📽 ЗЛАТНА ТРЕСКА ЈА ТРЕСЕ СРБИЈА Кај Нови Пазар откриена жица вредна 11 милијарди долари
Австралиската компанија „Стрикленд Металс“ ја пронајде најсилната минерализација на злато досега во Рогозна, според објавата на првите резултати од истражното дупчење во полето Шанац.
На помалку од 300 километри од Скопје, на планината Рогозна кај Нови Сад, Србија, е откриена златна руда вредна 11 милијарди долари.
Австралиската компанија „Стрикленд Металс“ ја пронајде најсилната минерализација на злато досега во Рогозна, според објавата на првите резултати од истражното дупчење во полето Шанац, пишува српски Бизпортал.
Првата дупка што ја ископа „Стрикленд“ кај Шанац покажа појас од 89,7 метри со 4 грама злато по тон на 244,5 метри и дури 10,5 грама на тон во појас од 24,1 метри, на длабочина од 296,2 метри.
Управниот директор на компанијата, Пол Лерпиние, рече дека резултатите од првата дупка, што „Стрикленд“ ја дупчи оваа година, се феноменални.
– Не само што ги откривме најголемите количества злато што некогаш биле пронајдени на Рогозна, туку наидовме и на екстензивна минерализација на бакар и на злато, долга околу 109 метри, со 1,3 грама на тон злато со 0,4% бакар, вклучувајќи повеќе зони на масивен халкопирит, со до 11% присуство бакар – рече тој.
Лерпиние заклучува дека ова е многу големо наоѓалиште со дебела зона на висококвалитетно злато и забележува дека наскоро ќе започне дупчењето што ќе ја одведе компанијата „Стрикленд“ до централната зона.
Компанијата, исто така, наведе во соопштението дека сѐ уште е исклучително добро финансирана, со 48,7 милиони долари во готовина и акции на NST (Northern Star Resources) на крајот на јунскиот квартал.
Ако количината на злато што се проценува дека постои во Рогозна се помножи со сегашната цена на златото на берзата од околу 73.000 евра за килограм, таа бројка би била околу 11 милијарди евра, пренесуваат хрватските медиуми, пишува српски Бизпортал.
„Стрикленд“ пред неколку дена објави ветувачки прелиминарни истражувачки резултати кои укажуваат на значајна геолошка аномалија на местото Обрадов Поток на планината Рогозна. Идентификуваната аномалија, која започнува приближно 100 метри под површината и се протега на 400 метри во должина, може да сигнализира присуство на екстензивна минерализација, што се совпаѓа со геохемиските знаци на злато и други минерали во примероците од почвата, објавија австралиските медиуми.