност ќе се обезбеди сериозна финансиска инјекција за решавање на проблемите на граѓаните – брифираат од партијата.
Ја запрашавме германската министерка дали може таа лично да ни гарантира дека со отворањето на Уставот практично ќе ни се отвори патот кон ЕУ, но таа дипломатски ни одговори дека ќе нѐ поддржува во иднина и дека ќе биде покрај нас, но дека не може да ни даде гаранција
Поранешниот министер за надворешни работи и актуелен пратеник во редовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, пак, во разговор за Плусинфо откри дека германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок, која вчера ја посети Македонија, одбила да даде гаранција дека внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав автоматски ќе значи почеток на преговорите на земјава со ЕУ.
– Вчера се сретнавме со германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок и ја отворивме темата за условите што ги добива Македонија од Бугарија, а поради кои не можеме да започнеме преговори со ЕУ. Тогаш ѝ рековме: многу работи во различни периоди досега биле побарани од Македонија како концесија, вклучително и уставните измени, промената на државното име, промената на државното знаме… И секогаш сме добивале одговор дека патот кон Европа ќе ни биде отворен веднаш штом ги реализираме тие задачи. Но, овојпат, ѝ посочивме на германската министерка, нашата најголема дилема и недоверба е дали внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав ќе биде последната уцена или е само уште едно условување пред следните 10 нови услови?! Ја прашавме германската министерка дали може таа лично да ни гарантира дека ова бугарско барање ќе биде последното и дека со отворањето на Уставот практично ќе ни се отвори патот кон ЕУ, но таа дипломатски ни одговори дека ќе нѐ поддржува во иднина и дека ќе биде покрај нас, но дека не може да ни даде гаранција – објаснува Милошоски.
Не зависи од нас
Внимателно го слушав господинот Христијан Мицкоски кога говореше дека има план за тоа како да ги почнеме преговорите со ЕУ без да ги исполниме барањата на Бугарија, но сметам дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ користеше игра на зборови, иако, таков план би можел да стане реалност, само што тоа не зависи од нас, вели поранешниот амбасадор на Македонија во НАТО, Нано Ружин.
– Постои друг пат, но тоа зависи од другата страна, односно Бугарија треба да се откаже од тоа што го бара, или, пак, да биде уценета од ЕУ и на тој начин да ги повлече условите за Македонија. Но, договорите се еднаш донесени и тие не се менуваат. Јас лично пред неколку дена се сретнав со мојот близок пријател Мишел Фуше, кој му е советник на францускиот претседател Емануел Макрон, а кој ми рече дека проблемот со Софија е најобично техничко прашање кое, за жал, пререснало во политичко прашање. Тој ми тврдеше дека внесувањето на Бугарите во Уставот ќе биде последниот услов и дека веднаш после тоа ќе ни се отвори патот кон ЕУ – вели Ружин за Плусинфо.
На прашањето дали реално постои начин да се игнорираат условите што ни ги поставуваат источните соседи, а ние да ги почнеме преговорите со Унијата, тој вели дека тоа може да се случи само доколку се реформира Унијата.
Постои друг пат, но тоа зависи од другата страна, односно Бугарија треба да се откаже од тоа што го бара, или, пак, да биде уценета од ЕУ и на тој начин да ги повлече условите за Македонија
– Потребно е да се случи таа најавувана реформација на ЕУ, односно да се воведе правило да се носат одлуки со квалификувано мнозинство. Тоа значи дека нема да може само една или две земји-членки да кочат одреден процес со тоа што ќе го искористат правото на вето, туку одлуките ќе ги носи мнозинството земји-членки. И тоа е желба и на Макрон и на германскиот канцелар Олаф Шолц, меѓутоа, таквиот начин на носење одлуки веројатно нема да го прифатат особено државите од поранешниот посткомунистички систем. А за да се усвои промената, потребно е сите земји-членки да ја прифатат – појаснува нашиот соговорник.
Ружин смета дека ставовите на опозицијата и на власта во однос на уставните измени веќе почнуваат да се приближуваат.
– Имам сознанија дека опозицијата полека почнува да ги менува погледите во однос на уставните измени. Наводно, единствената дилема е дали уставните измени да се извршат пред или по парламентарните избори. И тоа е единствената дилема. Но, со оглед на тоа што изборите нема да се одржат оваа година, ние автоматски губиме време. Впрочем, додавањето на Бугарите во Уставот воопшто не треба ни да се смета за уставна промена. Западњаците сметаат дека тоа не е промена на Уставот, туку е само вметнување нови малцинства во Преамбулата. И тука нема ништо страшно – вели Ружин.
Да се вратиме на почеток
Изјавата на Христијан Мицкоски мора да се разбере на начин дека патот по којшто сме тргнале никогаш нема да нѐ доведе до Европската Унија, вели поранешниот амбасадор Ристо Никовски.
Секој понаков чекор од досегашните наши чекори, односно сѐ друго што ќе се презема ќе биде оправдано и ќе биде на линија на интересите на оваа држава и на луѓето што живеат во неа
– Секој поинаков чекор од досегашните наши чекори, односно сѐ друго што ќе се презема ќе биде оправдано и ќе биде на линија на интересите на оваа држава и на луѓето што живеат во неа. Бугарија нема никогаш да признае дека постои македонски народ, дека има македонски јазик и македонска држава. А за да заврши процесот на прием во ЕУ, тоа мора да го потврди и бугарското Собрание, каде што има апсолутен консензус кон тоа прашање дека не постои Македонија и сѐ што е македонско. Според тоа, потребно е да се тргне од самиот почеток, а тоа значи поништување на Договорот за пријателство помеѓу Македонија и Бугарија, бидејќи тој договор е апсолутна причина за сите наши голготи на коишто сме изложени. Тој договор се злоупотребува, бидејќи во него нема никаква клаузула која би укажала на тоа дека Бугарите треба да влезат во македонскиот Устав. Затоа, сметам дека најпаметно е да се почне од почеток и на рамноправна основа да се преговара со Бугарите – коментира Никовски.
Тој тврди дека сите аргументи се на наша страна.
– Само со водење преговори на рамноправна основа ќе можеме да ги доведеме Бугарите во ќош, бидејќи сите земји-членки на Европската Унија ќе бидат на наша страна. А ако ние постојано капитулираме и упорно ги прифаќаме сите срамни и понижувачки услови, уцени и ултиматуми, нормално е и останатите земји-членки на ЕУ да тежнеат кон другата страна и да очекуваат и Македонија и во иднина да се однесува на ист начин. Со кратки зборови, планот на Мицкоски е дека вака веќе не може и дека нешто треба да се менува – објаснува Никовски.