ЗИМАТА ГО ИЗНЕНАДИ ГРАД СКОПЈЕ?! Улицата Димо Хаџи Димов не добива асфалт оти не чини времето
Следи асфалтирање на улицата и тоа со завршен слој асфалт СМА за чие вградување, согласно техничките стандарди, потребно е суво не врнежливо време и температура на воздухот и тлото над 15 степени Целзиусови во текот на денот, велат од Град Скопје за Плусинфо.
Жителите на Кисела Вода, кои секојдневно ја користат улицата Димо Хаџи Димов, и натаму ќе цапаат во кал и ќе дишат прашина, бидејќи, како што велат од Град Скопје, потребни се температури над 15 степени во текот на денот за да биде нанесен нов асфалт.
Градските власти нѐ информираа дека на посочената улица се извршувале неколку зафати, па поради тоа се одложил рокот за завршување на проектот, а и временските услови не биле на нивна страна за нанесување на завршниот слој асфалт.
– На улицата Димо Хаџи Димов не се работеше само на реконструкција на коловозот туку и на комплетна изведба на атмосферска канализација и нов водовод, при што се завршени и сите водоводни приклучоци кон околните објекти кои беа многу на број. Следи асфалтирање на улицата и тоа предвиден е завршен слој асфалт СМА за чие вградување согласно техничките стандарди потребно е суво не врнежливо време и температурата на воздухот и на тлото да биде над 15 степени Целзиусови во текот на денот – велат од Град Скопје за Плусинфо.
За целосната реконструкција на улицата Димо Хаџи Димов, како што изјави градоначалничката Данела Арсовска во септември лани, Градот ќе издвои 41 милион денари.
Како што пишувавме претходно, жителите на Кисела Вода сѐ прашуваа што се случува со улицата Димо Хаџи Димов, бидејќи градоначалничката Арсовска им вети дека ќе им го реши деценискиот проблем. Предвидениот рок измина, но улицата и натаму е целата раскопана. Неколкупати беше целосно затворена за движење, па тие што живеат таму не можеа да стигнат до своите домови со автомобил.
Инаку, улицата Димо Хаџи Димов е една од главните артерии во населбата Кисела Вода по која минува и автобусот со број 24, а исто така ја користат и жителите од Пржино.